Сутерен.мк

Замислете насмевка

Голема заблуда е дека ако нашата желба е во рамките на очекувањата на другите, ќе бидеме прифатени и толерирани. Будалштина е копнежите да ги прилагодиме на светот околу нас, затоа што страшно е важно да бидеме адаптирани на средината, а не на нас самите. Тотално капитулирање е да посакаш чевли кои чинат бесмислено скапо, а кога ќе ги добиеш единствената грижа да ти биде да не се оштетат. Нецивилизираност од епски размери е да ги ставиш предметите пред луѓето, статусните симболи пред емпатијата, надменоста пред подадената рака…

Ова е однесувањето на возрасните. Меѓутоа, што оваа година ќе посакаат децата?
Некои најновиот ајфон, Хари Потер-видеоигри, Барби-видеогрл (видеокамера сместена внатре во куклата), зу-зу хрчки на батерии и нивните кунг-фу верзии, флип и ХД камери, Microsoft hands free контролор за Xbox 360… и, уште десетици гаџети на кои ни името не можам да им го отчукам. (А и ова што го набројав, веројатно веќе е застарено.)

Некои, пак, да добијат чевли за да можат да посетуваат регуларна настава, „тато да не ја повредува мама“, помфрит и мевце, да не живеат веќе во автомобил, нови очила, јакна, да се стоплат, конечно…
Всушност, она што им е важно на родителите тоа ќе им е битно и на нивните потомци.

Меѓутоа, кога децата не би биле оптоварени со однесувањето на возрасните, нивните посакувања се многу лични и неоптоварени од очекувањата на околината. Се радуваат на играчки, слатки, разни џиџи-миџи и воопшто не се заинтересирани за колку пари и каде е тоа купено. Тие им се радуваат на нештата затоа што само нив ги прават среќни, а не останатите. На работи кои ги инспирираат, кои им ја будат фантазијата… На ниту едно дете пред тинејџерската возраст не му е битно колку чини и од која марка е јакната, чизмите, туку радост му прави тркалањето во снегот, па и калта.

Како да ни бидат порадосни децата? Психолозите велат дека еден од начините е да ги „фрлиме“ – пред очите на децата – желбите некаде во Универзумот. И да им кажеме притоа дека тој може да ни ги врати назад, исполнети, тогаш кога ќе бидеме подготвени да го носиме товарот на нивното реализирање. Затоа што секој копнеж има свое време. Дека животот нè сака. Кога би било спротивно, не би ни биле присутни овде и сега.
И најважно можеби: научете ги да ја посакаат желбата која безусловно и во истиот момент се остварува – замислете дека се смеете.

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *