Сутерен.мк

Драмонд Мани Коутс: Аристократот магионичар!

Тој е магионичар, водител и илузионист со уметничко име ДМС. Роден како Драмонд Мани Коутс, дваесет и деветгодишен несуден банкар, ја збунува и ја остава без здив публиката низ улиците на Лондон, Париз, Барселона, Мексико Сити и Сингапур. Негова специјалност се картите со коишто, според познавачите, прави чуда, но влегува и во светот на мистицизмот, илузијата, телепатијата…

Овој харизматичен Англичанец познат по серијалот „Повеќе од магија“, што се прикажува на ТВ-каналот „Нешнел џиографик“, ги комбинира класичните магионичарски точки со специфичностите на источната и западната светска култура. Иако учел од најголемите мајстори на занаетот, тој развил сопствен стил близок до уметноста, префинетоста и елеганцијата.
Како што сведочи, учел и ги совладал сензационалните точки и трикови на Худини – кој успева да се ослободи или да избега од најневеројатните ситуации, Карл Зенер, познат по вонтелесното забележување, Ури Гелер, популарен по свиткувањето на метални предмети, но ги применува знаењата и на најголемите магионичари на денешницата.

Се образувал во најпрестижните приватни училишта во својата земја, а дипломирал на универзитетот „Итон“, каде што учеле и неговите предци со генерации наназад. Во неговата биографија ќе остане запишано дека во неколку наврати уште како многу млад настапувал пред кралицата Елизабета Втора и целото кралско семејство, но ги забавувал и Хју Грант, Наталија Водјанова, Брајан Адамс, Ема Вотсон, принцот на Саудиска Арабија, Пипа Мидлтон…

Драмонд Мани Коутс е роден во Лондон како син на Криспин Мани Коутс и неговата прва сопруга, писателката Луси Дидс, која, пак, е ќерка на истакнатиот британски политичар, долгогодишен главен уредник на „Дејли телеграф“ и парламентарец Бил Дидс, со лордовска титула.
Неговиот татко, Криспин, исто така е сопственик на титулата „деветтиот“ барон од Латимер, во чиешто семејство била една од најпознатите и најстари банки во Англија, каде што се чува богатството на кралското семејство.

Пред сериите „Кард-шарк“ и „Повеќе од магија“, што се прикажува во моментов, тој снимал повеќе кратки филмови во сите делови од светот, од коишто повеќето имаат хуманитарен, но и образовен карактер.

  • Вашето шоу „Повеќе од магија“, што се прикажува на „Нешнел џиографик“, е многу гледано и кај нас. Дали некогаш сте биле во Македонија и дали знаете нешто за неа?

– За жал, не сум бил, но тоа не значи дека нема да дојдам. Ќе се вратам многу бргу, можеби веќе кон крајот на летото, и искрено се надевам дека ќе ја посетам и Македонија.

  • Овој серијал, во којшто патувате во различни земји од светот, покрај другото има и документаристички елементи. Зошто го одбравте овој концепт?

– Постојат многу шоу-програми со магионичари кои изведуваат трикови во последно време. Бидејќи секоја култура на светот има своја историја и специфична култура и верувања, сакав низ моите патувања да ја прераскажам и таа приказна. Секој трик што го изведувам во емисиите има свое значење за одредено поднебје и верувањата на тамошните жители.

Обработувам класични трикови комбинирани со источниот мистицизам и боречките вештини, со славниот кинески маг Луо Чен во Сингапур, кој има способност да им го смени животот на гледачите. Во Барселона ги комбинирам техниките на пророштво, илузија и перспектива, но правам перформанси инспирирани и од модерната уметност…

  • Како почнавте да се интересирате за магијата и сè што е поврзано со неа? Со оглед на вашето потекло, веројатно сите околу вас очекувале дека ќе станете банкар, политичар…

– Сè почна кога на осумгодишна возраст татко ми првпат ме одведе во најпопуларната и најстара продавница со магионичарски трикови и реквизити во Лондон, што се наоѓаше близу нашата банка, и ми купи книга-каталог во којашто се зборуваше за историјата и потеклото на магијата. Како и секое момче на таа возраст, јас бев опседнат со НЛО, духови, необјасниви мистерии и, се разбира, со прашањето дали е сето тоа вистина или не? Сето тоа ме доведе до точката каде што се наоѓам денес.

  • Значи, што е за Вас магијата, вистина или не?

– Магијата е вистина. Таа постои и секој ја има и ја носи со себе. Во мојот краток филм што го снимив во Египет пред неколку години со наслов „Што е магија“, дадов сопствена дефиниција за неа. Таа за мене е чувство исто како љубовта. Чувство што облагородува и разоткрива. Магијата мора секој да ја открие во себе и да види што му значи таа. Има толку нешта околу нас што се магични. Да речеме, раѓањето дете. Или спиењето, што е толку интригантно! Магијата е насекаде. Од нас зависи дали ќе ја видиме.

  • Кога веќе го споменавте ирационалното, верувате ли во натприродни сили и духови, црна магија…

– Треба да се направи разлика меѓу магијата и илузијата, бидејќи тоа се две различни работи. Илузијата е креација што изгледа како магија. Што се однесува до духовите, би сакал да видам некој дух, бидејќи не сум видел досега, ха ха ха.

Кога станува збор за црна магија, треба да стане јасно дека таа не е никаква натприродна сила, туку моќ да се дејствува врз друга личност. Сум видел на многу места во Африка како луѓето ја доживуваат и ја прават црната магија. Не ми се допаѓа тоа што тие ја прават за искористување или повредување на други луѓе.

  • Што е поважно во вашата работа, талентот или секојдневната работа?

– Може да имате талент, но без работа нема да постигнете ништо. Од друга страна, може и да не ја поседувате дарбата, но со многу труд да стигнете до посакуваната цел. Знаете, вежбањето со часови понекогаш е многу тешко. Тоа е многу слично како свирењето на некој музички инструмент. Никој не се родил како пијанист, туку седнал и учел теорија и практични работи, повторувал и повторувал илјада пати. Исто е и со магијата. Треба да се совладаат многу елементи и парчиња од мозаикот. Кога работам, бегам од овој свет и се загубувам во магијата.

  • Вашите трикови со карти се сметаат за неверојатни. Картите за некого се хоби, за други пасија, за трети забава. Што претставуваат тие за вас?

– Има многу скали кај триковите со карти. Многумина ги сметаат триковите со карти за тривијални, бидејќи ги гледале своите чичковци, татковци и вујковци како им покажуваат некои трикови. Но, реков дека има многу слоеви кај картите. Некои се психолошки. Некои математички. Секогаш мислам дека е неверојатно кога 52 карти ми даваат можност да направам илјадници нови возбудувања. Тоа е како партија шах!

  • Кој од вашите колеги го сметате за најдобар?

– Дејвид Коперфилд. Неговиот стил е уникатен и безвременски.

  • Кој е Ваш најпознат трик?

– Според реакцијата што ја добивам, веројатно тоа е трикот со двата камиона. Моите раце се врзани со јажиња што ги влечат камиони од едната и од другата страна. Сцената е напната и возбудлива. Во моментот кога треба секој од камионите да тргне на својата страна и да ме распарчат, успевам да се ослободам и да останам во еден дел. Ете…

  • Што очекувате публиката или гледачите да научат од вашата работа?

– Токму тоа што го рековте, да научат! Ме радува фактот дека и луѓе кои не ја сакаат магијата учат нешто за неа. Магијата е уметност, како кога зачекорувате во поле од поезија или влегувате во театар, на изложба… Таа е и како музика. Некоја само звучи добро, а некој друг звук наежува и растреперува… Секогаш има публика за неа. Значи, музиката не е секогаш само едноставна забава и начин како да ви помине времето, туку еден вид патување што ќе ве натера да размислувате. Тоа сакам да го постигнам во моето шоу.

  • Кои се вашите планови за иднината?

– Се надевам дека ќе продолжам со нови авантури и патувања што ќе ги споделам со публиката. Сè што посакувам е да продолжам со мојата работа.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2015 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *