Сутерен.мк

Горан Михајловски: Подоброто зло

Ова веќе не може ни да се пародира, а камоли сериозно политички да се анализира

Во Бугарија ќе се носи закон според кој ќе може да се објават јавно сите што имаат земено бугарско државјанство.

Во последниве 200-300 години ова може да биде најчесниот потег на Бугарија кон Македонија. Да ја разоткрие дволичноста на македонските политичари и носители на јавни функции што имаат бугарски пасоши. Тие што добиле бугарско државјанство морале во Софија да ја докажуваат лојалноста кон Бугарија со доказ за бугарско потекло и декларација за бугарско самочувство.

Да нема забуна. Баш ми е гајле кој како се чувствува. И баш ми е гајле за тие што зеле бугарски пасоши, ама си бркаат работа по Германија, Австрија, Шведска, Франција, Шпанија… Тие не се занимаваат со политика, освен што нè обвинуваат нас што сме останале тука дека не сме толкави патриоти како нив. Ама многу ме интересира кој од овие сегашни, минати, па и идни политички лидери има бугарски пасош. Оти со тој пасош тие веќе се во ЕУ. Баш ме интересира што мислат тие за бугарското вето за Македонија во ЕУ.

Ние што сме останале да живееме тука само со македонски пасош, оти Македонија ни е сè што имаме, како што викаше претседателот Киро Глигоров, додека трпеливо чекаме Бугарија да ни го одблокира патот кон ЕУ, сакаме на избори да знаеме кој од кандидатите за пратеник, иден премиер, министер, градоначалник, општински советник, амбасадор и друг носител на јавна функција има резервна татковина. Во случајов Бугарија – актуелниот непријател на Македонија.

Кога ќе одам на избори сакам да знам дали оние што партиите ми ги ставиле на гласачкото ливче имаат преземено обврски кон Бугарија? Оти тука го добиле државјанството со раѓање. Ама кога барале бугарски пасош докажувале лојалност кон Бугарија. Чии интереси ќе застапуваат?

(Авторот е новинар.)

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *