Сутерен.мк

За албанските Македонци, традицијата продолжува

Македонците од селото Ербеле, област Поле или Долни Дебар, кое се наоѓа во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, и неколку други околни населени места, го одбележаа денешниот голем христијански празник, Преображение Господово

По две години, поради пандемијата, овој пат во црквата „Свето Преображение“ која датира од 12 век, присуствуваа поголем број верници, меѓу кои и оние по потекло од овој крај, а сега живеат во Македонија, во други градови во Албанија и во западноевропските земји.

-Ја продолжуваме вековната традиција, годинава со поголемо присуство. По повеќе години по првпат беше одржана и богослужба од страна на Миле Ангеловски, намесник на Дебарската парохија. Тука беа локални жители од повеќе села од оваа област, Македонци по потекло од Ербеле, кои денес живеат во Тирана, Драч, Елбасан, Маќелара, како и во Дебар и други градови во Македонија, но и во други земји, изјави Ернест Постоли, чие семејство се грижи за црквата.

Додава дека при кршењето на погачата, што ја подготвила Руска Богдани, од село Крчиште, каде лани се паднала паричката, најсреќна била Гента Траја, која ќе ја подготви погачата за празникот до година.
Жителите од поширокиот крај од двете страни на границата, независно од верската припадност веруваат дека црквата има исцелителна моќ.

-Во црквата доаѓаме спроти прзникот, значи синоќа, а одбележувањето продолжи денеска. По традиција и верување, ноќта спроти празникот, во оваа црква доаѓале не само православни туку и муслимани. Ноќта ја минувале во овој божји храм и се молат за излекување од разни болести, зашто црквата има исцелителна моќ. Голем број луѓе тука го нашле лекот за својата болест, вели Постоли.

Во октомври 2018 година познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир и подари 12 икони на црквата, што се реализираше по средбата на игуменот на манастирот, владиката Партениј и Никола Ѓурѓај претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Црквата „Свето Преображение“ во 1970 година, со одлука на албанските власти, е прогласена за споменик на културата.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *