Британскиот актер Дејвид Џејсон, популарниот Дел Бој од легендарната хумористична серија „Сплетки“, на 83 години дозна дека има уште една ќерка, која денес е 52-годишна. Радоста да биде поголема, тој истовремено дозна дека е и дедо на десетгодишно момче.
Британските медиуми јавуваат дека Џејсон веќе се поврзал со ќерката Еби Харис и внукот Чарли по сите овие години разделеност.
„Малку е да се каже дека ова е изненадување за мене. Откако дознавме за нив, јас, сопругата Џил и нашата ќерка Софи ги примивме во семејството со раширени раце“, изјави Џејсон.
Еби е родена во 1970 година, по кратката врска на мајка ѝ Џенифер Хил со Џејсон.
„Знаејќи за оваа врска, долго време се сомневав дека тој ми е биолошки татко. Подоцна сфатив дека го имам неговиот нос“, кажа Еби Харис, која е актерка, како и мајка ѝ.
Џејсон е во брак со Џил Хинчклиф од 2005, а ќерката Софи ја добија во 2001, кога тој имаше 61 година.