Сутерен.мк

Дали короната ја дозбогати фармакоиндустријата?

Од една страна – обрт од милијарди евра, од друга страна – милиони луѓе кои немаат пристап до вакцини против Ковид. Дали е точно дека пандемијата многу ги збогати фармацевтските концерни?

Под хаштагот #pfizergate на социјалните мрежи циркулираат безброј тврдења дека пандемијата на коронавирусот стана златен рудник за фармацевтската индустрија. Шефот на Светската лекарска асоцијација, Франк-Улрих Монтгомери, неодамна во интервју за СВР го критикуваше „непристојниот профит на производителите на вакцини“.
Точно е дека прометот на Бионтек и Фајзер нагло порасна. Прометот на биотехнолошката компанија со седиште во Мајнц скокна од речиси половина милијарда евра во 2020 година на повеќе од 17 милијарди евра во 2021 година. Вредноста на акцијата на Бионтек се зголеми од единаесет евра во октомври 2019 година на 153 евра (состојба на 4 февруари 2022 година).
Според сопствениот биланс, американскиот концерн Фајзер ја зголемил продажбата во првите три квартали од 2021 година за 91 отсто во споредба со истиот период минатата година. Прогнозата за прометот за цела 2021 година е 82 милијарди американски долари, од кои 36 милијарди американски долари се припишуваат на вакцината против Ковид-19, Комирнати, која концернот ја разви заедно со Бионтек. Досега Фајзер, меѓу другото, најмногу заработуваше со лекови против рак на дојка, епилепсија и згрутчување на крвта.

Во сенката на Бионтек и Фајзер, швајцарскиот концерн Рош, како производител на ПЦР и брзи тестови, исто така профитира многу од пандемијата. Прометот на втората по големина фармацевтска компанија во светот во 2021 година се зголеми за девет проценти и изнесуваше речиси 63 милијарди швајцарски франци (околу 59 милијарди евра). Одделот за дијагностика, каде припаѓаат тестовите за корона, во прометот учествуваше со 28 проценти.

Она што меѓутоа е исто така точно е фактот дека фармацевтската индустрија континуирано се шири веќе 20 години. Според порталот за статистички податоци Статиста, продажбата на лекови во светот во периодот од 2001 до 2020 година се зголемила од 390 милијарди долари на 1,27 трилиони долари.

Најголемата фармацевтска компанија во светот, Џонсон и Џонсон, која исто така разви вакцина против корона, како и компанијата AbbVie, која се наоѓа на петтото место, покажуваат дека лековите за рак, имунолошки заболувања и дијабетес и натаму се рангирани пред короната.

Затоа, консултантската компанија Ернст и Јанг го третира зголемениот промет на одделни фармацевтски компании во пандемијата како привремена појава.
Маски, вакцини, брзи тестови – поради големите нарачки од фармацевтските компании, критичарите ги обвинуваат владите на индустриските земји дека ѝ помогнале на индустријата да оствари огромни профити со јавни средства.

„Тоа е луд бизнис модел“, се пожали Арон Сири од њујоршката адвокатска канцеларија Сири&Глимстед на Твитер. „Американската влада им дава милијарди на Фајзер и Модерна, им обезбедува имунитет во случај на штети или ако средствата не делуваат и бесплатно ги промовира нивните производи…“
Многу хуманитарни организации, заедно со СЗО, бараат ослободување на патентите за вакцините против коронавирусот.

Ова барање досега го имплементирале само неколку компании. Фајзер и Бионтек не се меѓу нив. Тие се ограничуваат на донирање вакцини.

Шведско-британската компанија АстраЗенека, од друга страна, ја продава својата вакцина Ваксзеврија по цена на чинење, а со многу земји во развој договори и доброволно предавање на лиценцата и бесплатен трансфер на технологија.

Американската компанија Модерна не го дава патентот за својата вакцина Спајквакс, но се воздржува од наплата на такси за неа за време на пандемијата. Секвенцата на нејзината иРНК-вакцина, на пример, е основа за кандидатот за вакцина од јужноафриканскиот истражувачки и производствен центар Afrigen Biologics во Кејптаун.

Во случајот со новите лекови за Ковид, Молнупиравир и Паксловид, пак, производителите Мерк и Фајзер се откажуваат од таксите за лиценца во некои земји. За тоа постои соодветен договор со Medicine Patent Pool на Обединетите нации, кој преговара за договори за лиценци со фармацевтските компании.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *