„Храбар нов свет“, 1932 – Олдус Хаксли
Оваа антиутописка приказна била премногу невкусна за цензорите на плашливиот стар свет. Па така, книгата била забранета во Ирска поради пцовките во неа и наводните коментари против религијата и традиционалното семејство. Во Индија пак, Хаксли е прогласен за порнограф- неговото прикажување на светот кадешто рекреативниот секс е потикнуван од мали нозе било премногу за тамошните чувари на јавниот морал.
„Сатански стихови“, 1988 – Салман Ружди
Ниедна книга, ни пред, ни после неа на авторот не му нацртала мета. Како резултат на нејзиното објавување, Салман морал да се крие цела деценија по изрекувањето на фатва од страна на иранскиот ајатолах Хомеини. Последица од ова е смрта на јапонскиот преведувач на „сатанските стихови“ и палењето на примероци на книгата во Велика Британија и повеќето муслимански земји.
„Лолита“, 1955 – Владимир Набоков
Многумина се разочарани после читањето на оваа книга – ништо од ужаснувањето и вознемиреноста. Меѓутоа, поради контроверзната тема за љубовта и страста на возрасен човек кон тинејџерка, романот брзо по овјавувањето е забранет во Велика Британија и Франција.
„На запад ништо ново“, 1928 – Ерих Марија Ремарк
Во 1933 година на нацистичките клади завршиле делата на Кафка, Томас Ман, Алберт Ајнштајн, но се чини, најомразена била токму „На запад ништо ново“. Убедливиот приказ на вистинските ужаси на војувањето, дури и оние кои не биле наклонети на националсоцијализмот, го сметале за непатриотско.
„Животинска фарма“, 1945 – Џорџ Орвел
Не е изненадување што оваа сатира на Орвел била забранета во СССР (заради потсмевот со бруталноста на комунизмот) на Сталин, нејзиниот статус на непожелна литература останал и по падот на Берлинскиот ѕид, но таа е и денес забранета во Куба и во Северна Кореја. Звучи неверојатно, но „фармата“ е забранета и во Кенија поради критиките кон корупцијата, а во Обединетите Арапски Емирати затоа што во книгата свињите зборуваат?!
„Ловец во жито“, 1951 – Џером Дејвид Селинџер
Фасцинантно е што „Ловец во жито“ е најчесто забранувана книга во САД, а истовремено и втора книга што најмногу се учи во американските училишта. Бранителите на ова дело сметаат дека тоа е коментар на фрустрациите и маките на тинејџерскиот живот, а цензорите од потикнувач на убиства и самоубиства до комунистичка пропаганда.
„Улис“, 1920 – Џејмс Џојс
Бидејќи станува збор за особено тешка книга за читање, многумина нема ни да го забележат „алудирањето“ на мастурбација во еден дел од ова ремек-дело. Меѓутоа, за несреќа, токму ова поглавје е објавено во едно американско списание и токму тоа било причината „Улис“ да биде забранет во САД и Велика Британија во текот на речиси цела следна деценија по објавувањето.