Сутерен.мк

Димитар Зози: Рече ли некој, тој е луд!?

По средното образование, татко му ќе го запише на Воената академија во Сараево. Димитар Зози (роден во 1952 година, во Битола) и покрај добиената стипендија, без ничие знаење, речиси веднаш, од Сараево фаќа магла во Париз. По некои шест месеци „шлаење“ по париските улици, се враќа во Скопје и се запишува на Академијата за драмски уметности. Станува актер. Многу брзо!

Неговиот професор, Илија Џувалековски, уште како студент ќе го прогласи за „новата актерска ѕвезда во македонскиот театар“! И не само тој. Затоа што Димитар е најмлад во својата класа, но се чини, талентирано – најзрел.

По улогите во „Хамлет“, „И бол и бес“, „Враќање дома“, „Тетовирање“, „Карамазови“… сите се освоени. Зози влегува на голема врата во Драмски театар од Скопје. Меѓутоа, тој се почесто е во бифето на театарот, а се поретко на неговата сцена. Во рацете – чашата со мастика, во пазувите – „Исповед (или Дневникот, сеедно) на лудиот од Гогољ. Со години, така…

(Не дека не беше на театарската сцена: тој и денес од 50 актери во Драмски е на седмото место по број на одиграни претстави! Ама, се нешто носеше некои тацни, чадори, ќе му запали некому цигара, ќе каже една, две реченици, но ни трага од она некогашното.)

Често му се потсмеваа за онаа книшка во пазувите, а Зози всушност, имал право. Право на онаа песна од Миљковиќ, чии стихови редовно ги рецитира в кафеана редовно, бесплатно – за „осамениот космос во поголемиот космос“, за „неотповикливото право на еден живот, затоа што, како и секој, го плаќа со својата глава“. Право на Лудиот! И го исполни! И докажа!

На втори април, во Драмски, приватен проект: монодрамата, работена според Гогољ, „Исповед на Лудиот“, режија – Мето Јовановски, Лудиот – Димитар Зози.

На овие страници пак, исповедта на Зози.

(Цитатите од Гогољ, само како поткрепа дека секој има право на една своја исповед на лудиот.)

  • „Си признавам, со задоволство не би пошол в канцеларија, бидејќи однапред знам со какво кисело лице ќе ме дочека шефот на нашиот отсек. Тој оддамна ми зборува: ’каква ти е братче таа збрка во главата? Понекогаш толку ќе ја заматкаш работата, што ни самиот ѓавол не би ја разбрал.’ Проклет злобник, по се изгледа дека ми завидува дека седам во кабинетот на директорот и точам перца за неговото превосходство.“

– Не знам што се случи!? По претставата „Бркотници“ изгледа дека почнаа моите бркотници. Никому не сум му направил ништо лошо, а се создаде некој необјаснив отпор кон мене. Како студент бев многу убаво прифатен во Драмски, ама потоа, некако… Луѓето знаат да завидуваат и кога нема никва причина за тоа! Со месеци не ми даваа улоги, се поврзуваа(т) „фамилијарно“. Дури и актерите делеа улоги односно, не делеа.

Приказната за недовербата кон мене се ширеше многу брзо. (Како што и се шират таквите приказни.) Според мене, ако некој режисер не ми дал улога, тоа не е затоа што тој немал доверба во мене, туку затоа што немал во себе! А и тоа – сум пиел! Па што да прави човек, кога не работи?!

  • „Еве, да не добијам плата, не бев чул во својот век куче да знае да пишува. Правилно да пишува умее само благородник. Добро сега, пишуваат и понекои трговски книговодители, па дури и кметови, но нивното пишување е механичко – нема ни запирка, ни точка, ни стил.“

– Станиславски има речено една точна мисла: Сакајте го театарот во себе, а не себе си во театарот!“ Е, овие вториве, денес многу се намножија. Шарлатани ја преизмислија љубовта кон театарот. Театарот јас го носам постојано во себе. Кој и да подготвува претстава, одам на пробите. Затоа што сакам да сум таму – в театар.

И што и да ми дадат да играм, ќе играм! Со сета душа! Не механички, затоа што имам обетка на увото, па демек сум глумец!? Ќе играм зашто мојата љубов кон професијата има толку високи врвови што не верувам дека некогаш ќе ги достигнам! Ама секогаш ќе стремам кон нив!

Мојата љубов кон професијата е поголема од љубовта кон алкохолот. Никогаш не сум бил пијан на сцена (дури ни кога сум глумел пијаница), никогаш немало реферати со поплаки од соработниците за некое неодговорно однесување. Сакам да пијам. Меѓутоа, пијачката ми е послатка после работа. Е сега….

Во мое време беше модерно да се пие. Денес е модерно да се дрогираш. Мене ми остана навиката. И на овие им останува. Ама има разлика меѓу навика и „навика“.

  • „Не го трпам тој лакејски свет. Само се излежува во салонот и не сака ниту да климне со главата. Не само тоа, еднаш на еден од тие гадови му падна на ум  да ме послужи со бурмут, а при тоа, не се обиде ниту да стане. Ама, знаеш ли ти глупав слуго, дека сум од благородничко потекло. Но, си ја зедов шапката и сам си го облеков палтото, бидејќи оваа господа, никогаш не сакаат да ти помогнат. Па отидов.“

– Никогаш нема да ја заборавам првата режија на Владо Цветановски. Ја режираше „Ивона Бургунска“ и сакаше главната улога, кнезот, да ја толкува Мето Јовановски. А Мето, ме препорача мене, а тој самиот статираше! Му рече на Владо:„ Зози постојано ми игра слуга, ми статира, ми носи запалки… Сега сакам јас да го правам тоа за него!“

Така и би! Мето е голем актер, кој не се плаши од ништо во театарот. Чест ми е што ми е пријател, иако – ме нервира, страшно!

Мето отсекогаш имал доверба во мене, затоа и се нафати со оваа режија. Многумина рекоа дека тоа го направил од интерес особено, кога се спомнаа цените на влезниците за премиерата, но тоа не е точно!

Тие фамозни сто германски марки за премиерата беа само за да се исплатат трошоците за претставата. Немавме спонзори, не се обративме до надлежното Министерство (го поканивме министерот за култура на премиерата, ама не дојде), не не финансираше никој! Соработниците мораше да се платат! И се покрија сите издатоци со помош на пријатели. Ама стравот беше постојан. Јас најмногу се плашев! Да не ги изневерам другарите!

Особено ни помогна  Јанко Карапанчевски од Ресен, кој откупи најголем број од влезниците за премиерата. Понатаму, претставата ќе се дава по нормална цена. Велеа, „за тој пијаница ли сто марки!?“ На недоверливите и двесте треба да им се земат! И ќе платат, иако се скржави, само за да видат „што чудо е тоа?“ А чуда се случуваат кога веруваш. Мето ми веруваше.

  • „По ѓаволите, мисли дека се може, затоа што лицето mu e како аптекарско шишенце и затоа што главата ја држи високо, и што на неа има едно кадраво парче, и што го мачка со некакво масло. Знам, знам зошто се лути на мене.“

– Бидна премиерата, ќе ја играме и по другите градови во Македонија и во странство можеби, на некој фестивал… Мене најважно ми беше да им фокажам на овие овде, дека информацијата „Зози не може да запомни ни две реченици“, не е точна.  Дека Зози може да зборува на сцена цел час и половина, без грешка! А психофизичките подготовки за една ваква претстава се слични како на пример, на подготовки за самостојно искачување на Монт Блан.

Колку е тоа добро што го направивме, тоа ќе оцените вие, публиката, ама мене ми е мило што докажав дека еден пијаница како мене, може тоа да го направи. И тоа токму овде! Затоа што, не се срамеа од мене само колегите, познајниците, туку и роднините. Сум пиел, та сум пиел! Па, пијам драги мои! Дојдете, видете ме, кога не пијам! Ама, не доаѓате! Тоа не ви е интересно! Тогаш немате со што да се тешите.

Пијам! Многу. И викам: да живеат алкохоличарите! Затоа што, како што би рекол Вујко Вања: „Затоа што тоа сепак, личи на некаков живот, мила моја!“

Сум бил и клошар. Така, ќе ми дојде да си подлегнам во парк, на клупа… Природата ме тера на тоа. Сум сретнал меѓу нив, клошарите, разни луѓе: учени, недоучени, богати, умни, помалку умни… И сите искрени.

Јас сум и луд. Ама подобро сето тоа, отколку тој Ваш свет: сив, толку исправен, толку важен, исполитизиран, лажен, толку нормален и здодевен. Како човек да не се напие!? Мојата лудост е искреноста во сопственото живеење и идентитет. Вие имате толку одважен изглед, толку многу обврски, чекорите многу брзо, мислејќи дека сте многу умни!? Вистината е всушност, дека пак, сте излажале некого.

Јас не лажам никого. Ниту себе си. Така ми е лудо интересно. Вашата нормалност редовно завршува во некое приватно, тајно „бардовци“. Не сакав јас да бидам ниту острач на перца, ниту крал на Шпанија. Вие ме испровоциравте. Со својата нормална, малограѓанска уредност. И, добро е што е така. Зашто, така се распознава аристократијата!

  • „А еве, сите овие, сите овие нивни достоинствени татковци, еве сите овие, што насекаде се моткаат, и го опсипуваат дворот и зборуваат дека се патриоти и ова и она, пари сакаат да грабнат тие патриоти! Својата мајка, својот татко, Господ би го продале за пари! Среброљупци, издајници!“

– Токму затоа Гогољ, токму затоа „Исповедта…“ Гогољ е голем патриот. Една чиста душа славјанска. Нема ништо лошо во тоа да си ја сакаш татковината, религијата, народот свој. Ама знае тоа да биде и опасно. Затоа и тој своите реченици ги ставил во устата на еден „луд“. Кога го запалил ракописот на вториот том од „Мртви души“, легнал во постелата и почнал да плаче. Неговата Русија ја замислувал како тројка брзи коњи, кои летаат во далечината. „Ехеееј, кај си поитала Татковино? Одговори! Одговори!“ Не одговара, проклетата!

Гогољ и затоа што кажува едни брилијантни размисли, секогаш актуелни, универзални, за луѓето, за животот, за единката, осаменоста, болката… Бидејќи е океан за инспирација! Човек може цел живот да го помине проучувајчи ја „Исповед на Лудиот“.

  • „Боже, што прават со мене, ми леат ладна вода на глава, не ме слушаат, не ме разбираат! Што сум им згрешил? Зошто ме мачат? Што сакаат од мене? Што би можел јас да им дадам? Јас немам ништо. Спасете ме! Поведете ме, поведете ме со себе! Дајте ми тројка брза, како ветер! Се плави ли мојата куѓа во далечината? Седи ли мојта мајка крај прозорецот? Мајчице, спаси го кутриот твој син, пушти некоја созла врз неговата глава! Погледни го како го мачат! Го прогонуваат! Мајчице, смилувај му се на своето болно детенце!“

– Така завршува претставата. Тоа ми е најомилениот дел. Премиерата помина, ќе има други изведби, можеби и други проекти. Сакам да работам, да помагам, да трчам, да не седам бадијала! Многу ме обогати оваа претстава, по толку години нејзино носење во главата. Многу бев среќен  додека ја работевме. И се е добро после неа. А сепак… Јас сум тажен… Претажен… Чудна работа….

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *