Дискотеката „Пулс“ ослободи канцероген азбест

Пеплосаната дискотека „Пулс“ ослободи канцерогени честички од азбест. Оние граѓани на Кочани кои што се наоѓале во близина на објектот, тимовите што ќе учествуваат во отстранувањето на остатоците од градбата, увидните тимови и луѓето што кобната ноќ на 16 март успеале да избегаат, мора да се прегледуваат редовно, апелираат лекарите. Самиот материјал не може да изгори ни да се стопи и претставува еден од најогноотпорните материјали.

Проблемот настанува кога азбестот со кој бил изграден покривот и дел од конструкцијата во импровизираниот објект „Пулс“ се разградува, како што било случај со изгореното кабаре без лиценца. Тогаш влакната од кои е составен азбестот се пренесуваат во воздухот, но не може да се видат со голо око. Сите шест форми на азбест Светската здравствена организација ги оцени како канцерогени. Азбестните влакна од сронета, разградена азбестна површина може да останат во воздухот со денови, пред да паднат на земјата. Тие се толку мали и лесни, што со самото движење може да се разлетаат повторно. Станува збор за многу специфичен, сензитивен материјал.

– Кај нас во Австралија се прави скрининг на сите што некогаш биле во контакт со азбест за време на работен однос. Многу е опасен. Работниците не смееме да ги тераме да работат околу азбест што веќе се распаѓа, освен со специјални заштитни костуми – изјави менаџерка-инженер, која работи на градежни проекти во Австралија со години.

Таа додаде дека доколку азбестот се заменува со друг материјал, сите што се во близина го дишат и затоа треба да се постави мониторинг за да се измери концентрацијата заради безбедноста на оние што го отстрануваат од теренот. По употребата, работничката облека се става во специјални вреќи и не смее да се допира без специјални ракавици. Откако азбестот ќе биде подобен за отстранување, треба да се отстрани со целосна заштитна опрема, со посебни ракавици, а треба да има просторија за деконтаминација. Така е во Австралија.

Доктор Бојан Трајковски вели дека не може да се каже колкаво е „загадувањето“ што азбестот од „Пулс“ го направил, но дека тие луѓе што биле внатре треба да се следат медицински долгорочно, затоа што ако се случат промени на полошо кај нив, тогаш тие би настанале по подолг временски период.

-Азбестот е штетен за луѓето што се долгорочно изложени на него и тогаш доведува до мезотелиом, што е најтежок облик на рак на обвивката на белите дробови. Втората болест до која доведува е рак на белите дробови. Третата е азбестоза што претставува слепување на алвеолите во белите дробови и тешко дишење. Изложеноста била кратка, но не можеме да оцениме колкаво е загадувањето што азбестот го направил додека луѓето биле внатре – рече доктор Трајковски.

Трајковски додава дека во 2005 година низ цела Европа е воведена забрана за азбестот во градежништвото и тогаш почнуваат да се формираат служби што го отстрануваат и го транспортираат од објектите. Нивните системи за заштита се т.н. хазмат системи. Докторот смета дека по пожарот не би можеле да се во опасност сите жители на Кочани, туку медицинско следење поради азбестот треба да има само за присутните во „Пулс“ во критичната ноќ.

Професор доктор Мери Цветковска од Градежниот факултет при УКИМ од Катедрата за механика и материјали рече дека не се точни наводите во медиумите дека азбестот изгорел.

-Тој е токсичен тогаш кога е разграден. Не е горлива покривка, туку спаѓа во материјалите што се негорливи, со висока класа „а-1“. Не испушта чад и топлина, но од топлината може да се скрши, а при кршењето влакната што ќе ги испушти кога се разградува се канцерогени. Има посебни, специјални тимови што треба да ги спуштат таблите, да ги транспортираат во посебни депонии. Додека е во цврста и здрава плоча, азбестот не е опасност, но кога ќе почне да се раздробува, тие ситни влакненца се опасни и затоа се транспортира на посебно уреден начин, со специјални камиони, со заштитна опрема – објасни професорката Цветковска.

Во земјава има правилник за минималните барања за безбедност и здравје на вработените од ризиците поврзани со изложување на азбест при работа. Станува збор за стар правилник, објавен во Службениот весник уште во 2009 година. Со правилникот се бара работодавачите да не ги изложуваат вработените на концентрација на азбест во воздухот поголема од 0,1 влакно на кубен сантиметар измерени во однос на осумчасовен пондериран временски просек.

Експертите кои учествуваат во транспортот на азбестните остатоци во различни објекти апелираат државата сериозно да се постави при расчистувањето на теренот и да ангажира лица кои се обучени.

-При транспортирањето, плочите од азбест се ставаат на палета со димензии 120 на 180. Градежни фирми ги демонтираат таблите, се редат 20 или 30 од нив, потоа задолжително врз нив се става заштитна фолија и се врзуваат за да не лета прашината и се носат до депонијата Дрисла, која трајно ги вкопува во сериозни ископи. Тоа е решението по закон – рече експертот.

Работата со азбест вклучува многу строги правила кои што во правилникот се наведени, а меѓу нив клучна е опремата за заштита. И Правилникот за работа со азбест го потенцира ова. Во Правилникот е наведено дека вработените и нивните претставници кај работодавачите треба да имаат пристап до резултатите од мерењата на концентрацијата на азбест во воздухот и да можат да добијат објаснувања за тие резултати. Ако резултатите ја надминуваат вредноста од 0,1 влакно на кубен сантиметар измерени во однос на осумчасовен пондериран временски просек, тогаш засегнатите вработени и нивните претставници кај работодавачот се консултираат за мерките што треба да ги преземат.

Правилникот за работа со азбест упатува на здравствени проверки на луѓето што работат со него и водење поединечно здравствено досие за секој работник. Исто така, се води и евиденција на временската изложеност во просториите каде се работи во близина на азбест што е распаднат, а заштитни мерки се многу строги.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *