Претставата „Моето име е Горан Стефановски“ на црногорскиот режисер Бранислав Миќуновиќ премиерата ќе ја има утревечер во Драмски театар во Скопје. Работена е според компилацијата на драматургот Бранислава Илиќ, од седум драми на македонскиот писател Горан Стефановски, кои не се поставени досега во Драмски.
Станува збор за монтажа на сцени од „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Еуроалиан“ и „Одисеј“.
Сценографијата за претставата е на Александар Дениќ, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика е на гитаристот Влатко Стефановски.
Улогите им се доверени на Мето Јовановски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Драган Спасов Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.
Новата претстава на Драмски премиерно ќе се изведе на 31 март, 1 април и 2 април, од 20 часот.