Имам 53 години, две големи деца, сопруг, релативно убав живот. Меѓутоа, во последно време ме мачи една ситуација. Се почесто се вртам по жени, забележувам убави девојки, сакам да сум во женско друштво. Повеќе не размислувам за мажи, туку се повеќе за жени. Се дружам и со две жени, помлади од мене, за кои знам дека се хомосекусуалки. Дали сум јас лезбејка?
Афродита
Афродита дарлинг, вам ви е време да мислите на пензија, а не допрва да си го откривате сексуалниот идентитет, би ви рекле по групиве на многу стрејт домаќинки, домаќини и таканаречени стари граѓани кои што не знаат што со себе, па ставаат по социјалниве мрежи јорговани, икони, кафе во непостоечки филџани и цитати што некоја Карен ги има везено во Конектикат, во 1950 година.
Мислам, немам јас ништо против лезбејките (иако, откако го измислија оној израз „политички коректно“, човек не може да се фати за нешто банално. Секаде екстремности да не речам, екстремитети).
Тие, барем оние во она што се вика свет, обично се со вкус дотерани, образовани, фино нашминкани и носат супер чевли , а дружењето со нив може да биде многу забавно. Кај нас, баеги поинаква е ситуацијата. Ама па кај нас, за се се баеги шлактосани состојбите.
Олеснување е кога мажите не се во центарот на вниманието на женскиот муабет, па не е чудно да се чувствувате топло и заштитено.
Сепак, сега стана премногу „опасно“ за дежурните коректори на „вистинските вредности“ да и каже жена на жена дека убаво изгледа, а не пак, да признае дека и ужива во нејзиното друштво. Уште и ако сте ја сонувале Шарлиз Терон или Шероун Стоун (а не е тешко да ги отсонуваш, ако стопати на ден ги видиш во медиумите) тогаш, готови сте. Овие времиња немаат милост.
Не може да ги коментираш туѓите цицки, ако имаш свои, нели?!
Меѓутоа, ако веќе сте се запнале да бидете лезбејка, има и свои предности: 30 отсто од нив имаат секс што трае подолго од еден час, а на стрејт жените тоа им се случува само на 15 отсто . Една третина од лезбејките имаат повеќекратни оргазми, а од оние „исправните“ само пет отсто тоа можат да го постигнат.
И, уште едно меѓутоа: доколку го направите изборот остатокот од вашиот живот да го поминете во кревет со истиот пол, би требало да ги знаете и поткатегориите на оваа определба.
Не може туку така да одлучите дека сте лезбејка и да си заминете свиркајќи. Мора да се решите и каква лезбејка сте: „буч лезбејка“, „фем лезбејка“, „липстик лезбејка“, „стоун буч лезбејка“, „софт буч лезбејка“, „стоун фем лезбејка“…
Јас се уморив само пишувајќи ги. Па, драга моја, ако не ве мрзи, само напред…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)