Суданската армија соопшти дека ќе ја олеснила евакуацијата на американските, британските, кинеските и француските граѓани и дипломати од Судан, додека жители на Саудиска Арабија и Јордан веќе се евакуираат од градот Порт Судан кај Црвеното Море
Една недела од почетокот на кофликтот во Судан, денеска некои странски државјани почнаа да се евакуираат од оваа земја, што е прва официјално објавена евакуација на цивили од почетокот на конфликтот на 15 април.
Суданската армија соопшти дека ќе ја олеснила евакуацијата на американските, британските, кинеските и француските граѓани и дипломати од Судан, додека жители на Саудиска Арабија и Јордан веќе се евакуираат од пристанишниот град Порт Судан кај Црвеното Море.
Саудиска Арабија соопшти дека евакуирала 157 Саудијци и луѓе од други националности, а Кувајт рече дека некои нејзини граѓани пристигнале во Џеда. Јордан соопшти дека започнал со евакуација на 300 граѓани.
Американската амбасада во Судан, сепак, ги предупредила своите државјани дека има „нецелосни информации“ за конвоите кои заминуваат од Картум, велејќи дека ситуацијата и натаму е опасна, а дека патувањето во кој било конвој е на соптвен ризик.
Илјадници странци – вклучително и дипломати, хуманитарни работници и студенти изминативе денови не можеа да заминат од третата по големина африканска земја, бидејќи аеродромот во главниот град Картум е затворен, а небото е небезбедно. Многу жители не можеа да ги напуштат домовите или да излезат од градот.
Силите за брза поддршка (РСФ), една од конфликтните страни во Судан, претходно соопштија дека се подготвени „делумно“ да ги отворат „сите аеродроми“ во Судан за да ги евакуираат странските државјани, иако не беше можно да се потврди кои аеродроми ги контролираат.
Во еднонеделните борби помеѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), според Светската здравствена организација (СЗО), загинале 413 лица, а 3 551 се ранети, но се верува дека реалниот број е поголем.