Сутерен.мк

Голем собир на Србите во Митровица

Тензиите на и околу северниот дел од Косово по вчерашната одлука на претставниците на српската заедница во Косовските институции да поднесат неотповикливи оставки на своите функции и натаму не престануваат.

Откако се повлекоа градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население, советниците, пратениците, министрите, судиите, обвинителите и вработените во полицијата, нивниот лидер Горан Ракиќ најави дека таа одлука ќе остане на сила се додека владата во Приштина не ја повлече одлуката за пререгистрација на таблиците на возилата и не ја формира договорената заедница на српските општини.

Во северниот дел на Косовска Митровица денеска беше одржан народен собир, пред споменикот на кнезот Лазар, на кој според проценките на организаторите се собрале околу 10 000 луѓе.

Собирот почна со изведување на српската химна и на граѓаните им се обратија повеќе говорници од српската заедница на Косово.

Сите тие порачаа дека ги вратиле мандатите на народот, затоа што тој ги избрал а не официјална Приштина. Тврдат дека нивните пораки се пораки на мир, но и дека бараат од Косовските власти да ги почитуваат, како што рекоа, преземените обврски со бриселскиот договор и да се откажат од планот за замена на регистарските таблички на возилата.

На околните згради беа истакнати бројни српски знамиња и транспаренти на кои пишуваше: „Ова е Србија“.

Речиси сите говорници не заборавија и да му се заблагодарат на српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој според нив, најревносно ги брани интересите на Србите на Косово.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ во интервју за еден од провладините медиуми во Белград, порача и дека Српските власти добиле информација дека Косово во декември ќе поднесе барање за прием во членство во Европката Унија. Според Дачиќ, некогашен верен следбеник на Слободан Милошевиќ и нарекуван „малиот Слобо“, тоа говори за степенот на лудост и неразбирање на ситуацијата на косовските власти.

Тој потенцира и дека за Србија, независноста на Косово не е завршена работа.

Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, ја повика Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во косовските институции, додека властите во Приштина треба да го продолжат процесот на пререгистрација на возилата и да ја запрат секоја казна против сопствениците на српските таблички на возилата.

Европската Унија исто така го повика Косово веднаш да ги започне чекорите за воспоставување на заедницата на општините со српско мнозинство.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *