Сутерен.мк

Доделени Златните глобуси

„Златниот глобус“ за најдобра машка улога заврши во рацете на Остин Батлер за неговата изведба во „Елвис“, а наградата за најдобра женска улога ја освои Кејт Бланшет за глумата во „Тар“.
Батлер беше прогласен за најдобар актер во филмска драма – биографија за легендата на рок-музиката Елвис Присли – на свечената церемонија.

„Јас сум во оваа просторија со сите мои херои. Не можам да поверувам дека сум тука“, рече Батлер во својот говор, а особено ги истакна Бред Пит и Квентин Тарантино.
Остин (31) ја почна својата кариера со улоги за деца како онаа во тинејџерската серија „Судбоносна замена“.

Во јули 2019 година се појави веста дека Остин добил улога како Елвис Присли во биографскиот филм на Баз Лурман. Говорејќи за улогата на Присли, Остин изјави за „Холивуд репортер“: „Кога го почнавме, сакав гласот да ми биде ист. Бев исплашен. Една година пред да почнеме да снимаме, работев на гласот. Гледав колку што можев повеќе од неговите изведби и филмови, одново и одново. Чувствувам голема одговорност кон Елвис, неговата поранешна сопруга Присила и ќерката Лиза Мари и кон сите луѓе во светот што го сакаат“.

„Фабелманови“ се закити со „Златен глобус“ за најдобар филм, а Стивен Спилберг ја освои и статуетката за најдобра режија. Спилберг, чиј филм има многу автобиографски елементи, во својот говор му се заблагодари на семејството. „Секој ме смета за успешна приказна. Но, никој не знае вистински кои сме сѐ додека не станеме доволно храбри за да раскажеме кои сме“, рече Спилберг.
Светските медиуми истакнуваат дека холивудската легенда Спилберг е големиот победник на годинешната церемонија.

Доделувањето „Златен глобус“ секоја година го означува почетокот на сезоната на наградување во филмската индустрија. Наградата ја доделува Здружението на странските новинари во Холивуд (ХФПА).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *