Сутерен.мк

ЕПП

Живо ме интересира: кој нормален би се напил од течноста во која претходно се искапел некој!?

Се сеќавате на онаа најавна шпица на МТВ, за блокот на маркетиншките пораки!? Имаше некои голи (женски) нозе, кои ги заплуснува туш со вода, па некаков си кармин кој се отвора, алудирајќи на фалус. Како да е невозможно ЕПП без еротски детали(шта)! Или пак, на онаа реклама во која на кревет лежи гола жена, припокриена со сатенски чаршафи, а „злокобно“ – под чаршафите – и се вовлекува дебело јаже кое демек, сака нешто да „каже“. А колку што сфатив јас, сака да каже: или, ако не се осигураме (преку дотичната осигурителна компанија) во креветот ќе ни се вовлекува се и сешто или пак, ако не се осигураме, на споменатиот терен, нема да ни се вовлекува ништо!? Чувај боже, од полошо! Ама не чува.

Па така, на пример, секојдневно од ТВ приемниците не бомбардираат со една реклама за кафе, во која едно транспарентно женско створење се капе во филџан со црна течност! Па не би се напила од кафето па во него да се искапел и еден Џереми Ајронс! Што може после него да остане освен, валканици!?

Слични ступидарии секојдневно можат да се видат и од големите рекламни паноа низ градот или автопатите. На едни од нив, една дама, рекламирајќи цигари, со блуден поглед вели: „Врзи ме! Скроти ме!“ Па добро бе, луѓе, ќе се најде некој недоветен – а на овие простори дал господ такви – па ќе го сфати тоа буквално, па ќе врзе некоја навистина. Ќе ја врзе и тоа за терасата на минус 17 целзуисови и… Отиде курбан жената!

Една пристојна реклама за цигари би изгледала отприлика вака: жена се шета низ град до грло запетлана – во едната рака држи запалена цигара, а во другата синџие. На крајот на синџирот, каска по неа на сите четири, за вратот врзан гол маж, облечен само во танга. Ете…

Од еден друг билборд, се рекламира женска долна облека, на женска персона која наводно, вели: „Не, не те чекам тебе!“ Или пак, беше: „Што мислиш, кого чекам?“) Тоа кого чека нека не ве вознемирува, туку… Намерата на ваквата реклама е да се продаде што повеќе од инкриминираната долна облека. Тоа е невозможно од две причини: прво, ниту една наша домаќинка на „добар глас“ нема да купи такво парче гардероба особено не, обоено во џиш боја зашто ќе добие педагошко превоспитување од параноичниот сопруг. Второ, ако рекламата е наменета за помладата популација – па, поголемиот дел од нив немаат сол в очи да си фрлат, а не  пари за фрлање на вакви скапи партали!

Кога ги гледам (читам) ваквите адвертајзи помислувам дека всушност, нашиов народ (поточно, припадниците на таканаречениот посилен пол) е опседнат со сексот. Веднаш ја отфрлам оваа фантазмагорична и футуристичка теза соочена со фактот дека на овие простори се води љубов по принципот: лани еднаш, годинава поретко. Единствено прифатливо објаснување е дека нашите жени на овој начин директно повикуваат на акција! Е, ако е така, во име на решавањето на овој дискретно премолчен проблем (недостаток на асални мажи), го поздравувам признавањето на Тајван. Белким некој ќе се досети, па наместо долари, ќе ни увезе мажи. Во тоа име би им признала државност и на бушманите, пигмејците и андроидите!

П.с.

Знам дека ризикувам да налетам на некој маж василевс, кој во одбрана на маркокралевата чест би ми ја зачукал некоја, ама ако. Јас сум романтичар! Сакам да страдам.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1999 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *