Вечерва во 19 часот, во клуб-ресторанот на МКЦ, ќе се одржи промоција на новата книга на Ана Јовковска, „Емотивен талог“.
Јовковска, научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини, по четирите објавени книжевни дела, сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог“.
Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата… но среде сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата.
Ана Мартиноска и Соња Стојменска-Елзесер ќе бидат во улога на промоторки, а целиот разговор за книгата, што ќе биде мултимедијална синтеза од разговор, музика и дружење, ќе помогне за приближување до суштината на оваа книга или, како што вели авторот на поговорот – Гоце Смилевски, на оваа „топла човечка порака и препорака за искрено и вдаховено живеење“.