Сутерен.мк

Егон Савин: Нема доволно силна пцост!

Факултет за драмски уметности завршил во Белград, во класата на Дејан Мијач. Со своите режисерски постановки гостувал низ целиот свет и освоил бројни признанија и награди. Еден од основачите е на „Култ театарот“ во Белград, каде што живее и работи како професор по режија на тамошниот ФДУ. Роден е во Сараево, во 1955 година.

Кога ќе го запознаете, првиот впечаток е дека станува збор за рамнодушна дури и студена личност. Вториот пак, кога малку ќе се подружите со него е дека тој е сталожен, скромен човек, со двете нозе на тврдата земја. Кој своите цели во животот не ги има побркано. Зборува уредно и селективно, но не и неемотивно.

На „Охридско лето“ премиерно ќе биде изведена „Лаж и Паралаж“ на Јован Стерија Поповиќ, во продукција на Македонскиот народен театар

  • По втор пат сте во Македонија. Што ве натера да дојдете пак?

– Првиот пат кога бев, за „Злосторство и казна“ нели, бев многу изненаден од работата и квалитетот на резултатите што овдешните театарски работници ги даваат. Овде имав и имам задоволство, иако е еден кус интервал, да работам со луѓе кои театарот го сметаат за нешто блиско, интимно, за извор на задоволство, кои сакаат да испробуваат во театарот.

Луѓе кои се радуваат во театарот, за разлика од многу мои колеги во Белград, кои се прилично мрзоволни (особено, ако се талентирани). Соработката што ја имавме овде резултираше со една добра претстава, која живее и денес, па се надевам дека и „Лаж и паралаж“ ќе го повтори успехот!

  • Ова го зборувате од љубезност?

– Немам никаква потреба од додворување. Сум работел во Сараево, Загреб, Подгорица, Сплит…, но ретко каде сум доаѓал по втор пат! Овде има талентирани луѓе, постои театарска традиција и што е најважно, има театарска публика! Македонија има квалитетен театар.

  • Овде пак, често се мисли токму спротивното!

– Синдромот на себепотценување е присутен насекаде на овие простори. Ние сме секогаш престроги кон себе. Само кога по некоја случајност ќе отиде наша претстава во светот, тогаш сфаќаме дека вреди тоа што го работиме. Додека пак, се што доаѓа од „светот“, по правило е вредно. Лично пак, не сметам дека светот е на Запад! Ние сме подеднакво свет. За мене „светски“ не е комплимент, туку само прашање на висок стандард.

Сите театари се исти, со истите проблеми. Само е различен односот на средината кон нив. Односот на надлежните министерства, медиумите, јавноста… Добрите претстави никаде не се масовна појава, тие се секаде исклучок. Овде има такви исклучоци, што значи има театарски потенцијал!

  • Зошто токму „Лаж и Паралаж“?

– Многу ми беше битно да биде тоа Стерија. Него го сметам за сосема рамноправен со Молиер или Гогољ. Со намера сум цел да го режирам. Она што го реков за театарот важи и за Стерија. Не знаеме да ги цениме сопствените вредности. И во Србија Стерија е игран многу малку, што е вистинска штета.

Секогаш се третирал како лектира, како обврзна некогашна книжевност, а многу малку како битен за театарот. А битен е многу! Бидејќи Стерија е писател на игра, дава безброј можности за работа, баш за играње со театарот. И на режисерите и на актерите.  А го поставувам овде зашто сметам дека на македонската публика треба да и се „открие“. Дека ќе се допадне. Всушност, не знам друг драмски автор (освен, можеби Нушиќ), кој и е поблизок на македонската публика.

  • Како професор, што мислите за Белградската академија?

– Таа значеше многу, не само во југословенски, туку и во европски рамки. Мислам дека значи и денес. Имаме многу силна катедра по режија, која дава еден солиден кадар, која…

  • … Која произведува генијалци!?
  • Генијалци има на приемниот испит, на дипломскиот тоа се млади луѓе кои научиле дека само со знаење и пред се, со чесност, му се приоѓа на театарот. Дека тој бара огромна енергија, огромна физичка и ментална кондиција, многу подготовки, љубов кон работата.

– Режијата е најмалку работа на талент и генијалност. Чесниот однос кон работата е она што го прави еден режисер да е добар. Белградската академија се обидува тие млади луѓе да ги научи на занает. Се што претендира на некаква генијалност, не треба да студира.

На своите студенти обично им велам дека режијата е стар занает, а како во секој стар занает, потребни се првин десет години да бидеш ќирак, па десет калфа, па дури потоа можеби, мајстор! Театарот не трпи нагли успеси! Наглите успеси редовно се одмаздуваат. Најтешко е да се оствари, да се работи цел живот нешто што вреди.

Театарот е егзактна работа, нема во него многу место за филозофирање.

  • Што е Егон Савин: занаетчија, мајстор, генијалец?

– Моите родители беа оперски пејачи, така што јас пораснав во театарот. До пред десеттина години имав идеја да направам некоја голема, сензационална кариера. Денес знам дека тоа за театарот е безначајно. Што е за театарот една кариера!? Нему не му требаат луѓе на кои им е до лични успеси. На театарот му требаат луѓе кои ќе му се подредат. Важен е успехот на една претстава, успехот на една колективност. Театарот е тимска работа.

Најдобрите режисери се невидливите режисери. Нема место за препотенција во театарот. Препотенцијата е секогаш немоќ. Сакам да сум мајстор на својот занает. Се преку тоа, мене ми се чини невозможно. Не чувствувам впрочем, ниту потреба за било какви сензационалистички случки.

  • Ве интересира ли телевизијата, филмот?

– Би сакал да работам на филм, но немам многу прилики за тоа. А телевизијата не ме интересира воопшто. Е сега, кај нас за да снимите филм треба да сте и режисер, и сценарист, и организатор, и финансии да обезбедите… Тоа е една машинерија во која треба да умеете да се вклучите, а јас немам нерви за тој вид лудило.

Кога би ми се обезбедиле услови, би сакал да работам на филм, имам и некои сценарија во скици, идеи, но како што реков, да работам само како режисер.

  • Какво е чувството по пет години од распаѓањето на земјата на која и припаѓавте, на градот во кој сте роден?

– Никој веќе на Балканот не се чувствува добро, поради таа војна. Мене ништо околу тоа не ми е јасно и одвратно ми е да размислувам за тие нешта. Како и многумина веројатно, и јас се чувствувам промашено и за тоа Сараево. И не само за него. Истото чувство го имам и за Дубровник, Вуковар, таа Краина…

Нема доволно силна пцост со која би го изразил својот бес, својата лутина и за градот во кој сум се родил и за градот во кој живеам. И сето тоа ќе помине, ќе се заборави, ќе отиде во фундусот на историјата. А нам ќе ни остане она непријатно чувство, дека сме биле немоќни било што да сториме.

  • Зборувате многу сталожено. Секогаш сте така смирен?

– Ах, тоа е само привид. Надворешност. Но, да, јас навистина немам причина да не бидам задоволен од својот живот. Благодарение на мојата објективност. Живеам во склад со своите можности и тоа ме прави стабилен. Не трчам побрзо отколку што можам. Секој човек кој се убедува дека може повеќе, кој бара повеќе од она што навистина е можно, станува хистеричен.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година    

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *