Сутерен.мк

Дарио: Жена ми е среќна жена!

Лежерниот и опуштен разговор со Дарио, ни го нарушува само непрестаното ѕвонење на неговиот мобилен. Пред концерт е, сите го бараат и не може да не му се верува кога вели: „Цел живот ми фали само саат време!“

  • Навистина, како успевате се да постигнете: работите во „Окта“ (во делот на маркетинг нов. заб.), на својата кариера, имате семејство…?

– Немам поим како!? Трчам како луд, возам како луд… А се сам работам.

  • Сам?!

– Па, да! Мислам, има луѓе кои работат така да речам, по сектори, ама јас сум тој кој ги координира работите. Јас сум манијачки перфекционист, кој внимава на секој детал. Во состојба сум три часа да потрошам во решавањето на некоја ситница. Ама подобро да поминам три часа на тоа, отколку три дена болен да лежам зошто нешто не испаднало како што сум замислил. Затоа и сам се планирам, осмислувам… Како успевам…? Јас на пример, со подготовка на еден концерт почнувам шест месеци пред неговото случување. И се е на хартија! Не може добар концерт да се направи за два дена!

  • Концертот ви е закажан за 18 февруари. Ќе биде ли тоа добра журка?

– Да, токму така! Ќе биде тоа баш, журка! Добра! Партерот ќе биде изваден за да бидам што помобилен, а и да може публиката и да заигра. Ќе има сценски фазони, многу визуелни ефекти, 12 музичари на сцената и се разбира, пријатни изненадувања. Да се види, да се слушне и да се дише! Кога ќе излезете од салата да бидете „издувани“, а среќни! Тие што ќе дојдат на концертот ќе видат дека и мо Македонија можат да се направат шоу програми на светско ниво! Со „Миг 21“ ќе направиме спектакл на деценијата!

  • Одите ли на концертите на колегите?

– Кога можам, да! Со големо задоволство. Меѓу нас – зборувам за мојата генерација – има позитивна енергија! Се консултираме, си разменуваме искуства, учиме еден од друг. Се разбира, има работи кои се деловни тајни, но главно соработуваме доста добро! И најглавно: никогаш нема забодување на нож в грб! Барем, јас немам такво искуство.

  • Нема љубомора?

– Никако. За овие дваесет години, колку што сум на музичката сцена, јас веќе имам своја публика, свој „терен“, на кој не може никој да стапне, како што јас не можам на неговиот. Работите веќе оддамна се на своето место, така што нема потреба од љубомора, завист.

  • Каква музика слушате?

– Не се возам со автобус, ниту со такси, така што народна не слушам. Не, сериозно… Има песни кои навистина заслужуваат внимание – и по текст и по музика. Има што да се слушне во новокомпонираната, а богами има и што да се види! Инаку, класика само кога ќе налетам на радио, а тоа техно, гранџ… Не ни потслушнувам освен, нешто што е денс. Џез не сакам и на џез концерти не одам (а тие што одат барем 40 проценти се обични фолиранти). Може да се случи да отидам да видам некое „име“ кое ми се допаѓа, но тоа најчесто нема блага врска со џезот.

  • Очигледно е дека сте презфатен сепак, останува ли време за во кино, за в театар…?

– Порано се „вадев“ дека немам време, ама сега навистина го немам. Не сум бил в кино или в театар не паметам од кога!

  • Што е со весниците, ТВ?

– Читам дневни весници. Од ревијалните редовно го следам „Екран“, навистина! Телевизија… ТВ гледам навечер, кога конечно, ќе се приберам дома.

  • Што сакате да гледате на ТВ?

– Гледам концерти, филмови. Патем, имам намера после концертов да земам едно „двеста“ касети од видеотека и да изгледам се што сум сакал, ама сум пропуштил. Нешто што ќе ме опушти, забави, а не да ме измалтретира. Знам што не гледам: спорт! Тапа сум за спорт и ич не ме интересира! Така што жена ми е една среќна жена и не ни требаат два телевизора (иако ги имаме).

  • Читате ли книги?

– Ма, и за тоа немам време! Инаку сакам да прочитам добра книга. Под добра, како и за филмовите, подразбирам нешто забавно, авантуристичко, блага футуристика, нешто што ќе прочитам во еден здив!

  • Изгледа не сте некој филозофски тип?

– Јас сум едноставен човек, кој не сака да си го комплицира животот без потреба. Кога ми студи сакам да се стоплам, кога ми е жешко сакам да се разладам. Сакам да ми е убаво, комфорно. Сакам „лесни“ работи, но кои не се кич! Имам кај да се „замарам“: на работа, кога пишувам песни… Надвор од тоа, сакам да се опуштам. Што сега, ќе се фолирам со некои тешки мисли, ќе го спасувам светот!? Немам намера да глумам „елитист“ кој се „пали“ само на нејасни, замрсени, скапи работи. Тоа не значи дека, ако е така е и добро! Не сум фолирант, иако за нас од естрадата мислат дека сме „педери“!

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1999 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *