Македонските книжевни кругови се едногласни, дека една од највпечатливите книги што се појавија во нашата јавност, минатата година е романот „Човекот што ги сакаше калинките“ од Душко Родев, а во издание на „Македонска реч“ од Скопје, кој е и прогласен за Роман на годината од страна на „Утрински весник“.
Родев во ова дело пишува за љубовта и храброста, за зависта и омразата, за величината и подлоста. Тоа е роман за идеализмот, но и за напуштеноста и осаменоста, истовремено и за достоинството пред лицето на смртта. За сите овие сегменти од книгата, од човечкиот живот, се обидовме да поразговараме со авторот и Родев, зборуваше за сето тоа, но како редок и особен индивидуалец, на само за него, својствен начин…
- Ја очекувавте ли наградата на „Утрински“?
– Не знам. Ми се чини, не ја очекував, повеќе бев во исчекување, ама истовремено се надевав, ја посакував – како и сите автори што учествуваа во таа трка по наградата на „Утрински весник“.
- Како се чувствувате по добивањето?
– Па јасно, пријатно. Убаво. Ама, истовремено, по малу не верував, а наедно верував, и тогаш чувствував една сатисфакција. Задоволство. Зашто човек не знае, кога пишува, дали напишаното е добро, како што му се чини или не е успешно, како што исто така му се чини. Човек е едноставно, преморен од сето тоа пишување, поправање, бришење, ново пишување – воопшто, шашардисан. А и да биде се добро уште од првиот пат, пак е човек несигурен. Толку работи сакал да каже, а дали ги кажал? Потребно е некој друг да пресуди. Е, кога ќе дојде до тоа да пресудат неколкумина и да заклучат дека тоа е добро – тогаш настапува еден мир. Сатисфакција. Задоволство. Што сепак, трае кусо… Зашто доаѓаат други сомневања.
Всушност, кога ми соопштија – ми се јави Невена Поповска, ми се претстави и ми рече дека жирито штотуку го донело решението за награда – јас бев по малу вџашен, по малу среќен, слушав со неверување и, се разбира, со верување, а истовремено си реков: А што, ако некој се подбива со мене? Се подготвував за излегување, телефонот заѕвони, таа ми кажа дека треба веднаш да дојдам во „Утрински“ и дека жирито ме очекува. Јас реков дека автобусот ми тргнува набргу и ќе бидам таму најдоцна за половина час, а потоа излегов и си реков – Море каков автобус, земај такси! Се испостави дека – не ме излагале.
- И, што по неа…?
– Ништо. Се си оди како порано. Ама прво, треба да се одработат сите овие интервјуа, сликања…
- Денес Ве респектираат, но некои Ваши книги, како „Разговори со Дојрански“ своевремено беа игнорирани овде. Зошто?
– Па знаете како е, никој не сака да си стави трн во здрава нога. Особено, ако се најде некој што лесно ќе се втурне со главата во ѕидот… Еднаш, во едно списание ми побараа прилог за свечениот број. Прашувам, колку страници, а тие велат, пет – шест. Еве ви пет – шест страници, од „Разговори со Дојрански“. Тие: „Па кај најде, ние имаме свечен број, годишнина, а ти ни даваш прилог како горат живи луѓе!“, „Па чекајте, велам, тоа беше вистина!“, „А бе, каква вистина! Многу нешто е вистина, па не се пишува!“
И со еден критичар, тогаш голем, започнавме расправија на улица. Јас му велам, „чекај, па јас за тоа сум пишувал во ‘Нова Македонија’“. „Море, каква ‘Нова Македонија’ бе, што ми е гајле! Ти можеш да пишуваш кај сакаш, ама тоа идеолошки е штетно!“ Тогаш, јас пламнав, му реков дека и Жданов во Русија им давал поголема слобода на литератите.
Тој го опсу Жданов и рече дека не сум токму, а во тој момент забележав дека кон нас, тивко, се приближува еден милиционер што не прислушкувал и дека одејќи, полека ја отпетлува својата „службена палица“. Критичарот продолжи идеолошки да ме суредува, ама јас молчев и го меркав неговиот инструмент за смирување. Во секој случај, нашата дискусија бргу заврши.
- Имало ли некој кому Вие, Вашето творештво сте му пречеле?
– Не верувам. Баш ми е гајле. Всушност, секогаш ќе се најде по некој, што ќе рече: Па кој е бе сега овој, да пишува?
- Како гледате од денешна перспектива на тие случувања?
– Од забавната страна. Па дури и со разбирање… Иако, не ми е јасно, со какво разбирање. Зашто за мене, и како автор, и како човек, беше понижување, и фрустрација, да можам да објавам во друга – очигледно потолерантна и покултурна средина – а не во мојата, за која конечно, и пишувам. Во некој револт, сакајќи да успеам, и да ја објавам книгата, а знаејќи дека се е попусто и нема да успеам, јас го зграпчив телефонот. Му се јавив на Слободан Машиќ, сопственик и уредник на „Независните изданија“, кого воопшто, не го познавав и му реков, гледајќи да не ми затрепери гласот од несигурност, дека имам да му понудам нешто…
Човекот се најде во небрано, ниту ме знае, ниту чул нешто за мене, и туку рече: „Па добро… Знате… Па како да вам кажем… Па пошаљите…“ Јас тогаш треснав, просто офнав, знаејќи дека се закопувам: „Ама тоа е на македонски!“ Човекот којзнае што помисли, но рече: „Па пошаљите на македонском.“ Јас му го испратив текстот, знаејќи дека и да е добро, какво фајде, кога нема да го разбере секој втор или трет збор. Ама го испратив.
По исвесно време, се фаќам за телефонот, да му се јавам, а знам дека ќе ме одбие и однапред ме обзема една горчина, ја спуштам слушалката, за да го одложам, барем за малку, моментот на вистината… И пак, се фаќам за слушалката, ѕвонам, таму се јавува глас: „Ало?“, а мене ми се сечат нозете, наеднаш посакувам да ја прекинам врската, но велам, колку можам порелаксирано и жовијално: О, добар дан, овде е… се претставувам и го прашувам дали го примил текстот и дали евентуално, почнал да го чита. – „Ја сам то прочитао, допада ми се и ја чу то објавити!“ И, го објави.
- Меѓутоа, предизвика и големо внимание таму…?
– Па, влезе и во поширокиот избор за Ниновата награда, во „Политика“ беше објавена една прекрасна рецензија, еден познат српски поет ми се јави со писмо воодушевен од текстот. Машиќ ми рече по телефон дека друг српски прозаист бил воодушевен од текстот, а јас никој од сите тие луѓе не познавав, ниту некој од нив имаше чуено за мене. Кога книгата беше објавена, Машиќ испрати десетина примероци да се стават во излог на една скопска книжарница. На корицата на книгата одзади, беше објавен список на останатите, претходно објавени книги во рамките на „Независните изданија“.
За некои стоеше „исцрпено“, за други – „забрањено“… Но книгата не се појави ни во излог, ни внатре во книжарницата. Испратив еден пријател да праша, во што е работата, а тие му рекоа дека ништо не примиле. Му реков на Машиќ: Тие ништо не примиле, пратката не е пристигната, а тој: „Ма како то може, послао сам препоручено!“ Јас го замолив да испрати нови десет примероци, тој де сака, де не сака, ама испрати. По извесно време, се интересирам во книжарницата: „Ма не човече, ние ништо не сме примиле! Кај, па да сме примиле – веднаш ќе ги истакнеме!“ Јас пак, му се јавив на Машиќ, а веќе јанѕа ме јадеше.
Знаев, овде ги виделе оние „забрањено“, па пак, „забрањено“ и јасно, заклучиле: па ова е некоја опасна работа, штом му забрануваат книги! Па, којзнае што е ова! Зашто кај нас никогаш, ниедна книга не била забранета, а овој уште се фали со тоа!? Бегај што подалеку од таквијата! Дури по години, на распродажба, се појавија во македонската книжарница „недојдените“ книги на Машиќ…
- Навистина ли Љубиша Ристиќ и Слободан Унковски сакале да прават проекти според неа?
– Да, книгата ја доби и режисерот Љубиша Ристиќ и веднаш реши да прави претстава на југословенско ниво. Во главните улоги требаше да биде Мики Манојловиќ и уште еден актер, многу познат Словенец, не ми текнува како се викаше. Ристиќ сакаше со таа претстава да го отвори Охридско лето, мајка му е охриѓанка, ама не само поради тоа.
Тоа требаше да биде – така ја замислуваше – една голема претстава, во која сите актери, и Срби, и Словенци, ќе говорат македонски – во неговите претстави секогаш се мешаа сите југословенски јазици. Но некаде пукна работата: Кој е па тој Душко Родев, кај го измислија!? истовремено скопските актери, мислам од Драмски, се побунија: Зошто да се носат таму српски или словенечки актери, кога ние си имаме наши, одлични актери! Тоа излезе и по весниците. И Љубиша – крена раце.
Арно ама, Слободан Унковски, кој си ја доби книгата по пошта, и ја плати, реши да прави филм по неа. Се разгледа работата на „самоуправните органи“, се донесе заклучок, и еден ден се најдовме, покојниот Стево Црвенковски, тогаш директор на „Вардар – филм“, Слободан Унковски и јас во бифето на Југословенско драмско позориште, во разговор со Гордан Михиќ. Унковски сакаше Михиќ да го пишува сценариото, а евентуално, јас да вмешам прсти. Јас слушав, гледав колку е часот, зашто во тоа време требаше да се најдам со една пријателка, која требаше да ми донесе некакви природни лекови за еден мој пријател кој умираше од рак.
Тие лекови не помогнаа, Југославија пропадна, пропадна и филмот, а Стево Црвенковски стана прв министер за надворешни работи, отиде во Америка и ја потпиша спогодбата со овој Папуљас, што е сега претседател на Грција.
- А Вие…?
– Во меѓувреме, го напишав и продолжението на „Разговори со Дојрански“, ама тоа е друга тема, а и јас зборував повеќе отколку што мислев, па сите други прашања ќе останат за некоја друга прилика. Јас сега малку ќе здивнам…
Премолчуван дома, објавуван во Србија
Душко Родев е роден во Скопје, каде и ќе дипломира на Филозофскиот факултет, по што бил новинар во „Нова Македонија“, како слободен репортер, а бил и дописник од Франција, Италија и други земји. Еден е од иницијаторите за формирање на издавачкиот оддел во рамките на НИП „Нова македонија“ и уредник на познатата библиотека „Свет и време“.
По принудното растурање на издавачкиот оддел, извесно време останува без работа и без приходи, а потоа се вработува во телевизија Скопје, како уредник на драмската програма. Неговиот роман „Разговори со Дојрански“, некои македонски издавачи го одбиле да го печатат, но беше објавен на српски јазик, во рамките на „независните изданија“ на Слободан Машиќ, а влезе и во изборот за НИН – овата награда. На анонимните конкурси за расказ на „Нова Македонија“ и „Политика“ многупати е наградуван и му се откупувани расказите.
Покрај споменатите, Родев е автор и на романите: „Беспатици“, „Враќање кон црвената земја“, „Еребици во каменестиот пејсаж“, „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“, „Цветот на дивата роза“, книгите раскази: „На снегот, со Олја“ и „Косови, зиме“, како и на драмите „Здраво седма сило“ и „Првиот ешалон“. По негово сценарио снимен е и тв филмот „Дивеч за отстрел“.
Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2011 година