Сутерен.мк

За посреќни деца!

Поминат е цел еден век откако научниците Бантинг и Бест го направија своето револуционерно откритие на инсулинот, лекот кој оттогаш па сé до денес спасува милиони човечки животи. Во тоа време дијабетесот бил смртна пресуда, а особено за децата со тип 1. Трогателни се фотографиите од првите дечиња кои биле третирани со инсулин и како тој чудесен лек ги отргнал од сигурна смрт и ја вратил надежта кај многу луѓе со дијабетес и нивните семејства!


Сепак, иако животоспасувачки, давањето на инсулинот не било воопшто едноставно. Огромни стаклени шприцови со големи, дебели игли, кои морале да се превриваат, дезинфицираат за да можат повторно да се употребуваат, болно и често инјектирање, чести варијации на крвниот шеќер, застрашувачки падови на шеќерот и за жал не баш ретко многу сериозни и смртоносни, големи скокови, неможност за редовно следење на нивото на шеќер во крвта… Самиот инсулин на почетокот бил од животинско потекло (говедски, свински) недоволно пречистен, па предизвикувал алергиски реакции, појава на антитела и отпорност на дејството на самиот инсулин.


И токму тоа се предизвиците каде науката во делот на фармакологијата интензивно работела изминативе 100 години. Во почетокот се работело на производство на инсулин со подолго дејство за да се избегнат честите инјектирања, а и на негово пречистување. Во осумдесетите години од минатиот век е произведен првиот високо пречистен хуман (човечки) инсулин, првите инсулински пенкала, а во тој период се развиени и првите глукометри за домашна употреба, првата инсулинска пумпа и технологијата за проверка на гликозилиран хемоглобин (ХбА1ц) или таканаречен тримесечен просек. Во 1996 година е пуштен во употреба првиот инсулински аналог. Инсулинските аналози се дизајнирани за да ги подобрат својствата на хуманите инсулини, да се приближат повеќе до физиолошките својства на инсулинот кој природно се лачи во организмот кај лицата кои немаат дијабетес, да го намалат ризикот за пад на крвниот шеќер (хипогликемија) и воопшто да ја подобрат регулацијата на крвниот шеќер и да ги намалат неговите варијации.
Денес сме сведоци на употреба на сé пософистицирани инсулински аналози.

Најновата генерација на овие аналози вклучува и инсулини со уште побрзо и инсулини со уште подолго дејство од претходната генерација на инсулински аналози. Тоа значи дека во случајот на инсулините со побрзо дејство е намален периодот на почеток на дејството на инсулинот и се овозможува инсулинот да се даде веднаш пред оброкот или и извесно време по оброкот. Само „паталци„ знаат што значи оваа навидум мала измена за квалитетот на животот на лицата со дијабетес, кои не мора строго да го планираат времето на оброкот и да чекаат извесен период од кога се боцнале да почнат да јадат. Имаат поголема флексибилност со оброците и секако многу битно, полесно можат да се справуваат со скоковите на крвниот шеќер по јадење, а со тоа да го намалат ризикот за долгорочни компликации. Замислете сега што значи ова за едно дете со дијабетес, каде не секогаш, а кога станува збор за понудената, планираната порција оброк наспрема единиците на инсулин е по мерката на родителот. Софистицираноста на дејствувањето на иновативните генерации на инсулини е многу значајна и за родителите на тие деца. Инсулините пак со подолго дејство овозможуваат подолготрајно и постабилно дејство на таканаречениот базален инсулин. Ова значи пред сé помирен сон за лицата со дијабетес и нивните семејства, бидејќи ризикот за хипогликемија е помал, а особена за онаа ноќната, која е ноќна мора за секој кој се справува со дијабетесот. Може да значи и, особено за помалите деца, помалку боцкања, помалку болка, помалку трауми. И на крајот на краиштата и во обата случаи поголемата флексибилност во земањето на терапијата значи подобар квалитет на живот, но и поголема можност за придржување до терапијата и подобра контрола. А подобрата контрола значи помалку компликации од дијабетесот. Нели тоа е крајната цел на лекувањето?


Од пред неколку години овие инсулини се достапни и кај нас. Дадена им е шанса плус на многу лица со дијабетес, а меѓу нив и многу млади луѓе и дечиња, полесно да се справат со дијабетесот. Дополнително на тоа доаѓаат со проверен квалитет и сертификат, па сме посигурни во начинот на кој тие се чувани и транспортирани. Тоа за сите нас кои се соочуваме со дијабетесот и негово секојдневно лекување со инсулин значи многу. Од исклучителна важност е инсулинот да е со проверен квалитет, бидејќи за жал претходно бевме сведоци на ситуации кога тоа не беше така и многумина се жалеа дека инсулинот не им делува или не делува на начин како што би требало да делува.


Иновацииите не стивнуваат. Се информираме секојдневно, а желни за уште подобри решенија, иновации во третманот, олеснување на оваа засега доживотна состојба со која живеат нашите деца и лицата со дијабетес воопшто. Добиваме информации дека интензивно се работи на уште пософистицирано лекување на дијабетесот, како на пример инсулин кој се дава еднаш неделно, глукозносензитивен инсулин (инсулин чие дејство е зависно од нивото на крвниот шеќер), инсулин во форма на таблета, инсулин со заштитно дејство на срцето и крвните садови, кој би штител од развој на компликации на срцето и крвните садови. Вакви лекови со заштитно дејство а кои не се инсулин, туку се други групи на лекови (ГЛП-1 рецептор агонисти и СГЛТ2 инхибитори) веќе постојат и се достапни за извесен број лица со дијабетес тип 2 и кај нас, исто така од пред 2-3 години преку програмата за инсулин. Би било одлично и лицата со дијабетес тип 1 да ја добијат оваа можност во иднина со вакви типови на инсулин. И најголемата надеж секако е во комплетно излекување на дијабетесот, особено дијабетесот тип 1, на што интензивно се работи преку терапија со матични клетки.

Светот оди напред со иновациите. Нашата желба и порака е јасна, лицата со дијабетес во Македонија заслужуваат да им биде овозможена иновативна терапија и медицински помагала за апликација на инсулинот и за следење на крвниот шеќер и сето тоа со проверен квалитет! Тоа не само за нас, туку за сите треба да значи: среќни деца, позадоволни, подобро регулирани, поработоспособни граѓани на нашата земја и помал товар за здравствената каса во однос на лекување на компликациите. Бидејќи апсолутно ништо не е побитно од здравјето и животот, а особено здравјето и животот на нашите најмили, децата, нашата надеж и иднина.

Баланс Мк – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *