Единството во МПЦ-ОА на испит пред искушението на поделбите

На искушение е ставено единството во редовите на МПЦ-ОА по собирите на верниците, изминативе денови, во земјава, околу предлогот за именување на новиот дебарско-кичевски митрополит. До собирите дојде откако архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, реши на синодската седница закажана за 12 јуни за наследник на починатиот владика Тимотеј да го предложи поранешниот македонски амбасадор во Ватикан и декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, а сега новозамонашен монах Горгиј. Неговите експресно замонашување и унапредување во два монашки чина и фактот што само за 16 дена треба да го изоди патот од монах до митрополит предизвикаа незадоволството кај дел од верниците.

Поради незадоволството од ваквиот начин на избор, се собраа неколку илјади верници на собирите во петокот, во Охрид, а вчера и во Скопје, каде што протесната поворка го изоди патот од главниот скопски плоштад до архиепископската резиденција во населбата Криви Дол. „Глас за дедо Партениј“, „Партениј за митрополит“, „Партениј – достоен“, „Ние имаме само еден владика“, „Црквата е народот, а народот има свој кандидат – дедо Партениј“… беа само дел од паролите и слоганите што беа извикувани од учесниците.

– Најпрво дозволете да побараме јавна прошка и да им се извиниме на двајцата дедовци, како на дедо Стефан така и на дедо Партениј, за овој мирен собир. Знаеме дека нивната монашка смиреност, во принцип, и не поддржува вакви собири. Исто така, уште нешто што треба да го разјасниме на почетокот е дека не е ова никаков протест, туку ова е собир од верници, од оние луѓе што сметаат дека се дел од она што се вика жива црква. Живата црква е, несомнено, народот во Македонија. МПЦ, односно ние, овој пат имаме наш кандидат, кој ги освои срцата на илјадници духовни чеда и едноставно само бараме да биде слушнат гласот на логиката. Бараме на тој предлог-избор да има втор кандидат, односно зборуваме за отец Партениј, во никој случај не сме против новоназначениот монах, кому му посакуваме долг и благодатен живот, многу духовни чеда и големо смирение, онакво какво што го краси дедо Партениј – соопшти Илија Каров на собирот.

Спротивставувањето на планот на архиепископот Стефан продолжува, а за вечерва во Кичево беше закажан нов мирен собир.

– Затоа сме должни да бараме да се слушне и нашиот глас, да има втор кандидат, отец Партениј, владиката на нашите срца. Во никој случај не сме против новоназначениот монах, само сакаме 30. години монашки живот на отец Партениј да не се фрлаат во вода – беше наведено во јавниот повик.
Наспроти ова, во јавноста и на социјалните мрежи се објавуваат и ставови со кои се дава отворена поддршка за изборот на новиот монах Георгиј за охридски митрополит.

– Професорот Ѓорѓевски, сега јероѓакон Георгиј, е познат по своето длабоко богословско знаење, личната посветеност и по несебичната љубов кон Црквата. Неговото монашко и ѓаконско служење е сведоштво за соединувањето на науката и духовноста, на словото и молитвата, на умот и срцето. Достоен е! Нека Господ го утврди во неговото ново служење и нека неговиот пример биде поттик за сите што Го љубат Христа и сакаат да Му служат со сето свое битие – соопшти викендов Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“.

Очигледно, делбите меѓу верниците и институциите во рамките на МПЦ-ОА се продлабочуваат, а со што се доведува во прашање и единството во црковните редови. Братството на свештениот Бигорски манастир, каде што е седиштето на епископот антаниски, Партениј, вчера упати соопштение во кое предупредува да не се дозволи да се загуби единството на нашата Света МПЦ-ОА. Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на манастирот, оттаму искажуваат благодарност до верниците.

– Благодарни сме што верниците, постапувајќи според својата загарантирана слобода, самоорганизирано ги покажуваат своите грижа и љубов кон Црквата. Таа грижа сведочи за нивната жива вера и за длабоката поврзаност со Црквата, како и кон нивната ревност кон црковните преданија. Но, во овој момент, со длабока љубов замолуваме да не биде изгубено од вид она што е над сè: единството на нашата света МПЦ-ОА. Тоа е почетокот и крајот на сè. Тоа е темелот врз кој почиваат нашето заедништво, нашиот мир и секоја наша духовна надеж! – се потенцира во соопштението.

Се додава дека сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат.

– Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот што го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ, со почит кон канонскиот поредок. Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа се натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива – се потенцира во обраќањето на Братството.

Од Синодот на МПЦ-ОА вчера немаше реакции. Од црковни извори дознаваме дека закажаниот датум за синодската седница и натаму останува.

– На седницата е дозволено да се достави предлог и за друг кандидат за владика. Одлуката за нечиј избор се носи со мнозинство гласови на оние архијереи што управуваат со некоја епархија – ни објаснија овие извори.

Архиепископот Стефан, во текот на вчерашното чествување во Стоби, порача дека е најважно единството во Црквата.

– Делото на Соборот во Никеа продолжува во правилно Богомислие и Богопославување. Продолжува во соборите на помесните цркви и на епархиите, продолжува во сите црковни заедници каде што се лекуваат поделеностите, каде што животот во Христа е опиплив преку единството во верата и љубовта – потенцира тој.

Но, одговорот на прашањето дали е загрозено црковното единство во овој период – нема. Односно дали може да се случат поделби меѓу верниците на линијата на (не)прифаќање на евентуалната синодска одлука со која за нов митрополит дебарско-кичевски би бил назначен новиот монах Георгиј? Прашањето што, исто така, се поставува се врзува за односот кон таквата одлука на Братството на Бигорскиот манастир, кое е најголемата монашка заедница во редовите на МПЦ-ОА. Противниците на епископот Партениј постојано го обвинуваат за преголема блискост со Вселенската патријаршија и со Бугарската православна црква.

Македонската црква веќе доживеа голема поделба во 2002 година, кога од неа се одвои тогашниот повардарски митрополит Јован Вранишкоски со група монаси заради пристапување кон Српската православна црква. Беа потребни цели две децении да се надмине тој раскол.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *