Здраво Дарлинг. Редовнo ти ја читам рубриката и не верував дека некогаш и јас ќе се најдам таму. Но бесна сум, и незнам како да постапам и каде да се обратам. Во врска сум три месеца, со 25 годишен дечко. Блиски сме дури можеби и повеќе од што треба, а гледањето ни се состои од: кафе/вечера, па седење во кола за разменување нежности.
Ме носи дома кај него еднаш неделно, кога неговите не се дома. Имаше ситуација дури да кружиме со кола околу населба, за да почекаме да излезат од дома за да не се сретнеме. Мене не ми е ниту непријатно, ниту имам срам да се запознаам со нив. зНе ни барам да се запознаам, но барам некогаш да отидеме и кај него, место да се мрзнеме во кола.
Не ми е јасно зошто не сака да отидеме кај него? Си има своја соба (за која треба да се помине преку дневна, но ако би отишле малку подоцна навечер неговите би спиеле и не би ме виделе). Што е тоа што го кочи и не сака да се сретнам јас со нив? Или воопшто, да отидам кај него кога тие се дома, макар и да не ме видат? Како јас да почнам разговор со него на оваа тема, а да не испадне дека се наметнувам?
Скопјанка
Скопјанка дарлинг, не е страшно да се најдете на овие страници, страшно е да се најдете на оние со „тажни помени“…
Се уште вашата врска е „тазе“ за да си го заморувате мозокот со вакви „тешки“ прашања. Жените се поимпулсивни и поинстинктивни, а мажите повеќе мислат на коментарите од пред зграда. Нам можеби ни изгледа сосема нормално да се запознаеме со нечии родители, но ним баш и не им е -туку така- природно тоа.
Бидејќи мора да бидеме реални во новодопските правила на однесување, треба да се земе во предвид и тоа дека можеби не е сигурен во своите чувства кон вас, па затоа и не ве претставува пред родителите. Можеби се срами од вас, но исто така можно е и мајка му и татко му да не се баш репрезентативни социјални ликови.
А што правиме, ако некој од неговите старатели му забранил да носи девојки дома? Оправдувањата/одговорите се многубројни, но тоа не е причина да форсирате статус на „сериозна врска“. Таа ќе се одвива, така како што и двајцата заслужувате. Секако, треба прво конекцијата меѓу вас двајца да се изгради со солидна арматура, а потоа и таа со неговите родители. Обично, прво се запознаваат неговиот брат, сестра, братучетка… па дури подоцна „старците“.
Рано е за некакви заклучоци.
Доколку пак не ви се чека, прашајте го отворено или искоментирајте нешто во стилот „едвај чекам да ги запознаам твоите родители!“ Можеби ќе го уплашите, можеби ќе го добиете посакуваниот одговор. Ризик има. Сепак, после три месеци „љубовање“ мислам дека се има легитимно право да се знае кој на што е. Против сум залудно губење време…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)