„Македоника литера“ од Скопје неодамна објави уште пет нови книги од антологиската серија „Најдобрата кинеска литература за деца“, со што досега се објавени вкупно 18 тома. Новите пет тома се: „Бадникова вечер“ (роман) од Хуан Беиѓиа, „Дрвото сладок портокал“ (раскази) од Цао Венсјуан, „Ноќта со змејот“ (новели) од Пенг Ји, „Големоглав син и малоглав татко“ (раскази) од Џенг Чунхуа и „Развигорот нежно дувка“ (басни и бајки) од Сун Ѓианѓианг. Преводот од англиски јазик е на Елена Саздовска, Дијана Крстевска, Славчо Пеев, Бојана Богдановска и Сибел Ајдинова Бранковиќ.
Овие томови се, всушност, избор од прозата на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади. Изборот е направен од самите автори, а освен предговорот, книгите содржат и осврт на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.
Серијата е реализирана во копродукција со издавачот „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина.
„Бадникова вечер“ е еден од најпознатите романи на кинеската писателка Хуан Беиѓиа (1955), која има богат книжевен опус, пред сè романи. Во овој роман таа пишува за растењето и за созревањето на децата во современиот свет, кои стануваат пореалистични, попресметливи, осамени и егоцентрични. Многу време поминуваат со електронските уреди, поради што им недостасува разговор и дружење во реалниот свет, со вистински луѓе, а машините ги прават попаметни, но и постудени. Преку приказната за осумгодишниот главен лик, таа го следи неговото брзо зреење, но и доцното зреење на неговиот самохран татко. Животот на осумгодишното момче и неговиот самохран татко е необичен за надворешните лица, но топол и интересен за себе. Еден ден, во нивниот живот влегува малолетен деликвент, со што сè станува хаос. На испит се човечноста, одговорноста и љубовта. Во очите на младиот јунак, неговиот татко пораснува во маж и татко. Овој долг роман на Беиѓиа е дел од популарна серија нејзини романи за кои се смета дека имаат големо општествено влијание.
„Ноќта со змејот“ од Пенг Ји (1958) претставува избор од најрепрезентативните дела од фантастичните приказни на Пенг Ји, односно содржи три новели: „Ноќта со змејот“, „Цибетка со девет животи“ и „Тројца диноботи“. Овие приказни, кои личат на народните волшебни приказни, се фантастични и мистериозни, на границата меѓу сонот и јавето, со фантастични, луцидни и мудри пресврти, а кои всушност претставуваат и хорор-приказни за млади. Имаат прекрасен јазичен израз, структура и необични пресврти во мистериозните и фантастични сижеа. „Ноќта со змејот“ раскажува приказна за деветгодишно момче кое случајно се спријателува со змеј што исфрла оган. „Цибетка со девет животи“ ја раскажува приказната за една убава 12-годишна девојка, која во домот на нејзината тетка поминува волшебно, но по малку застрашувачко лето. Девојчето, со прекар „Сирена“, се сретна со една стара дама која се нарекува себеси мачката Цибетка… Во „Тројца диноботи“ се раскажува приказна за 12-годишното момче кое со своите храбри пријатели Ѓаволското Царство се бори со три ѓаволски змеја и ја пронаоѓа мајка си…
„Големоглав син и малоглав татко“ е најпознатото дело на кинеската писателка Џенг Чунхуа (1959) кое во Кина со години е бестселер и е едно од најрепрезентативните дела во литературата за деца. Адаптирано е за цртана серија која е посебно популарна кај младите и се прикажува во неколку сезони. Приказните во оваа е однесуваат на едно среќно семејство – син со голема глава, татко со мала глава и мајка со престилка. Тие, обични и срдечни, водат заеднички живот полн со смеа. Во семејство полно со љубов и топлина, синот расте и учи како да ги почитува другите луѓе, како да се соочува со тешкотии и како да ги сака другите.
Книгата е неверојатно духовита и луцидна. „Кога син ми имаше три години јас и мојот сопруг често го носевме да се поврзе со природата и да го научиме за сите видови мали животни. За време на овој процес, додека мојот сопруг и син си играа среќно, забележав некои уникатни работи за тој период и добив идеја да создадам дело за односите на љубов во семејство со едно дете, што е главна структура на семејството во сегашново општество. Конечно, делото се појави како Големоглав Син и Малоглав Татко“, пишува авторката. Делото доби неколку високи награди, а Кинеската централна телевизија направи аними¬ра¬на серија од 156 епизоди базирана на делото, која ја освои наградата за анимација „Златен орел“ (Кина), добивајќи голема наклонетост од децата и од родителите.
„Развигорот нежно дувка“ содржи избрани басни и бајки на Сан Ѓианѓианг (1946). Басните се куси, но предизвикуваат размислување со извонредно изведени заплети и техники за пишување. Тие можат да го поттикнат критичкото размислување на младите читатели. Некои од басните се полни со животна филозофија, додека други се поетски или интригантни. Делата се со многу високо ниво на литературна поука. Како и басните на Езоп, и оваа книга е погодна за читање за деца, но и за возрасни читатели.
„Дрвото сладок портокал“ ги содржи најрепрезентативните 12 раскази напишани од Цао Венсјуан (1954), кои претставуваат четива за светот на вистинското, доброто и убавото. Цао Венсјуан е и автор на истражувачки дела за литературата и сценарист и е добитник на неколку книжевни награди и награди за сценарио на филмски фестивали во Кина и во светот.