Сакам да се омажам со моето момче, ама не знам како да го натерам да се венча со мене. Другарките ми велат дека треба да забременам од него, ама мене ми е малку тоа непристојно.
Сакам да ме земе од љубов, а не дека мора. Вели дека ме сака, ама не сака брак со мене. Убав е, богат, популарен во градот и многу женски се вртат по него. Не знам ни дали ми е верен, само сакам да се мажам за него.
Вини О.
Вини О., дарлинг, едно е да сакате да се омажите за некого, а друго е да го натерате истиот да го стори тоа. За првото, може да се потрудите, а за второто, може и кривично да одговарате. (Добро де, ова се однесува на нормалните држави каде граѓанската, индивидуална одговорност е на пристојно ниво.)
Што ќе рече, се повеќе судски спорови се водат во светот околу тоа, кој, кога и како прешол некого така што му родил дете без да го праша дали го сака истото. Слушнав дека некои женски плаќале и отштета заради лажење односно, не користење заштита во сексуалните односи под изговор дека користат контрацептивни таблети. (Ете ви една идеја.)
Богатите мажи сфатија дека се во опасност да ги одвлечат во кревет жени кои намерно сакаат да забременат, па некои дури и при обичен флерт и даваат на девојката да потпише разно – разни договори. Не е за чудење, но таквите намернички, кои во раѓањето на дете од добро ситуиран мажјак гледаат шанса за самите да си ја подобрат финансиската состојба, дури добија и етикета. Ги викаат „пирани“. Секако, сето ова е последица на слабеењето на институцијата брак.
Мажите се подоцна, а и поретко се одлучуваат на вакви законски обврски. Всушност, се помалку ги има слободни, а нешто да вредат, но ниту модерната дама не е нешто испотресена по парчето хартија, туку многу повеќе по општествениот статус. Многу од нив бебињата ги сметаат како трофеј или билет за подобар живот. Секако, нема сега да плачеме над јадните и кутри мажи. Што ли мислеле кога пред да „легнат“ нешто не купиле кондоми!? Како велат, кој нема во главата има во џебот.
Така што, ако ви успее, подвалете му. (Зашто да сакал да ве венча доброволно, досега би го сторил тоа.) Иако, ова е класична „уцена“ од која девојките од добри фамилии би се засрамиле. Меѓутоа, да не морализираме премногу.
Штом сте заедно, си се заслужувате еден со друг. Да е некој од вас двајца подобар од другиот, до сега би ја раскинал оваа „градско – популарна“ дружба. Само, малку ми е жал за нероденото дете. Во случај, да наследи некои почесни гени, од подалечни предци…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)