Сутерен.мк

Денови на тага во Турција

Турција прогласи седумдневна жалост откако најмалку 1 650 луѓе загинаа во двата земјотреси што денеска ја погодија земјата.

-Прогласена е седумдневна национална жалост. Нашето знаме ќе биде на половина копје до зајдисонце во недела, 12 февруари 2023 година, во сите наши национални и странски мисии, напиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер.

Одлуката доаѓа откако турските владини претставници пријавија уште 1 651 смртен случај, со што вкупниот број на загинати во Турција и соседна Сирија достигна 2 651.

Многу земји ветија помош по земјотресот од 7,8 степени. Студеното време ги отежнува спасувачките операции.
Четириесет спасувачи и 22 армиски специјалци од Македонија ќе бидат испратени да помогнат во пребарувањето на урнатитените во потрага по преживеани по катастрофалниот земјотрес кој утрово ја потресе Турција.
Владата на вонредна седница донесе одлука за финансиска помош, но и за помош во материјали и опрема која е повеќе од неопходна во моментов.

Владата го задолжи министерството за финансии да одобри шест милиони денари кои ќе бидат испратени како помош за настраданите во земјотресот.
Покрај тоа од Одбрана се обезбедни 10 000 ќебиња и 200 санитетски носила.

На Министерството за здравство на денешната седница му е наложено итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови а Црвениот крст доби препорака да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на настраданите, со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош, соодветна за вакви природни катастрофи.

Според последните информации од МНР осуммината македонски средношколци и нивниот ментор кои беа затекнати во погодените подрачја а од кои двајца се повредени, ќе бидат евакуирани вечерва и транспортирани во Анкара и потоа назад во државата. За нивна евакуација веќе е испратено возило и персонал од амбасадата.

Од МНР соопштија дека во моментов нема други македонски државјани во Турција кои се наоѓаат во загрозена состојба или на кои им е потребна асистенција.

„Нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба. Ја користиме можноста уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, стои во соопштенитето на министерството.

Попладнево и претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Општина Кисела Вода – Орце Ѓеорѓиевски, ги повика сите општини да бидат солидарни и да испратат помош во Турција.

Трката со времето во потрага по преживеани под урнатините продолжува, бројката на жртви и настрадани расте од секунда во секунда, над 10 илјади се повредени а целосно се урнати повеќе од три илјади објекти.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *