Македонската жена не само што веќе не е “Петрејца” и “Митрејца” или пак, “нееста” цел живот, туку го бара и добива правото, детето родено во брачната заедница да го носи и нејзиното презиме. Впрочем, зошто да се земе презимето на семејство кое практично, не го познавате, а да не може она од своите родители да им се пренесе на идните поколенија!?
Некои нови ветрови дуваат во нашите машко – женски семејни односи. Не само што македонската модерна жена при влегувањето во брачното пристаниште не го менува своето моминско презиме, затоа што го подразбира како дел од личниот идентитет туку, истата, отиде и чекор подалеку – на своите деца, покрај презимето од сопругот им го додава и своето. Од истите причини.
Впрочем, дури и оние кои не го сториле тоа, го оправдуваат ваквиот потег (не без жалење, што самите не се сетиле), со зборовите дека тоа треба да е најнормалната работа на светот зашто, на крајот на краиштата, детето е повеќе на мајката, отколку на таткото и дека конечно, треба да се раскрсти со застарените навики, жената да ја третираат второкласно. Оние другите (читај: мажите) негодувајќи ќе речат дека е тоа каприц, мода, која без разлика дали ќе помине или не, ги крши македонските обичаи и ја навредува традицијата.
Меѓутоа, колку и да изгледа дека оваа појава е производ на новото време, сепак, вакви случаи не биле ретки кај нас ниту во минатото. Тоа го потврдува и професор Анета Светиева од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, која вели дека имало случаи кога и цели селски или градски маала се нарекувале според некоја жена.
-Не било често, но кога ќе се создадела ‘ситуација’, не било чудно, името, прекарот по мажот (Петрејца, Стојаница), или нејзиниот сопствен прекар, да го носи целото семејство односно, така да ги именуваат соселаните, комшиите и слично. Обично, тоа било во големи фамилии, доколку немало главен стопан – маж, (поради војна, болест, смрт), онаа жена, која била доминантна, го давала својот ‘печат’ во презимето на своите наследници. Потоа, ако мажот дошол во нејзината куќа т.е. станал домазет, презимето на нејзиниот татко (дедото на мажот) го носело целото семејство, вклучително и нивните деца. – објаснува Светиева и додава дека не е ништо чудно што правилата во овој сегмент од животот се менуваат. -Како што има трендови во имињата, сосема нормално е тоа да се случува и со презимињата – заклучува таа.
Универзитетскиот професор по филозофија и родови студии, Катерина Колозова пак, оваа појава ја разбира како логичен исход на процесот на женската еманципација. Да се биде мајка денес, според неа, не е исто со улогата на мајката од периодот на традиционалниот патријархат, кога со влегувањето во брак жената станувала дел од семејството на мажот а нејзината функција била да обезбеди рожба во и за новостекнатото семејство. – Мајката денес има позиција на субјект (на родителство) и не претставува единствено „средство“ за репродукција на семејството на сопругот. Од овие причини се јавува потребата да се обележи симболната припадност на детето на двете семејства, по пат на доделување на презимето на мајката покрај она на таткото. Прашањето на „преоптовареност“ со две па и три презимиња (при евентуално склучување на брак) е единствено практично прашање, за кое, по пат на некаков историски процес, ќе се произлезе и практично решение кое во овој миг не е нужно да го антиципираме- вели, Колозова.
Потрагата по “доказен материјал” само ќе ги потврди ставовите на нашите соговорници. Па така, новинарката Сандра Титизова, истакнува дека е особено горда на своето презиме, кое пак, го претставува нејзиното потекло, достигнувањата на тоа семејство и токму затоа, го смета за дел од личниот идентитет. – Цел живот го имам и беше сосема нормално и мојата ќерка да го носи, како што е сосема нормално да го носи и презимето од мојот сопруг, кое исто така, исклучително го почитувам. Детето има право и треба да знае од каде потекнува, а тоа го кажува презимето. Таа пак, како Константина Титизова Миладинова ќе мора сама да се потврди. Значи, целото име е нашиот идентитет, но презимето е значаен дел од него. – децидна е Титизова. Ставовите на жените се повеќе од јасни меѓутоа, што велат децата на сето тоа.
Еден од “новите носители” е и Илија Митрев Пенушлиски, адвокат во Париз и магистер по меѓународно право од Харвард и Оксфорд, кој за ваквата одлука на неговите родители, смета дека таа е од практични причини. – Не само заради тоа што и татко ми и јас го имаме истото име, туку и за да и дадат уште една форма на моќната врска помеѓу двете семејства: моите дедовци, Кирил Пенушлиски и Димитар Митрев, покрај тоа што беа колеги на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, биле и големи пријатели. Сепак, кога би ми се дала можноста да одлучам, без двоумење би го зел и презимето Митрев. Еднакво сум горд на обете презимиња. – потенцира младиот Митрев Пенушлиски, кој пак, на прашањето што ќе се случи кога ќе се ожени и има деца одговара дека тоа пред се, ќе биде договор меѓу него и неговата сопруга, но дека би сакал неговите деца да ги имаат и двете негови презимиња. – Јас сум единственото машко од страната на Митреви. Со тоа име и би сакал лозата на прадедо ми Анастас, дедо ми Димитар и мајка ми Илинка да се продолжи. – вели тој.
Како и да е, се чини оваа нова мода допрва ќе зема замав. На крајот, за оние кои ја бранат традицијата на земањето исклучиво на презимето од машката страна, а како причини “за” ги наведуваат едноставноста за користење односно, практичноста на едно, кусо презиме да напоменеме дека долгите презимиња не мора да бидат проблем. Тие впрочем, се сосема вообичаени во некои култури, како Шпанија. Да напоменеме и тоа дека Западот веќе го најде соломонското решение за овие ситуации.
Имено, секој од брачните другари го додаваат презимето на оној другиот ( мажот од жената и обратно), така што, автоматски, целото семејство (децата) има две презимиња. Кога пак, истите ќе треба да застанат пред матичарот, самите одлучуваат кое ќе се додаде на новото, од сопружникот – дали од мајчината страна или пак, од татковата. На крајот, постои уште една опција, а тоа е да се искомбинираат двете презимиња во едно, или да се смисли ново – што е особено благодарно, ако постоечкото не ви се допаѓа или мислите дека е предолго. Законската регулатива речиси и да ја нема (освен, кога станува збор за навредливи варијанти) така што, сите варијанти се во оптек.
Создавање на семејниот знак
Според истражувањата на ономастичарите, презимињата на денешните луѓе во целиот свет се создадени во средниот век. Најпрвин, некои благородници, покрај името на главата на семејството, го додавале и називот на имотот, што го владееле. Нивниот пример го следеле и занаетчиите, кои до личното име го ставале и занимањето. Бидејќи тогаш се наследувал и занаетот од таткото на синот, така и презимето станало наследно. Подоцна, презимиња се добивале од татковите имиња, местото на живеење или прекарот. На овие простори, презимињата се релативно, нова појава. Освен кај зографите односно, кај жителите од мијачкиот крај, Македонците речиси и да немале презимиња се до 19 – от век. Помнењето т.е. запишувањето одело по принципот “Трајко, син на Петко” односно, со предавање на родословот по пат на усно раскажување од колено на колено, за да се запамети кој на кого е син / ќерка и да не дојде до родосквернавење. (Патем, по младотурската револуција, на жителите во Турција, кои немале презиме, а нивниот број не бил мал, им било наредено буквално, во еден ден да си го измислат. )
Голем број на презимиња кај нас, се настанати од прекарите на нашите предци и тоа, според нивните лични особини или начинот на живеење на семејството. Оној пак, обичај, меѓу името и презимето да се става и првата буква од името (или село име) на таткото потекнува од старите римјани, кои всушност, имале дури 18 лични имиња, но во јавноста го користеле само првото (од осумнаесетте), на кое го додавале името на таткото, а по него и името од дедото или некој постар предок. Што се однесува до античките Грци, тие на имињата (особено на значајните луѓе) им додавале прекар и местото на раѓање. Најчестото презиме во светот е кинеското Ли, но асурдно е што во земјата со над милијарда жители постојат само седумстотини презимиња. Освен тоа, Кинезите нив ги “компонираат” со само дваесеттина имиња. Сосема спротивно на кинескиот случај е Италија, каде има најголем број на презимиња во светот и тоа околу 350 илјади. Едно од најчестите презимиња во светот е Ковачевски, кое кај Србите е Ковачевиќ, кај Англичаните значи Смит, во Шпанија е Херера, во Италија – Фабри, кај Португалците е Фереира, Ла Форж во Франција, Шмид меѓу Германците, а кај Русите – Кузнецев. На сите јазици значи исто.
Во Шпанија и нејзините поранешни колонии, на децата обврзно им се става и мајчиното презиме, а интересно е дека првородениот син го добива името на таткото, а првородената ќерка, она од мајката. Да напоменеме дека има народи кои сосема добро се снаоѓаат и без презимиња, како Тибетанците и жителите на островот Јава. Бившиот индонезиски лидер се викаше само Сукарно. Презимиња немаат ни членовите на повеќето кралски семејства. Засебен случај се Исланѓаните, каде доколку одреден Карл има две деца, Ана и Магнус, тие ќе се викаат Ана Карлсдотир (што значи, ќерката на Карл) и Магнус Карлсон (претпоставувате, синот на Карл). Тука е некаде и македонската верзија каде информацијата за родовата припадност ја носи и презимето, а не само личното име. Во Трескавечкиот кодик се чини, за прв пат е забележана ваквата форма, преку запишаото име на Ѓурѓа Бонболова и тоа во 18 – иот век. Што ќе рече, додавките “а” и “ска” во нашиот јазик, се придобивка за женскиот род, во смисла на рамноправност наспроти, “шовинистичките” модели, особено во северноевропските земји, каде и ќерките се нечии синови: Јохансон, Карлсон, што значи син на Јохан, Карл.
Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2010 година