Не можам да ве разберам: од една страна сте многу либерални, но од друга, премногу конзервативни за некои прашања, како што е на пример, неверството. Премногу сте строги. Зарем не верувате дека тоа едноставно се случува? Дека човек во некои моменти нема сила да се спротистави на емоциите? Дека секој од нас бара само љубов? Што треба да се прави – да им робуваме на некои смешни морални закони и да ги потиснуваме засекогаш своите чувства? Мене ми се случи неверство односно, јас бев неверна и не го планирав тоа и само јас знам како ми е. Ама зарем, заради тоа треба да одам на гилотина?
Пандора
Пандора дарлинг, просто за неверување е што на ова мало тло, со толку многу проблеми пред се, егзистенцијални, народецов се уште најинтензивно, своето покорно мозоче го малтретира со смислување планови како да се пикне во некој туѓ кревет. Околу нас има купишта луѓе со кои сме во толку нејасни односи, ги трпиме разно – разни од којзнае какви причини, а ние како последните идиоти на планетава, се бавиме исклучиво со чуждите мажи и жени.
Не сум против ништо што на човек му причинува задоволство да го прави, а притоа да не штети никому.
Меѓутоа, бидејќи, повеќето од нас се социјални суштества еве што (ви) се случува кога се прави прељуба. (И, во случај кога нема да ве фатат.)
Секако дека неверството е непланирано. (Освен, Боже мој, ако не живеете со најздодевната личност на светот.) Секако дека кога хормоните ќе полудат не размислувате за разорувањата што тоа ќе ги предизвика. Секако дека кога првите зраци на одговорност ќе ви се пробијат низ вжештената ви лејка ќе се обидете да се оправдате себе си со патетични изговори дека партнерот е виновен што до тоа дошло.
Новата страст е како енергетски пијалак со шокантни размери и ќе ве држи некое време.
А во меѓувреме, не сте ни свесни дека живеете во постојан страв: дали/кога ќе се јави, треба ли јас да се јавам, како се однесувам, што ќе се случи, што планира… По цели ноќи ќе се препрашувате дали сте оставиле зад себе некои инкриминирачки трагови, како, зошто сте се нашле во ваква ситуација. Секој пат кога нема да можете да бидете блиску до вашиот нов сакан ќе се сомневате дека е со некоја друга.
А тука е и заканата дека во некој момент можете да ги испомешате имињата. Забележувате дека се помалку имате пари: скапи ресторани, нова долна облека, козметика…
Почнува грижата на совест – па вие не сте само сопруг(а), нели!? Туку и нечиј родител. Секој миг со љубовникот (дури и кога децата се на екскурзија) ќе ви изгледа како да им го крадете времето што им припаѓа. Лажете се околу себе, а водопади од солзи само што не потекле. Мистериозноста на врската најпрво е страшно возбудлива, но со текот на времето почнува да тежи. Немате кому да се доверите. Дури и најдобрата пријателка може, ако не да ве издаде пред јавноста, да ве обвини потајно. Станувате страшно осамени.
И, сосема ненајавено, еден ден сфаќате дека оној со кого сакавте да побегнете на пуст остров баш и не е совршен. Почнувате да цените некои особини кај сопругот што претходно не сте ги ни забележувале. Таман и да е самиот Аполон со до перфекција совладана Кама сутра, по одреден период спласнува. Нема да стане здодевно, но нема да биде ни како на почетокот.
Почнува каењето и соочувањето со големата грешка. Да се скрие или признае, да се продолжи или прекине, со кого, како, зошто… Можеше ли се да биде поинаку? Прашањата се безброј, одговорите неизвесни до лудило. Што ќе рече, доколку со сево ова можете лесно да се справите, слободно скокајте од кревет во кревет…
п.с.
*Се е поинаку, ако сте во отворен брак.
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)