Се разведов пред неколку месеци (сопругот го бараше разводот), а синот неодамна замина на студии во странство. За првпат во животот ќе бидам сама за празници особено, за Нова година и ме фаќа страв од тоа. Како да ја преживеам ноќта во која сите се радуваат и се со некого?
Мразица
Мразица дарлинг, не се радуваат баш сите на новогодишната ноќ, не се сите со некого, не е важно кој кого напуштил, а децата е нормално еден ден да си го фатат својот пат.
Поразеноста од фактот дека си останал сам им се случува на луѓето кои никој, никогаш не ги подготвил дека е многу можно еден ден да останат сами. Поради многу причини. Родителите „нормално“, се највиновни за се. Дури и кога бебињата ќе се „замислат“/„заиграат“ околу нешто, тие брзо – брзо им се вмешуваат и им го расипуваат на своите деца бавењето со себе. Што од неоправдана грижа на совест (демек, го оставиле детето да „самува“), што од суета (како тоа јас не сум непоходен).
Младите девојки па и момчиња од татковата куќа директно влегуваат во сопружничката, без шанса (повеќе од малограѓанштина, помалку од финансиска неможност) за какво – такво осамостојување па таквото постојано „надзорство“ од некого подоцна создава зависност од постојано опкружување од други луѓе. (Некои не можат дури ни цигара да испушат сами.) Нејсе.
Најголемата грешка за празницте е онаа – да се очекува премногу од нив. Ништо нема спектакуларно да се случи или промени по него. Вие и понатаму пак ќе бидете во истата ситуација. Затоа, за новогодишната ноќ/или било која друга, отпатувајте кај себе. „Земете“ добри филмови, книги, купете миризливи свеќи, почастете си се со нешто што одамна го посакувате, ама не сте се осмелувале да си го купите …
Подгответе си го своето омилено мезе и пијалок. Кога сте сами, сигурни сте дека никој не ви ги брои залаците и чашите.
Сега е прилика да слушате/гледате (многу гласно) она што само вам ви е по ќеф. Можете и да танцувате и тоа облечени како што само вас ве радува (а притоа, фотки од тоа нема опасност да се појават на Фејсбук). Можете и цела ноќ да посветите на нега на лицето и телото.
Уф, некои би платиле да можат да бидат барем една ноќ сами…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)