Министерството за правда од надлежните турски власти побара Љупчо Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција сè до завршувањето на постапката. „Очекуваме од Република Турција веднаш да постапи по нашето барање“, информираат од министерството.
Изутринава (6.12) е добиено официјално известување од Интерпол, дека Палевски, кој се бара со меѓународна потерница е уапсен вчера во во близина на турскиот град Баликесир. Министерството за правда веднаш ја отпочнало постапката за екстрадиција. По комплетирањето на документацијата и преводот на списите на турски јазик, тие ќе бидат доставени до турските органи.
„Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, велат од министерството.
Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во вторникот (5.12) беше уапсен во Турција, а Јавното обвинителство отвори истражна постапка за две убиства на свиреп начин по кривичната пријава добиена од МВР.