Постојано се зборува за еднаквост на половите, за еманципација, а жените се се поуморни и понезадоволни, а мажите се побесни и поагресивни. Зошто е тоа така?
Заспана убавица
Заспана убавица дарлинг, затоа што жените со години само се пенават, а во суштина, не променија ништо битно. Робовската психологија и понатаму се пренесува од мајка на ќерка, со векови наназад, а богами и нанапред.
Некои многу поумни постојано алармираат дека жените во јавноста се присутни исклучиво како низа на лажни слики што ни ги пласираат медиумите: како сексуални објекти, кариеристки, покорни потрошувачи, послушни партнерки. Дека жените се тие кои мораат да го обезбедат она што општеството не сака – благосостојба, солидарност и грижа. Целото разочарување и сиот бес кон животот и неправда експлодира како малтретирање на жената.
Понижен и опљачкан на работа, на мажот му се сервира приказна дека барем во својата куќа е господар. Надвор од неа, Големиот татко е државата, која го брани својот народ од лошите момци. Така, со голема помош на религијата, робувањето дома се издигнува на пиедестал наспроти оние лажливи интелектуалци кои преку наводната борба за женска слобода всушност, пропагираат цинично искористување на жената од страна на капиталот.
Што ќе рече, низ децениите глумење револуции само допринесовме за што повеќе експлоатација на работното место, злоставување по дома од секаков вид, јавно лицемерие, организирано одвлекување на вниманието. Односно, деспотизмот врз жените да стане законски.
Најстрашно е што е за џабе ваквото предупредување од страна на загрижените. Зашто на оние за кои се наменети овие зборови не им е гајле. Повеќето од нив и понатаму секој ден ја оправдуваат сета таа тиранија со „беспомошно“ кревање на рамениците. Поточно, кога низ мозочето ќе ни помине и најмал бунт кон стереотипите по автоматизам тоа прашалниче го отфрламе со најмизерното од сите мизерни постоечки оправдувања: „Епа, јас ли ќе ја оправам?!“
Заспани сме, драга Заспана убавице. Трошејќи го туку така, својот заспан живот. Со невидена мрзеливост…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)