Сутерен.мк

Емилија Андреева: Животот е збрка од интерпункциски знаци

По цели седумнаесет години, актерката Емилија Андреева повторно застана на театарската сцена со монодрамата, што трае цели два часа, работена според книгата на Рејмон Кено „Стилски вежби“, во режија на Нелко Нелковски

„Севишниот ми ја слушна молбата да застанам повторно на сцена! Благодарна сум и пресреќна поради тоа!“, ни изјави Андреева, преплавена од емоции и благодарност кон директорот на Македонскиот народен театар, Сашо Миленковски, режисерот Нелковски, но и тимот што работеше во подготовката на претставата – сценската техника на театарот, Ненад Трпеновски, кој ја подготви музиката, Среќко Караџовски – видеобимот, Горјан Темелковски – осветлување, инспициентот Перо Стратов, но и колегите што и’ помогнале во совладувањето на дијалектите: Петар Арсовски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански, Ванчо Петрушевски… Се плаши дека ќе заборави некого, но тврди: „Сите ќе ми простат, зашто преголема е возбудата за мене од ова што ми се случува“.

Посвета

„Стилски вежби“ му ја посвети на Ристо Шишков, нејзин пријател и колега, и тоа, раскажува Андреева, пред се’, затоа што пред самиот крај на животот ја побарал да ја види, а таа, зафатена со некое снимање, не успеала да се сретне со него. „Ми остана тој долг кон Шиле. Ме бараше, а јас, сега веќе, поради неважни причини, не отидов да го посетам. Следниот ден веќе беше мртов. Ми кажуваше Светиев (актерот Владимир Светиев н.з.) дека му рекол: ’Треба нешто важно да и’ кажам’, но ете, не се видовме!“, низ солзи се потсетува актерката, која дури и цвеќето што го добила на премиерата го оставила пред големата фотографија на Шишков во театарското бифе.

Емилија Андреева и Ристо Шишков своевремено биле партнери во неколку претстави. Двајцата важеле за големи таленти, а на Андреева како првенец на генерацијата и впечатлива на тогашното Стериино позорје и’ претскажувале блескава кариера. Во еден допис нејзиниот професор Вукан Диневски напиша дека станува збор за некого што се „вбројува во оној мал број екстраталентирани, надежни и способни идни актери од кои театарот во блиска иднина треба да ги очекува своите ѕвездени мигови.

Емилија Андреева е единствениот студент во својата класа и меѓу ретките на целиот оддел за драмски актери кои по главниот предмет имаат безрезервна оценка десет (10). Нејзините морални квалитети, а пред се’, нејзината талентираност и вонсериските способности за идната актерска професија се особено за ценење“. Таа подготвеност ќе ја забележат и нашите режисери и оваа жена во годините што следуваат ќе одигра значајни ликови на сцената на Македонскиот театар, како што се Офелија во „Хамлет“, Саша во „Иванов“, Евгенија Зенданска во „Мацедонише цуштенде“, Лесли во „Кенгурски скок“, во филмовите „Исправи се, Делфина“, „Време, води“, „Оловна бригада“, за што ќе ги добие наградите на „Екран“, „Млад борец“, двапати одликувана со високите признанија на тогашната Југословенска радио и телевизија…

Меѓутоа, нејзиниот пат по појавувањето како Нина Заречна во „Галебот“ на Чехов се прекинува. Емилија Андреева наеднаш ја снема од сцената.

„Скршив нога во текот на претставата, но сите рекоа ’Пијана е!’ и така, ми се залепи етикетата, што ми остана до ден-денешен“, раскажува Андреева. „Одредени луѓе едвај ја дочекаа таквата стигматизација и многу ’помогнаа’ да се тргнам од театарот. Не дека сум јас некој пуританец, но на крајот на краиштата, кому му е гајле како го трошам своето приватно време! Важен е резултатот, нели!? Можеби, пак, така требало да биде. Покрај сите неправди, успеав да ја зачувам убавината длабоко во себе“, тврди актерката, која е на мислење дека многу е мачно да си невин.

„Невиноста ми ја украдоа и неталентираните. Во театарот се создаде магнетно поле околу мојата исклучителност, мојот талент и мојата бахкијска природа. Транзицијата ме направи мелено месо, администрацијата ме замеша, ме измеси и ме исплеска, а некои од моите драги колеги, кои сенешто и се’ уште брмчат зад мојот грб – добро ме испекоа! Сега сум вкусна виновна театарска плескавица, вкусна духовна храна, подготвена за вашето невино уживање. Консумирајте ме!“, вели таа. За време на својата „принудна“ пензија доживеала најразлични омаловажувања.

„Душегрижниците ми предлагаа да си земам инвалидска пензија, повеќето од вработените во МНТ ме одбегнуваа, а јас чмаев се повеќе и повеќе, во бифето. Срам ми беше што не работам, посакував да ме нема оти секако бев предвреме закопана. Пред неколку години ми побараа да донесам медицински уверенија на работа дека се’ е в ред со мојата психичка состојба!? Не ме лути тоа, ме лути тоа што јас со цел памет и ги носев! Замислете!?“

Андреева не може со сигурност да каже зошто се случила таа речиси општа одбивност кон неа. „Можеби е поради, ете, што многу ја сакам кафеаната, можеби затоа што многу зборувам, можеби му пречев некому, можеби се’ заедно или ништо од сето тоа. Меѓутоа, знам дека страшно ме болеа тие 17 години што не работев, но секогаш, верувајте, секогаш, се радував на успехот на моите колеги, зашто знам дека само така театарот ја пренесува својата порака“. Вели дека била многу сама во тој период. Дека никој од оние што можеле, што ги создавале условите во овие изминати две децении, не се обидел да и’ даде шанса, да и’ подаде рака.

„Сам човек не може ништо. За секоја работа се потребни минимум двајца, а мене никако не ми се случуваше да го сретнам оној ’другиот’ што ќе ме избави од тоа долгогодишно лебдење ни на небо ни на земја. Некој, всушност, што ќе има волја, добрина, сочувство за да помогне“, раскажува соговорничката на „Глобус“, заблагодарувајќи му којзнае по кој пат на Бога за дадената можност, за „Стилски вежби“ и за тоа што успеала да докаже дека не е ниту алкохоличар ниту недоветна. „Можеби пак,„вели, “ навистина е така: човек треба да падне за да се исправи!“

Самотија

На прашањето дали некогаш зажалила поради тоа што станала актерка со оглед на сите горчини што ја опкружувале, речиси е шокирана. Никогаш не се посомневала во својот избор на професијата, никогаш не се запрашала дали би било подобро кога би работела нешто друго!

„По внатрешна вокација или не, незнам ни самата, одлучив да станам глумица. Сакам да го оживувам сложениот свет на писателот, режисерот и во тоа оживување го гледам својот сопствен живот. Никогаш не сум се покајала поради тоа што сум актерка и никогаш не сум сакала да ја променам работата. Не, не, преиспитување на таа одлука нема!“, категорична е оваа педесет и двегодишна членка на ансамблот на МНТ, која со носталгија се потсетува како татко и’ Љубен Андреев ја терал да учи виолина, плаќајќи и приватни часови кај професорот Благој Цанев, кој како и таа многу добро знаел дека од таа работа нема да биде ништо. „Вистинско мачење ми беа тие часови, но многу го сакав татко ми за да ги напуштам веднаш. Многу се израдував кога го видов професорот Цанев во публиката на ’Стилски вежби‘“.

Споменувајќи ги часовите по виолина, се навраќа на минатото, па споменува како со своите родители, просветни работници и научници, во 1958 година дошла од Прилеп во Скопје. Зад себе има еден краткотраен брак, но живее сама, со кучката Беки. Има брат со кого ретко комуницира, неколкумина пријатели и толку.

„Многу мои идеали од животот и театарот отидоа некаде неповратно, исчезнаа некако, а јас дури сега, иако на овие години не е доцна, го сфаќам тоа. Многу нешта од приватниот живот жртвував за театарот, а доаѓам во години кога ми е потребно семејство, некој да се грижи за мене, јас да се грижам за некого“, искрена е нашата соговорничка и додава дека имала големи пехови во личниот живот, долги моменти на лоша судбина.

„Само за неколку месеци ми се случија три сообраќајни несреќи и бегав од болница за да играм, се плашев да не ја загубам улогата, се плашев да не недостасувам во театарот и чинам дека не грешев“, вели таа, па пак се навраќа на речиси две децении отсуство од сцената: „Не беше фер да ми го скратат правото да ја делам енергијата со генерации актери кои во годините на мојата апстиненција дојдоа во театарот. Останаа лузни од лошотилакот човечки и најпрецизно почувствував колкави последици може да имаат ’етикетирањето’, ходничарските озборувања, самобендисаноста и конформизмот“. Вели дека, за жал, во уметноста, во театарот премногу се комбинира, дури и се манипулира со актерите за да можат некои да дојдат на позиција, да се извлече лична корист, но и од незнаење, неинформираност.

„Ние сме земја преполна со малограѓани, кои живеат во филм преполн со интриги, администрации, групирања и тоа напати станува толку силно што се прелева во вистинскиот живот, па страдаат невините. Ах, животот е вистинска збрка од интерпункциски знаци! За уметничките души, тие ситни калкулации може да бидат погубни“. Меѓутоа, вели, дај Боже сето тоа да е далеку и оваа среќа на повторна средба со публиката да потрае, да се повтори. „Белки, доаѓаат подобри времиња, а и време е веќе тие да пристигнат. ’Стилски вежби’ бидна и јас сум пресреќна поради тоа – девет месеци не се напив ни капка алкохол додека ја подготвувавме , иако таа литература и не е баш мој фах, но прекрасно е што ми се случи“, вели Емилија Андреева, која сонува да игра во кабаре, но покрај колегите. Да застане покрај другите актери, да заигра и да запее со нив на театарската сцена, со која смета дека никогаш не се ни разделила.

Брилијантна сензитивна игра

Повторното појавување на Емилија Андреева на театарската сцена не помина незабележано од јавноста. Весникот „Вест“ пишуваше дека во претставата се користени дваесетина делови од „Вежбите“ на Кено, а им се додадени и дванаесет парчиња што ги составил Нелковски, користејќи ги дневниците, записите и забелешките на Андреева.

„Актерката Андреева брилира и со својата длабока, сензитивна, посветена многуслојност на играта и на голема врата се враќа на сцената. Можеме само да констатираме дека било вистинска трагедија нејзиното отсуство од штиците што значат живот, а ќе го надоместиме тоа во иднина“, вели режисерот Нелковски. „Музиката е избор на Ненад Трпеновски, а раперот Аго подготви и рап-песна за претставата, од која ќе се сними и спот. Претставата му е посветена на големиот актер Ристо Шишков, кој беше чест партнер и пријател на Андреева“.

Неделникот „Форум“ вели дека повозрасните гледачи ја паметат како партнерка на Ристо Шишков во неколку претстави, но и како бунтовник против нетеатарското во театарската куќа: „Пред десетина години нејзиниот личен штрајк против тогашното раководство на МНТ траеше ден-два и уште толку ноќи, преседени пред службениот влез на овој театар. И тогаш имаше публика за нејзиниот штрајк, само каква: врвулица од луѓе што ја прескокнуваа за да влезат во бистрото на пијачка и забава.

Но, како што е изброено во информацијата по повод нејзината нова претстава, тивкиот штрајк траел речиси две децении. Затоа помладата публика и не чула за Емилија Андреева. Чија штета е поголема: на таа публика или на Емилија? Тоа не се само години, туку временска рамка во која се сместува цела една генерација, поколение, можеби и две…

МНТ последниве години на сцената врати неколкумина актери за кои театарот – или некој во него – сметаше дека се неповратно изгубени. Или, пак, невидливи илегалци без ангажман, отпишани од поделбата на улогите!?

Васил Христов, отпишан режисер со стаж од една и пол деценија, деновиве со својата претстава ’Мара/Сад‘ на сцената врати неколкумина актери за кои се мислеше дека ја смениле професијата. Никогаш не е доцна. И за никого“. „Кирилица“ излезе со коментар дека Андреева ќе остане запаметена како една од најдобрите партнерки на сцената на Шишков, со која тој има одиграно голем број драмски остварувања. Режисерот Нелковски тука вели дека Емилија Андреева е жива легенда, женски Хамлет, исклучително талентирана и моќна актерска фигура.

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *