Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа почна нова ера, согласни се аналитичарите на германските весници. Но се разликуваат мислењата околу тоа колку Трамп ќе успее да ги изолира Соединетите Американски Држави и како на тоа треба да одговорат Германија и Европа, пишува Дојче веле.
„Не смее да се навикнеме на ова лудило“, гласи насловот на коментарот на германскиот весник Зидојче цајтунг за инаугурацијата на Доналд Трамп. Во текстот се наведува дека новиот претседател на САД веднаш презирот кон сите се обидел да го продаде како нормалност.
„Едно мора да му се признае – никој кој гласал за него не може да каже дека не знаел што доаѓа“, пишува минхенскиот весник.
Вториот голем дневен весник Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека САД е и понатаму еден од најблиските сојузници на Германија и дека земјата зависи од американскиот штити поради „заканата од Русија“.
„Во таква ситуација би требало новиот претседател да го дочекаме барем неутрално. Ќе има доволно време за разлики. За време на првиот мандат на Трамп Германија се дефинираше како некаков вид на спротивен пол и вистинска предводничка на Западот, и тоа го направија речиси сите (германски) партии.
И тогаш тоа беше над можностите на државата, но денес би било вистинско занемарување на состојбата во светот. Во многуте домашни задачи на следната сојузна влада спаѓа и ново нагодување на надворешната политика“, пишува франкфуртскиот весник во пресрет на изборите во Германија на 23 февруари.
Поинаку мисли коментаторот на весникот Бадише нујесте нахрихтен од Карлсруе. Тој пишува дека е погрешно да се бара разбирање и излегување во пресрет на Трамп, бидејќи тој надворешната политика ја гледа како игра на сè или ништо и не е спремен на компромиси. Таков му беше и инаугурацискиот говор, напоменува коментаторот и додава:
„Во тонот пооптимистичен, но всушност мрачен како и пред осум години, Трамп во првото обраќање до нацијата вети дека ќе го сопре фамозното пропаѓање на Америка. Како? Со понатамошна милитаризација на надворешната граница, користење фосилни горива и трговски царини против пријателите и непријателите“.
„Трамп го дели целиот Запад. А Европа периодот без Трамп не го искористи за да ги обедини силите за да се одбрани европскиот интерес од агресивното Америка прва. Уште полошо, Стариот континент е искаран и слаб како никогаш претходно а се соочува со американски претседател кој пука од сила и е спремен на сè“, оценува Рајнфалц од Лудвигсхафен.
За „новата ера“ пишува Донаукириер од Инголштат. Тоа е ера „во која не важат фактите и етиката, туку моќта и волјата“. „Како кинескиот диктатор Си (Џинпинг) и рускиот властодржец (Владимир) Путин, и Трамп околу себе ја собира олигархиската номенклатура. Јавното мислење и вообичаените правила повеќе немаат значење – овие луѓе го кројат светот како сакаат“.
Берлински Тагесшпил ги набројува проблемите: „Миграциите, Блискиот Исток, Украина, Кина – тука се бараат дела, не само зборови. Иако изолациското крило на републиканците сакаше нешто друго, слоганот Америка прва изгледа наивно имајќи ги предвид светските кризи и можните последици“.
Франкфуртер рундшау забележува дека моќта на Трамп сега е „застрашувачка“, но дека нема конзистентна стратегија како да ги депортира мигрантите, а да го почитува уставот како што најави или да не ѝ наштети на економијата, како да го „врати“ Панамскиот канал, како да ги крене царините а да не предизвика инфлација.
Веќе, пишува весникот, „акциите на берзите паднаа, иако скокнаа по изборната победа на Трамп. Финансиските пазари, како што е познато, не ја вреднуваат денешницата, туку утрешнината. А за разлика од првиот мандат, сега сите се спремни за Трамп“.