Сутерен.мк

До 31 мај ќе јадеме леб од 33 денари

Премиерот Ковачевски рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат, а други да се богатат. Министерот за економија Бектеши откри и дека со сегашните цени на брашното што се движат од 26 до 28 денари за килограм, пекарите имаат заработка од 6 денари за векна од 450 грама

Цената на белиот и на полубелиот леб, сечен или векна со тежина од 450 грама, до 31 мај годинава ќе биде замрзната на 33 денари, а цената на лебот што е со помала тежина од 450 грама, мора да биде и пониска од 33 денари, соопшти премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши во Владата. Одлуката ќе биде објавена или денес или утре во Службен весник. Владата на денешната седница ја укинала и субвенцијата за струја на пекарниците, а тие ќе бидат известени од ЕСМ да си најдат друг снабдувач.

Премиерот Ковачевски рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат други да се богатат, бидејќи и покрај субвенцијата за струја, само некои ги намалиле цените. Министерот за економија откри и дека со сегашните цени на брашното што се движат од 26 до 28 денари за килограм, нема потреба од активирање на стоковите резерви и објавувајќи ја деталната пресметка што се влегува во цената на лебот, откри дека пекарите со овие цени на енергенси и суровини ќе имаат заработка од 6 денари за векна од 450 грама. Тој ги повика производителите да не „шират хистерија“, бидејќи е недозволиво и неоправдано да најавуваат дека ќе престанат да печат леб.

Бектеши најави и дека ќе следат и други одлуки за замрзнување на цените. Тој е сигурен дека откако ќе цената на лебот ќе се одмрзне, нема да се зголемат неговата цена, се разбира ако нема некое драстично покачување на цените на суровините. Министерот за економија потенцира и дека ќе се прават инспекциски контроли и за грамажата на векните, нешто што граѓаните одамна го бараат.

– Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, тие не ги намалија или ги намалија незначително цените на производите. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7-12 проценти. Затоа денес им ја укинавме субвенционираната струја, а тие отсега ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика – посочи премиерот Ковачевски.

Премиерот е дециден дека антикризните мерки не биле донесени за едни да бидат поповластени од други, односно едни да плаќаат, а други да се богатат и да удрат по џебот на граѓаните за бенефит на поединци. Крајната цел на субвенцијата, како што нагласи Ковачевски била да се овозможи пониска цена на производите за граѓаните, па од тука мерката се укинува.

Министерот за економија повтори дека никогаш од ниеден владин претставник не се лицитирало со бројки за тоа колкави ќе бидат намалувањата кај цените, но по проверките на пазарните инспектори, откриено е дека некои производители отишле и повеќе од прогнозираните 7 до 12 проценти.

– Не е добро пекарите да изнесуваат неточни информации, оти деталните калкулации кои ги добивме од еден производител го покажуваат следното – за една векна леб од 450 грама, трошоците (брашно, вода, квасец, сол) учествуваат со 9,5 денари, струјата и работната рака (со 5,7 денари, односно нивното учество е 60 отсто), транспорт и пакување 6 денари, а со тоа вкупната производствена цена е 21,2 денари. На тоа треба да се додаде заработката на пекарите од 6 денари, по што влезната цена во маркетите е 27,2 денари и тоа треба да се додаде маржата од 5 отсто и ДДВ од 5 отсто, за да се добие крајната цена од 32 денари – прикажа Бектеши.

За потсетување, пекарниците завчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден откако ќе биде објавена во „Службен весник“ одлуката за замрзнување на цената на лебот, со образложение дека замрзнувањето на цената на 33 денари, ќе води кон нивно затворање. Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората при ССК и сопственик на пекарницата „Специјал“, дури порача дека „едностраното замрзнување на цената на лебот, без консултација со производителите било советско-болшевистичка метода“.

Инаку, од 1 јануари годинава прехранбените компании добиваат повластена цена на струјата од 80 евра за мегават-час, со цел да ги намалат цените на лебот и да се ублажат ударите врз семејниот стандард.

Лебот се замрзна, поскапеа ѓевреците
За пет денари е поскапен ѓеврекот во некои мали скопски пекарници, реагираат граѓани во „Слободен печат“, кои утрово наместо 20, морале да платат 25 денари за еден од најомилените производи за појадок.

„Што е ова? Нели цените ќе паѓаа? Продавачите се извинуваа, оти нашите броени пари не стасуваа за сметката. Некој ќе рече 5 денари и не е многу, ама процентуално е 25 отсто повеќе. Од бурекот сосема се откажавме. Сакаат да нè откажат сосема од пекарските производи, преку чии цени ги покриваа „загубите“ од месењето леб – реагира една наша читателка.

Граѓаните се жалат дека сè помалку купуваат печива, ама лебот, сакале-нејќеле, мора да го купат. Социјалните мрежи вчера зовреа од реакции во кои се даваше поддршка на намерата на Владата да ја замрзне цената на лебот, а со жестоки критики за најавата на пекарите дека ќе престанат да произведуваат леб која според нивните зборови не е „бојкот“.

Инаку, според податоците што лани ги објави порталот „Пари“, петте најголеми индустриски пекарници имале добивка од 12 до 122 проценти за 2021 година во однос на 2020 година.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *