Обвинителството ја заврши истрагата за двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и вепешанецот Панче Жежовски за притворените сопартијци на Палевски кои признаа вина, шоферот што му помогна да побегне и таткото на Вања, Александар, но не и за екстрадираниот бегалец Љупчо Палевски Палчо. Од ОЈО брифираат дека за Палевски се уште се преземаат истражни дејствија.
Додека на притворените им тече рокот од 15 дена да предлагаат нови докази и сослушување, согласно законот, Палевски прво ќе треба да даде исказ во Обвинителство, па потоа ќе добие решение за завршување на истрагата. Кога тоа ќе се случи се уште нема прецизна информација. Она што засега е познато е дека во текот на наредната недела тој ќе биде спроведен во Кривичниот суд, пред судија на претходна постапка, за да се изјасни за притворот.
Минатата недела информиравме дека финишира истрагата за притворените, но не и за лицето што е екстрадирано. Осомничениот допрва ќе дава исказ во Обвинителство, информиравме дека за него се преземаат истражни дејјствија, но нема да ги споделуваме со јавноста, брифираат од ОЈО.
Пред обвинителот да донесе одлука во однос на покренувањето на обвинението, Палчо исто така ќе има рок од 15 дена да предлага нови докази. Од она што досега е познато, Палевски давал насоки на притворените што признаа вина, Кешишев, Манев и Видески кои со автомобилот на претходно убиениот Панче Жежовски од Велес отишле пред зградата на Вања и ја грабнале. Таа се симнала со лифт, ја зграбиле, ја врзале и ставиле во вреќа за спиење и ја изнеле низ влезот, па ја ставиле во багажникот на украдениот автомобил марка „цитроен“.
Според истрагата Палевски по кратко време се среќава со осомничените, кои во багажниот ја носат сега убиената Вања Ѓорчевска. Одат во Бразда, во место кое има див пат до лозја, викендици и дива депонија.
И тука ја убиле, тврди ОЈО. Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, на прес-конференција посочи дека куршумот го испукал Палевски.
По сослушувањето на Палевски, и анализа на доказите, обвинителството комплетно ќе ја заврши истрагата, по што Палевски ќе биде дел од обвинението заедно со останатите осомничени.