Сутерен.мк

Дарко Јаневски: Четвртата катастрофална историска грешка на Бугарија кон Македонија

Во својата историја, Бугарија доживеа три национални катастрофи поради Македонија. Првата за време на Балканските војни, по кои ја доби само Пиринска Македонија, односно 10 отсто од територијата, втората по Првата светска војна, кога беше поразена и ја загуби Тракија (денес ќе имаше излез на Егејското Море од Кавала до Александрополус) и третата во Втората светска војна, кога застана на страната на Хитлер за да ја добие Македонија.

Сега, со блокадата на Македонија и со одвојувањето на Албанија од Македонија во трката за членство во ЕУ поради бугарската блокада, Софија ја прави четвртата историска катастрофална грешка во однос на Македонија. Нема поголем подарок за оние во Македонија кои шират нетрпеливост и омраза кон Бугарија, од оваа блокада. Како да сме во времето на комунизмот, кога македонската УДБА и бугарската тајна служба правеа се што е можно за двата народи да се мразат меѓусебно.

Разумот налага дека наместо „вето до смрт“, пропагирано од недоветни умови, Бугарија требаше да игра сосема спротивно. Наместо да поставува услови, таа требаше да биде македонската локомотива кон ЕУ. Таа досега требаше да го има завршено својот дел од пругата кон Скопје, да изгради ако треба нов пат од Ќустеднил до Софија, за да можат Македонците да стигнуваат до бугарскиот главен град за исто толку време колку што им треба за до Солун и во крајна линија, требаше да ја отвори границата со Македонија за да може луѓето и стоката слободно да се движат. Ако нејзината национална стратегија е дека ние и Бугарите сме еден народ во две држави, зошто по ѓаволите има граница меѓу тој народ?

Зошто можеме со лична карта во Србија, Албанија и Косово, а на бугарската граница треба да минеме десет проверки и ни е потребен пасош?

Бугарија ја прави четвртата историска грешка во однос на Македонија по што чувството на омраза кај дел од Македонците кон Бугарија само ќе добие оправдување и дополнително ќе се зголеми. При тоа нема да помогнат патетичните изјави и соопштенија на голтарот Љупчо Георгиевски кој стана премиер не за доброто на Македонија, туку за да се збогати, а според кого Македонија и натаму е во српска прегратка. Тоа не е точно, но и да е точно, проблемот е во Софија, а не во Скопје. Софија е таа која требаше безусловно да гребе и со нокти и со раце и со нозе за брз прием на Македонија во ЕУ и на тој начин да се промовира во најголем пријател на Македонците, земајќи им го приматот на Србите и на Грците, од кои последниве, можат да ни се качат на глава, ама никогаш нема да ги мразиме како што ги мразиме Бугарите.

Всушност, клучното во односите меѓу Македонија и Бугарија, за Софија требаше да биде елиминирање на тоа чувство кое двете УДБИ го градеа 4,5 децении и кое трае и до денешен ден, а не дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец. Може Стево Пендаровски да останеше претседател и уште сто пати да кажеше дека Гоце бил Бугарин, ама Македонците тоа никогаш нема да го прифат. И во крајна линија, што губи Бугарија ако ние останеме на сегашната содржина во учебниците, но ако секој петок попладне стотици автомобили од Скопје тргнуваат на викенд во Софија, како што сега тоа го прават одејќи кон Солун? Што ќе изгубеше Бугарија ако Македонија е членка на ЕУ, ако нема граница меѓу двете држави, ако наместо омраза се шири дух на пријателство и почит? Ништо! Ќе имаше само добвка.

На тој начин всушност, Бугарија ќе ја добиеше Македонија, што на три пати не и успеа, а Македонија ќе ја добиеше Бугарија. Двете, сега корумпирани и бедни држави, ќе станеа поблиски, и внатре во ЕУ, некогашната идеја за федерација меѓу Југославија и Бугарија, овој пат преку европската федерација меѓу Бугарија и Македонија, ќе станеше реалност. И Бугарите ќе можеа да не нарекуваат одродени Буагри колку сакаат – никому овде не ќе му беше гајле за тоа. Всушост, во услови на пријателски односи, немаше ни да имаше потреба да го прават тоа. Како што ни во Бугарија веројатно никому, освен на Каракачанов, Ковачев, Џамбаски и сличните, немаше да му биде гајле што пишува во нашите улчебници. А учебниците си се учебници, историјата си е историја, но денешнината си е денешнина.

Наместо тоа, Бугарија за подолг период ја добива Македонија како непријател и од тоа нема да ја спасат ниту десет други договори што би ги потпишал Зоран Заев или некој како него. А тоа е тоа што Бугарија требаше да го избегне. Како постара членка на ЕУ, нејзин стратешки интерес требаше да биде Македонија да стане дел од ЕУ токму со нејзината помош, а не стратешкиот интерес да се сведува на прашања како Самоил и Гоце Делчев. За нив ќе имаше време да се расправаме, ама без чувство на омраза и во услови на прогрес и дај Боже, некорумпираност на двете општества.

Вака, заглавени во беда, сиромаштија и криминал, најмалку што на двете држави им треба врз главата е уште еден товар, уште една торба на омраза кој ја доведува нетрпеливоста од двете страни до крајни граници. Како да ги живееме најдобрите години на УДБА во двете земји. Оттука, се чини Бугарија ја предизвика својата четврта национална катастрофа кога е Македонија во прашање, и тоа исклучиво по своја вина без било каква можност за оправдување.

Да тврдиш дека Македонците историски се Бугари, дека Македонија е најромантичниопт дел од бугарската историја, а при тоа да правиш се што може истата таа Македонија и истиот тој народ за кој тврдиш дека има бугарски корени, да останат заглавени во калта, да го спречуваш неговиот напредок, е тотална лудост и неразумност на бугарската политика. Но, кога во државата примат има зборот на интелект како Бојко Борисов (со сите изгледи да победи на следните избори), кога до неодамна дел од Владата беше Каракачанов, не ни има што да се очекува повеќе.

(Авторот е новинар.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *