Будењето среде ноќ, прелиени во пот, со треперење и забрзано чукање на срцето заради кошмар, никогаш не е пријатно искуство. Исто така, се чини дека некои луѓе почесто ги доживуваат овие непријатни соништа, а научниците сега имаат теорија зошто. Истражувачи од неколку американски универзитети, меѓу кои Стејт Орегон, Аризона, Тампа и Витворт, сугерираат дека осаменоста може да ја зголеми тенденцијата за лоши соништа.
И осаменоста и нарушувањата на спиењето се сериозни проблеми со јавното здравје, вели истражувачот Колин Хесе. Двете состојби се поврзани со поголем ризик од срцеви заболувања, мозочен удар и прерана смрт. Исто така, ова истражување дополнително ги нагласува негативните ефекти на осаменоста врз здравјето, велат научниците.
Нивната студија се потпира на еволутивната теорија на осаменоста, која сугерира дека осаменоста еволуирала за да нè предупреди за недостаток на социјални врски. Д-р Хесе објаснува:
-Кога не е исполнета човечката потреба за силни врски, се јавува физичко, ментално и социјално влошување.
Тој додал дека осаменоста е еволутивен сигнал, сличен на глад или замор, кој не предупредува кога нашите потреби за меѓучовечки врски се неисполнети. Ова истражување ги следи наодите од „Харвард“, кои покажаале дека осаменоста може да го зголеми ризикот од мозочен удар за 56 отсто. Претходно социјалната изолација била поврзана со срцеви заболувања, депресија, деменција и дијабетес.
Освен што негативно влијае врз нашата будна состојба и целокупното здравје, осаменоста може да влијае и врз квалитетот на сонот, предизвикувајќи почести кошмари, тврдат научниците. Најновата студија опфатила 1.600 возрасни Американци на возраст меѓу 18 и 81 година. Резултатите покажале дека луѓето кои се чувствуваат осамено имаат поголема веројатност да искусат почести и поинтензивни кошмари. Иако е важно да се забележи дека резултатите покажуваат корелација наместо директна причинска врска, истражувачите го идентификувале стресот како клучна врска помеѓу осаменоста и зачестеноста на кошмарите.
Покрај стресот, други фактори кои ја поврзуваат осаменоста со кошмарите се грижата, анксиозноста и хипервнимателноста. Луѓето кои се чувствуваат осамено имаат поголема веројатност да ги искусат овие ментални состојби, што, пак, е поврзано со почести и поинтензивни кошмари. Д-р Хесе ја нагласува важноста на квалитетниот сон за когнитивното функционирање, регулирањето на расположението, метаболизмот и другите аспекти на благосостојбата. Затоа е од клучно значење да се истражат психолошките состојби кои го попречуваат сонот, а осаменоста е клучна меѓу нив.
Иако е премногу рано да се зборува за конкретни интервенции, резултатите од студијата сугерираат дека лекувањето на осаменоста може да помогне да се намали зачестеноста на кошмарите, што би можело да се тестира во идните клинички студии. Осаменоста често се опишува како состојба на умот што предизвикува чувство на празнина, изолација и непожелност. Иако се разликува од социјалната изолација, може да се влоши со текот на времето.
Што се однесува до третманот на кошмарите кај возрасните, тоа зависи од причината. Ако кошмарите се предизвикани од трауматски настан, лекарите може да препорачаат психолошко советување. Ако постои медицинска состојба која влијае врз спиењето, третманот ќе се фокусира на управување со таа состојба.