Сутерен.мк

За една година 14 училишта се затворени

За една учебна година во земјава се затворени 14 основни училишта, покажуваат податоците објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во извештајот на ДЗС се наведува дека на крајот од учебната 2022/2023 година имало 60 паралелки помалку, а во нив учеле 2 665 ученици.
Според статистичките податоци во учебната 2021/2022 година, во државата имало 976 училишта, а веќе следната учебна година, 2022/2023, оваа бројка е 962. Во основното образование минатата година имало 10 997 паралелки и 182 245 ученици, а една учебна година претходно имало 11 057 паралелки и 184 910 ученици.

„На крајот на учебната 2022/2023 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182 245, што претставува намалување за 1,4 отсто во однос на претходната учебна година“,
се наведува во извештајот на ДЗС.

За разлика од бројот на ученици, паралелки и училишта, кој бележи намалување во учебната 2022/2023 година, во истата, според извештајот на ДЗС, има пораст на наставници во редовното основно образование. За само една учебна година во основното образование имало 283 нови наставници.
Ако во учебната 2021/2022 година бројот на наставници бил 19 326, тој број во наредната учебна година се зголемил на 19 609.

Во однос на специјалните основни училишта, нивниот број во 2022/2023 година е намален за еден, додека пак зголемен е бројот на паралелки и на ученици.

Кај основните училишта за возрасни има зголемување на бројот на ученици.

Во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2022/2023 година изнесува 66 678, што претставува намалување за 3,9 отсто во однос на претходната учебна година.

Бројот на редовните средни училишта во учебната 2022/2023 година останал ист во однос на годината пред неа, но има 49 паралелки помалку со 2 700 ученици.

За разлика од редовните основни училишта, во средните бројот на наставниците минатата учебна година е намален во однос на таа претходно. Бројките велат дека од 7 219 наставници во учебната 2021/2022 година, лани останале 7 164.

Статистичките податоци покажуваат дека повеќе ученици се регистрирани во специјалните средни училишта и тој од 228 во учебната 2021/2022 година, лани е зголемен на 246.

Во извештајот на Државниот завод за статистика покажува дека намалување на бројот на ученици има кај средните верски училишта. Во 2022/2023 година во овие училишта учеле 144 ученици, а минатата година нивниот број изнесувал 122.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *