Сутерен.мк

Во чест на г.г. Доситеј!

Луксузно издание е отпечатено по повод големите јубилеи посветени на животот и делото на архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј – 115 години од неговото раѓање (1906-2021) и 40 години од неговото упокојување (1981-2021). Монографијата „Возобновителот“ е издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“!

Ова капитално дело е посветено на ликот и делото на блаженоупокоениот македонски духовен великан Доситеј, кој успеа да ги оствари вековните копнежи на македонскиот народ за обнова на Охридската архиепископија и за конечно добивање на своја независна автокефална црква.

Содржина опфаќа библиографски податоци, избор на дел од позначајните слова на архиепископот Доситеј (беседи, говори и интервјуа), репортажи за позначајните цркви и манастири во кои живеел и работел архиепископот Доситеј, потоа зборник на трудови за неговата улогата и важност, спомени и сеќавања од неговите соработници и познаници, значаен фотоматеријал, позначајни архивски документи, слики од оставштината на архиепископот, како и поезија посветена во негова чест.
Според биографските податоци, архиепископ охридски и македонски г.г. Доситеј е роден во Маврово, на 7 декември 1906 година. Тој е возобновител и прв архиепископ охридски и македонски на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, а се смета и како наследник на Арсениј Втори, кој бил последен архиепископ на укинатата Охридска архиепископија во 1767 година. На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно – народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за афтокефална.

Архиепископот Доситеј е роден со крстеното име Димитар Стојковски, како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св Богородица Пречиста“, Кичевско.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *