Директорите на скопските средни училишта се должни до крајот на првото полугодие да најдат начин да ги надоместат часовите што беа изгубени поради дојавите за поставени бомби во школските објекти, категорични се од Министерството за образование и наука.
Оттаму велат дека дојавите за поставени екплозиви се случуваат само во скопските средни училишта, па затоа нема да дадат насоки како да се надомести наставата, туку остава тоа да го стори секое училиште посебно, во зависност од тоа колку часови изгубило.
Во скопските средни училишта, пак, засега не знаат како ќе ги надоместат часовите, затоа што секојдневно им се случуваат нови „загуби“. Утрово на електронските адреси на 15 гимназии и стручни средни училишта, повторно стасаа електронски пораки со закани за поставени експлозивни направи, по што училиштата беа евакуирани, а полициски тимови извршија антитеротистичка проверка и утврдија дека заканите се лажни.
Родителите на социјалните мрежи категорично одбиваат да ги испраќаат децата на училиште и во сабота, доколку бидат повикани да го одработуваат изгубеното.
Од МОН велат дека интензивно работат на подигнување на безбедноста во училиштата.
– Наставата во средните училишта во Скопје, каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно-образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови – велат од МОН.
Местото на учениците е во училишните клупи, додаваат, и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој.
– Затоа МОН, во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации, континуирано работат на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти. Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно-образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекувањето на вниманието од секојдневни училишни обврски подразбира и наштетување на иднината на државата – велат од ресорното Министерство.
До крајот на првото полугодие има уште две работни седмици. Поради дојавите и евакуациите денеска директорите на училиштата не одговараа на нашите телефонски повици за да објаснат како ќе ги надоместат изгубените часови. Во една гимназија ни рекоа дека на таа тема очекуваат насоки од МОН, во друга ни одговорија дека уште не размислуваат за надоместување на часови, зашто и во моментот ги губат.
– Засега не знаеме како ќе се надоместат часовите, очекуваме упатства од Министерството. Досега имавме десетина евакуации, изгубени се и цели работни денови. На почетокот учениците ги пуштавме дома. Сега се навикнавме на ситуацијата и евакуациите се одвиваат брзо, а учениците чекаат додека се изврши проверката на објектот, па се враќаат на настава – ни рекоа неофицијално училишните служби.
Родителите на средношколци не сакаат да губат од драгоценото слободно време за викендите. Тие се револтирани од речиси секојдневниот стрес и страв од заканите и бараат во Скопје да се воведе онлајн-настава.
– Ние не сме виновни што децата се евакуираат и губат часови. Тие дента отишле на училиште, ја исполниле својата обврска. Зошто да трошат време, енергија и средства за да одат повторно? Што ако и во саботите почнат со дојави на бомби? Најдобро би било да се воведе онлајн-настава додека трае оваа безбедносна криза – коментираат родителите.
Тие истакнуваат и дека забележале дека само во исти смени се случуваат дојавите. Само одредени класови од исто училиште редовно се евакуирани, а во другата смена не.
Дојавите за бомби во скопските училишта, кои се испоставуваат како лажни, почнаа во втората половина на октомври и досега се случија десетици евакуации. На почетокот пристигнува во последните три работни дена од неделата, но оваа седмица дојава имаше и во понеделникот.
Според член 25 од Законот за средно образование, воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во вонредни околности, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни дена, според скратени наставни програми.
При вонредни околности, во средното училиште може да се организира настава со физичко присуство или преку далечинско учење. Според законот, вонредни околности се утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.