Сутерен.мк

Во понеделник нов протест за Онкологија

Покрај најавата за протест, од неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ прашуваат и дали поранешна директорка на Клиниката за онкологија е дел од шемата за крадење лекови

Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика граѓаните да излезат на нов, втор по ред протест во врска со случувањата на Клиниката за онкологија каде што, според пишувањата на одредени медиуми, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Протестот, како што се наведува во објавата, е закажан за 18 часот пред зградата на Владата.

На претходниот протест, кој се одржа на 4 септември пред Владата и Јавното обвинителство, беше поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со информации за случувањата на Онкологија, истовремено најавувајќи дека за една недела повторно ќе излезат на улиците.

Покрај најавата за протест, од организацијата прашуваат и дали поранешна директорка на Клиниката за онкологија е дел од шемата за крадење лекови.

„Според нашите информации, во шемата, каде што пациентите плаќале и до 4 000 евра лек, била инволвирана и поранешна директорка на Клиниката за онкологија. Оваа директорка во минатото добила кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување поради предизвикана штета на Клиниката за онкологија од неколку милиони евра. Најстрашното е што токму оваа директорка сè уште работи на Клиниката за онкологија“, се наведува во постот на Фејсбук.

Од организацијата, како што се наведува понатаму во објавата, бараат од Основното јавно обвинителство и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да обзнанат дали воопшто истрагата за поранешната директорка резултирала со судска пресуда, како и да се отвори истрага за наводите кои стигнале до нив.

„Исто така, го повторуваме нашиот ултиматум во рок од една недела ОЈО да излезе со детали до каде е истрагата, со цел повторно одредени партиски ликови да не бидат заштитени од кривичен прогон. Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестот в понеделник, кој ќе се одржи од 18 часот пред Владата“, се вели во објавата.
Обвинителството и полицијата на 1 септември влегоа во Клиниката за онкологија каде што извршија претрес и запленија компјутери и документација, но засега од истражните органи нема информации за тоа кој, како и кога манипулирал со терапијата на болните на Клиниката и потоа ја препродавал на црниот пазар.

Јавното обвинителство неделава посочи дека го разбираат интересот на јавноста за овој предмет и дека во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *