Сутерен.мк

Да лебдиш или да се досадуваш?!

Живеам во внатрешноста на државава, имам две деца и проблематичен сопруг. Мислам, фин е тој, се грижи за сите нас, работи многу, ама цело време – лебди!? Имено, постојано е под некоја чашка алкохол. Така, од сабајле до вечер. Не прави проблеми, дури не е ни пијан, но не е ни трезен! Понекогаш (многу ретко) му се случува и да претера (сега, за време на Коронава баш, зачести), но освен што се тетерави и го гледаат комшиите (од што жив срам ме јаде) немам искрено, некој проблем, ама сепак… Не знам, децата го гледаат и не ми е пријатно!

М.Н.

М.Н. дарлинг, живеејќи во внатрешноста на земјава и во Скопје е едно те исто – живот во провинција. Во прашање се само нијанси. Поразувачкото е всушност, на толку мал простор, да има толку многу страв. Најнеоправданиот е оној, од туѓиот став за нас. Во век, каде се е виртуелно. Што ќе рече, комшиите денес не си велат ни добар ден, а не пак, да (си) се уважуваат за коментар!? Значи, тоа со комшиите – не држи, ама ич вода!
Друго што не се задржува во моето решето е онаа манипулација (пак, нечие – недооформено – наводно, мислење) со децата… Во едно семејство би требало, сите да се сакаат такви, какви што се, ако никој, никому не штети, притоа. Барем моите пријатели, како негативни сеќавања ги наведуваат физичките и психичките повреди од најблиските, а не дали некој од родителите „лебдел“! Напротив, дури и се жалеле на нивната (пре)големата приземност и практичност.
Луѓето без пороци (а порок денес е се: од храна, преку фитнес, до шопинг) се едноставно, некреативни и страшно, здодевни. Да имаше почесто „лебдење“ по домовите ќе денес можеби ќе имавме поопуштени средовечни и пензионерски генерации.
Можеби му недостасува самодоверба. Или енергија, волја. Најновиве бизнисмени тој недостаток го лечат со две – три чаши виски на празен стомак и неколку диазепами, а после глумат лудило по кафулињата со минерална вода.
Можеби сопругот ви е латентна уметничка душа, па така се справува со монотонијата на секојдневието и здодевните соговорници околу него.
Една од опциите е да го испратите на бајачки и тие да му го отворат „патот кон Бога“ и така просветлен, да ви лебди дома со друга аура. Или пак, да го втурнете во оние разно – разни здруженија на „живот пред, сега, а и потоа – здрав, посен, контролиран и што е можно побезличен“ и таму, олабавен како секој на правдина отфрлен, да најде некоја со слично деноноќие па да биде ем, со друга аура ем, со друга жена. Главоболките заради неколкуте чашки ќе ви поминат, гарант.
Искрено речено, мислам дека овде се работи за lifestyle, кој сигурно бил истиот и пред да се венчате, ама тогаш не сте имале заеднички комшии, нели!? Човекот едноставно, живее така. Се додека тоа не пречи да помогне во домашните обврски, да го сака и почитува семејството, да биде културен со вашите родители, не повредува никого, не гледам ништо страшно во неговото лебдење. Кога пак, ќе претера, следниот ден оставете го онака мамурен и лебдечки (ама доволно свесен) со децата и набројте му милион задачи, а вие, отидете некаде далеку. На пример, на козметичар. Мислам дека сериозно ќе подразмисли дали вреди да се здрви – до толку…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *