Сутерен.мк

Единствената “фабрика на работниците” успешна и во 2022-ра

Од почетокот на 2022 приватната конфекција „Вабо“ е во рацете на работниците, па тие се оставени да стопанисуваат со фабриката, во соработка со странските партнери да ја вршат лон набавката на суровини, сами да го организираат производството и сами да го вршат пласманот на производството кое целосно е наменето за извоз. За да може фабриката успешно да функционира, на предлог на директорот и сопственик на конфекцијата Ване Богдов минатата година бил избран менаџерски тим од редот на искусни и проверени кадри кои ги поминале сите фази во работењето.

За менаџерка на производствениот процес е назначена дипломираната текстилна инженерка Тања Николова која во фабриката работела и како шивачка, била нормирка и шеф на производството, а за финансииите е задолжен дипломираниот економист Дарко Роглев кој се специјализирал и за извоз. Овој либерален проект почнал да се реализира од почетокот на 2022, па така цела година се почитува договореното 120-те вработени да ја користат фабриката со целиот свој машински парк и да остваруваат плати според произведеното и пласираното на странскиот пазар.

Сопственикот на фабриката, кој во оваа бранша е над 30 години, се одлучил да ја даде на користење фабриката со сета опременост на работниците затоа што тој се заситил со оваа работа, а неговите деца се ориентирале на туризам и угостителство.

„За да не престане со работа фабриката, која е мошне успешна, а вработените да имаат егзистенција се одлучив на оваа варијанта. Точно пред една година одржавме состанок со работниците и го образложив целиот проект. Имавме искусен кадар, одредивме кој од стручниот кадар ќе менаџира со фабриката, а тоа беа квалитетни технолошки инженери и лица специјализирани за финансии“, вели Богдов, кој уште тогаш им се ставил на располагање да им помага за било што ако тоа биде побарано од него.

Тој им помогнал уште во старт, затоа што залихата што останала им ја преотстапил, па вработените на чело со менаџерскиот тим веднаш на почетокот од годината реализирале извоз и успеале да ја исплатат првата плата за јануари. Менаџерите на конфекцијата „Вабо“ останале да соработуваат со две мошне стабилни германски компании за кои и претходно произведувале по лон системот. Со помош на Богдов успеале да извлечат од странските партнери повисоки цени.

Сите сметаат дека фабриката успешно продолжила да работи дури и да го зголемува проиводството и да се остварува добивка и повисоки плати, благодарение на што сега вработените сфатиле дека само од нив зависи дали ќе имаат повисоки плати со поголемо искористување на работното време. Николова знаела дека кај работниците има резерви да ја зголемуваат продуктивноста на трудот па повеќе работници за поголема плата успевале да го зголемат производството и за 50 насто со секојдневна работа од 7 до 15 часот и со работа преку една сабота, што значи во месецот две саботи одморале, а две работеле.

„Во зависност од остварениот пласман на лон производството и врз основа на индивидуалниот учинок во текот на 2022 година се исплатувани плати и до 30.000 денари, така што е остварена просечна плата над 20.000 денари. Искористени се и годишните одмори, половина со колективниот одмор, а останатите денови им е овозмежено да ги искористуваат според сопствените потреби. За К-15 се планирани 12.000 денари што се исплатува на два пати во време како што предвидува законот, односно едната половина пред одморите, а другата до крајот на годината“, велат Николова и Роглев.

Фабриката „Вабо “ е една од ретките која практикува платено отуство или платени оправдани денови во случај на смрт на член од потесното семејство со исплатени две просечни плати, потоа оправдано отуство за женидба и отпремнини при заминување во пензија, а обезбеден е и бесплатен автобуски превоз за сите вработени. Во новата година ќе влезат со извесна добивка која превентивно ќе се чува за некои евентуални зголемени трошоци за енергенси, како што тоа било случај и во текот на оваа година кога трошоците за струја се значително зголемени. Зголемени се и трошоците за нафта оти се греат на парно, а во лето клима системот за ладно е на струја.

Велат дека трошоците за енергенси со новите цени им прават големи проблеми. Во септември за струја плаќале по 8 денари киловат, наредните месеци се зголемила на 14 денари, па на 19, а за декември цената на еден киловат ќе биде 30 денари. За сиве овие состојби околу трошоците и какви се месечните планови колку треба да се произведе и по кои цени, менаџерскиот тим ги информира вработените преку инсталираниот разглас во производствените хали. Така ќе биде и на крајот од годината кога ќе има транспарентен завршен биланс.

Според договореното, за првата година која веќе изминува не се плаќа никаков надомест, но од 2023 ако фабриката работи и остварува добивка ќе се плаќа минимална кирија за 1.250 метри квадратни производствен простор. Во него во текот на 2022 се произведени 120 илјади женски панталони и над 60 илјади женски блузи. Менаџментот вели дека странскиот партнер за оваа лон работа бил задоволен па затоа било можно да се извлече повисока цени за произведеното, што овозможило годината што изминува да заврши успешно со реализиран пласман и со редовни и зголемени плати.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *