Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп вели дека во земјава не постои вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што, како што рече денеска, блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската конвенција.
-Сепак сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји?
Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?
После сите овие години има стратегија за се, има по два акциски планови за се, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот.
Со едноставни зборови нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската Конвенција. Политичарите и понатаму се бесчујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. И која е пораката за нас? Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности – рече амбасадорот Коп на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“.