Сутерен.мк

Да се признае или не?!

Мила моја дарлинг, слободно можам да кажам дека сум навистина млада, амбициозна, несекојдневна личност, која сака да експериментира, да не го губи залудно кусото време што и е дадено на овој свет, да проба се што може, да направи се што сака и умее. Се разбира во некои граници. Поентата е тоа што јас малку си ги поместив тие граници и ете, за кусо време направив многу глупости. Прилично сум сигурна дека можам да објавам некој авантуристички роман. Секако, изразив каење за доста работи и им се извинив искрено на многу луѓе и давам се од себе полека да се претворам во сериозна деловна жена способна за семејство и обврски. Ме кочи само моето момче со кое веќе една година сме заедно и на различни начини дозна многу нешта за мојата приватност. Постојано ми префрла за минатото, ме тера да се каам за својот претходен начин на живот. А јас одбивам, не сакам… А да го оставам не е опција, премногу го сакам, а докажано и тој мене. Имаш ли Дарлинг некоја идеја?

Некогаш и сега

Некогаш и сега дарлинг, бидејќи не одите во детали, ми останува само да претпоставувам зошто вашето момче ви се лути. Белким, не е заради вашата двојка по математика во седмо оделение, нели!? Второ, велите сте изразиле каење и сте се извиниле наоколу за „работите“ што сте ги сториле, а од друга страна, не сакате грешката да ја признаете и пред сегашното момче, кое – тврдите – го сакате и докажано(!?) – тој ве сака! Мислам, доколку сте се попишманиле пред неколкумина помалку важни луѓе зошто тоа не би го сториле и пред љубениот!? (Вистинското прашање во сево ова е зошто воопшто, сте признавале било што, ама ајде!) Иако, искрено, не мислам дека тоа ќе ја подобри вашата положба. Нормални се љубоморните испади во екот на страста па дури и манијакалната опседнатост со минатото (сексуално, секогаш е сексуално!) искуство на партнерот, но после една година, тие би требало да се смирени, ако не и заборавени. Зашто, сомнежите треба да се заменат со доверба, вљубеноста со љубов, заслепеноста со почит и така натаму и така наваму, а вака – никаде. Тој ве тера да се потцените, омаловажите и покорите. Доколку со вашето однесување не сте му нанеле штета никому, вие немате никаква причина да се чувствувате виновни! Земи или остави, велат Американците. Баш така! Расчистете го тоа дури има време. Впрочем, младоста ја имаме за да правиме глупости, а староста за да жалиме што веќе не ни се достапни. Ками рекол дека е „подобро да ја прокоцкате својата младост отколку со неа да не направите ништо“. Таа доба од животот е неразумна, будалеста и токму затоа, толку убава! Сериозните деловни жени преполни обврски се обично, многу здодевни. Како и да е, од сегашноста зависи нашата иднина, а не од минатото. Обидете се ова да го пикнете во лејката на вашето момче, а, ако не успеете, напишете роман. Второво сигурно, ќе ви обезбеди повеќе почит во очите на вашите идни внуци…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *