Сутерен.мк

Вратил паричник, добил стан

Животот на холандскиот бездомник Хаџер ал-Али (33) драматично се промени откако во воз пронашол паричник со 2.000 евра во готовина и го вратил во полиција, поради што доби стан.
Ал-Али на 23 јуни го пронашол паричникот во возот и го однел во полицијата во Амстердам, која тоа го објавила на социјалните мрежи.

Акцијата на бездомникот допре до толку многу луѓе што започна кампања за собирање средства за да му се купи стан и беа собрани 34.000 евра.
Минатата недела Ал-Али се пресели во стан во Апелдорн, на 90 километри од Амстердам. Тој истакна дека сега има каде да живее и дека е навистина горд и среќен.

„Многу сум благодарен на сите и на сè“, рече Ал-Али.

Сега често го препознаваат на улица, некои не веруваат дека сè не е наместено, но повеќето средби се позитивни.
„Добивам многу љубов. Понекогаш добивам лименка сок во супермаркет. Неколкупати сум доживеал да ми платат нешта во маркет, што е многу убаво. Или таксисти кои ми свират и понекогаш сакаат да ми дадат пари“, рече тој.

Најмногу му се допаѓа кога децата го препознаваат.

„Тоа е толку убаво. Сум доживеал најмалку седум или осум пати како дете оди по улица со родител и им вели на тато или на мама: ‘Тој е чесен човек’“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *