Тешко е да се очекува значајно намалување на цените на прехранбените производи годинава, со оглед на тоа што цените на електричната енергија и другите енергенти сѐ уште се на високо ниво. Високата инфлацијата однапред го изеде покачувањето на платите и на пензиите, а животниот стандард на граѓаните е целосно урнисан
По скромниот пречек за Нова година и Божиќ, македонското просечно семејство се подготвува за уште посиромашна трпеза во следниот период. Причина за тоа се високите цени на прехранбените производи, кои за многумина граѓани во земјата стануваат сѐ понедостижни поради ниските плати, кои не можат да ја покријат месечната потрошувачка кошничка.
Македонскиот потрошувач и во новата година продолжува да живее во очекувања дека ќе дојде до долгонајавуваното намалување на цените за најмалку 10 отсто. Се чини „резервите“ на производите по повисоки декемвриски цени сѐ уште не можат да се потрошат, а лебот, млекото и месото и натаму се продаваат по стари цени.
Засега, граѓаните не можат да го почувствуваат ниту благодатот од продолжувањето на ограничувањето на маржите или давањето субвенционирана цена од 80 евра за мегават-час за пекарските и млекопреработувачките домашни компании.
Цените на прехранбените производи сѐ уште не се намалени во согласност со најавите дека тоа ќе се случи многу брзо, откако дел компании од некои прехранбени дејности од први декември потпишаа договор со Владата за набавка на електрична енергија по субвенционирани цени. За тоа зошто цените и натаму не паѓаат, економските аналитичари имаат свое видување.
– Тоа не се случи поради неколку причини. Прво, затоа што поддршката на државата за прехранбената индустрија, каде што покачувањата на цените се најголеми, дојде со големо задоцнување. Компаниите беа оставени сами на себе, без никаква поддршка, еден подолг временски период, од почетокот на енергетската криза и драстичното покачување на цената на електричната енергија. Тоа, секако, влијаеше да се создадат една голема неизвесност и несигурност кај овие компании.
Второ, истовремено се случи драстично покачување на цените на основните суровини што ги користат прехранбените компании, што секако влијаеше на дополнително зголемување на производствените трошоци. Овде, секако, излегоа на површина и некои претходни системски и структурни проблеми што постојат подолг период, а на кои креаторите на политики многу малку беа посветени. Тука пред сѐ мислам на потребата од сериозни структурни промени за јакнење на производствените капацитети и модернизација на примарното земјоделство како клучна алка во синџирите на снабдување на прехранбената индустрија.
Трето, вештачкото зголемување на платите што започна претходно, без притоа истовремено да се работи на системски програми за зголемување на продуктивноста во рамките на преработувачката индустрија – изјави Дарко Лазаров, универзитетски професор.
Имајќи ги предвид сите околности, според Лазаров, тешко е да се очекува значајно намалување на цените на прехранбените производи годинава, со оглед на цените на електричната енергија и другите енергенти, кои сѐ уште се на високо ниво, најавите за дополнително зголемување на минималната плата и неизвесноста што постои околу цените на основните суровини.
На намалувањето на животниот стандард на граѓаните, покрај високиот пораст на трошоците за живот, влијае и намалувањето на реалната вредност на платите, чиј годишен пораст е помал во однос на инфлацијата, која во ноември минатата година достигна 19 отсто. Во најнезавидна состојба се пензионерите, чии пензии растат со побавно темпо во однос на порастот на платите и на цените.
Според пресметките на аналитичарите од областа на пензиското осигурување, пензиите пораснаа за 10,4 отсто мерено во октомври 2022 во однос на октомври 2021 година, а индексот на трошоци на живот порасна за 19,8 отсто во истиот период. Инфлацијата ја намали реалната вредност и на пензиите и на платите, но просечната реална плата порасна за 19,4 отсто, а просечната реална пензија за само 8,0 отсто во октомври 2022 во однос на 2016 година.
Забрзаниот раст на платите помеѓу 2016 и 2022 година, кога просечната номинална плата порасна за 41,13 отсто, а просечната номинална пензија за 27,62 отсто, предизвика опаѓање на соодносот на просечната пензија со просечната плата од 58,52 отсто во 2016 година на само 52,92 отсто во октомври 2022 година.
Изгледа дека ново-стариот модел на усогласување на износот на пензија со порастот на плати и на цени придонесе за дополнителна ерозија на пензиските приходи на македонските пензионери во 2022 година, забележуваат аналитичарите.
Новата методологија што стапи во сила во март минатата година предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50 отсто пораст на трошоците за живот, во согласност со официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Од Владата излегоа со пресметки дека најмалку 1.760 денари повеќе добиваат пензионерите за една година, а првото усогласување на пензијата во согласност со новата методологија за утврдување на износот беше извршено во март 2022 година. Тогаш пензиите се покачија за 2,9 отсто, а наредното усогласување беше спроведено веќе во септември, кога зголемувањето изнесуваше 6,8 отсто. За март годинава е најавено ново усогласување, што ќе доведе до раст на пензиите за нови 6 отсто, што води до 16-процентно зголемување на пензиите за период од само една година.
Поранешниот претседател на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски, објаснува дека минатата година била лоша за пензионерите, дека дури 230.000 пензионери живеат на работ на егзистенција со помали примања од минималната плата. Според најновите податоци на Фондот за пензиско, во Македонија во октомври 2022-та имало 332.622 пензионери чија просечна пензија изнесувала 17.518 денари. Па, така, за првпат во историјата, просечната пензија сега е пониска и од минималната плата.
За послабиот раст на платите во однос на стапката на инфлација предупредуваат и од синдикалните организации.
– Поскапувањето на храната и другите трошоци, за превоз, струја, домување, се повисоки во споредба на минималните покачување на платите. Пресметките за синдикалната месечна потрошувачка кошничка годинава достигнаа 52 илјади денари. Оваа сума за многу домаќинства е недостижна за да може да си дозволат пристоен живот во новата година – ни изјави Трпе Дејановски од синдикалната организација на УПОЗ.