Сутерен.мк

Есма Реџепова: Каква е таа кралица која работи дома!?

Зад пејачката (родена во 1947 година, во Скопје) се 42 години живот со песна. Како и многу хуманитарни активности, награди и признанија. Неодамна уште две плус! Таа, и Ансамблот на Стево Теодосиевски, лауреати на Московскиот фестивал на ромска музика и престижното признание Медалот на честа што го доделува Американскиот биографски институт од Северна Каролина (САД), на творци од целиот свет, за значајни достигнувања во областа што ја работат…

Повторно сте наградени, прогласени пак, за кралица на ромската музика. Какво е чувството?

– Убаво. Секоја награда ми е драга, а оваа и повеќе од тоа, зашто се случи токму сега, на крајот на веков. Меѓутоа, искрено, не сакам кога ми велат Кралица на ромската песна. Колку што сум испеала ромски, толку сум испела и македонски песни и…

Не се чувствувате како кралица или…?

– Никако! Каква е таа кралица која работи дома!? Добро, ми доаѓа жена, која ми помага околу чистењето на куќата и тоа е се! Никакви други „кралски луксузи“ не си дозволувам. Јас сум човек кој живее од својата работа. Не се чувствувам како кралица, туку дека долго ме има. Едноставно, дека долго пеам!

Обично пејачите велат дека прво пеат за публиката, дека, ако не е таа, не би ни пееле…

– Не знам за нив… Јас, прво пеам за себе, а потоа за народот.

Долго време со вашиот сопруг живеевте надвор од Македонија, а после се вративте. Зошто?

– Затоа што Македонија е мојот дом. Затоа што секогаш и Стево и јас, сме ја сакале оваа земја. Македонија не извршила асимилација на ниту еден народ. Значи, сакал тоа некој да го признае или не, се работи за една великодушна нација. Овде се случи и првото емитување на радио на ромска музика.

Некои велат дека ви остана трајната носталгија кон другите простори на поранешната СФРЈ…?

– Не, не. Тоа е бесмислица. Ниту Стево, ниту јас никогаш не сме се откажале од помислата да се вратиме овде. Бевме само на привремена работа во Белград. Ние привремено живеевме таму и се вративме овде – за навек! И од никого ништо не побаравме. Напротив, се вративме со пари. Јас само добивам пензија од Белград, како и другите што работеле таму. Тоа е бенифициран стаж, една парична награда од Министерството за култура на СР Југославија. Дванаесетмина се секогаш одделени. За оние кои дале допринос на полето од културта, им следи една пензија. Тоа е сета моја врзаност со тие простори. Се разбира дека таму имам пријатели, таму едно време имав и куќа, навики, контакти… Таму ми помина еден дел од мојот живот, од животот на Стево и се разбира дека имам спомени, но зарем спомените се предавство!?

Причината за вашето заминување во Белград е своевидното ембарго, кое ви беше овде поставено од страна на медиумите. Го сметате ли тоа за предавство?

– Не, воопшто! Некој рекол Есма Реџепова не е Македонка и нема да настапува овде. Последицата на таа нечија изјава се 30 години неприсутност на македонското радио и ТВ, а на цела тогашна Југославија ме имаше. Нечие лично мислење, кое се слушало во тоа време. Ништо страшно.

Значи ли тоа дека им простивте и дека е сега поинаку?

– Јас сум од жените кои знаат да простуваат. Штом ме има на ТВ, радио, значи тоа е поминато. Луѓето ме почитуваат, ме сакаат… Сигурна сум дека тогаш било во прашање мислење на еден или двајца, а не дека се работело за некаков „општ“ став. Уште во прво одделение почувствував дека сум поинаква од другите, кога едно девојче не сакаше да седне до мене поради тоа што сум Ромка. Меѓутоа, тогаш сфатив и дека не се работи за „глобална“ реакција зашто, во истиот ден едно момче, мислам Слободан се викаше – побара сам да седне до мене. Од тогаш се борам за своето место под сонцето и никогаш не сум се срамела од тоа што сум, ниту пак, со тоа сум имала проблем. Се чувствувам сакана и почитувана во Македонија.

Мислите дека кај нас постои демократија, слобода?

– Да! И ќе мора да ја има се повеќе. Навистина верувам во тоа. И во семејството сум важела за таква: толерантна, да ги прифаќам луѓето со сите нивни маани, да не се обидувам да ги менувам. Секој има право на сопствено мислење и во тоа е поентата – да му дозволиш да си каже и да го задржи. Мислам дека тоа и ни се случува! Ако не масовно, тогаш во голема мера и тоа е добро! Никогаш расата, религијата не биле за мене пречка за контакт со луѓето. Доказот е и во тоа што сум се омажила за Македонец, нели!?

Не ви се лутеа родителите поради тоа?

– Ние бевме шест деца и не воспитуваа да бидеме толерантни. Кон никого моите немаа нетрпеливост. Единствено би рекла резерва, имаше татко ми кон Германците. Поради тоа што им се случи на Ромите за време на Втората светска војна, од која последици трпеше и тој. Не дека не ги сакаше, имаше така една мала скепса, што е и разбирливо, нели!?

Велите дека сте член на Демократската алтернатива, од хумани причини!?

– Јас не познавам подемократичен човек од Васил Тупурковски и јас му верувам потполно. Сакам да правам добро. Не сакам ниту една функција, туку само да помогнам. Тоа го правам на најчесен можен начин, зашто себе си се сметам за чесен човек.

Што подразбирате под чесен човек?

– Чесен човек е човек, кој не сака никого да повреди, кој сака да помогне, кој не прави добро заради сопствена корист. Човек со разбирање за туѓите маани, кој простува за грешките, кој не ја искористува туѓата наивност и незнаење. Сите сме само луѓе и секогаш треба да имаме на ум дека сите грешиме., само кај некого е тоа повеќе очигледно, а кај друг помалку. Секогаш наоѓам оправдувања за туѓите постапки.

Луѓето знаат и да ги искористат ваквите гледања на работите…

– Можеби и ме искористил некој, но верувам дека тоа било затоа што немал друг избор. Веројатно, тоа бил единствениот начин, да дојде до нешто,. Најчесто се работи за непромислени постапки, а не за некоја намера. Меѓутоа и, ако е така, нека е. Секој има свои патишта. Верувам во Господ. А само Тој може да каже кој и зошто и дали греши!

Во кој Господ верувате?

– Во тој Единствениот, кој не создал сите нас! Јас сум мешана. Ги славиме сите празници. Баба ми беше Еврејка, дедо ми беше Ром, мајка ми – Ромка муслиманка, татко ми католички Ром, па сега видете…

Велите дека сте скромна личност, а се занимавате со професија која е мошне егзибиционистичка!?

– Јас сум скромна како човек, ама како уметник не! Она што го работам, не го работам со скромност, туку напротив: со една жестина. Секогаш знам да и се наметнам на публиката! Воопшто не сум скромна на сцената изатоа и ме сака народот. Знам да и го наметнам сопственото чувство. Со мене се радува, плаче. Не само Ромите, Македонците… Туку и Американците, Нордијците…

Помислувате ли некогаш на повторен брак?

– Кога умре Стево јас не изгубив само сопруг, туку и професор и другар. Четириесет години бевме заедно, имавме разбирање, поддршка, љубов. Тешко се заборава тоаи уште потешко – заменува! До сега уште ништо не заиграло во срцето. Можеби нема ни да заигра, а можеби и ќе заигра. Тоа никогаш не се знае. Чувствата се непредвидливи, нели!?

Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *