Сутерен.мк

Збунувачка комуникација

Другарка ми е постојано на Фејсбук и секогаш става некои многу отровни статуси, а не е таква во животот. Се обидов да ја предупредам и да и укажам дека звучи многу злобно, но таа ме игнорира и ми вика дека не е моја работа што таа прави на својата ФБ страница. Многу се менува кога е на интернет. Вака, во живо е многу поразлична и понормална.

Н. Б.


Н. Б. дарлинг, интернетот е последната оаза на слободата. Алатка на вистината. Меѓутоа, тој е само една од сите можни вистини.
Она што се случува во виртуелните заедници ретко се прелева во вистинскиот живот и секако, не е исто да напишеш и да кажеш. Се обраќате на една личност, но во изјавата се препознаваат стотици. Ви се допаѓаат сликички и честитате роденден на луѓе кои никогаш не сте ги сретнале. Им нудите пријателство на многумина и потоа истите ги бркате од друштвото, а немате поим кои се.

Некои се воајери, некои егзибиционисти. Се вршат прозивки и навреди со име и презиме, се прават и хуманитарни акции. Некому му е двор, некому гранапче. За вашите ставови ви држат педагошки лекции сосема неважни личности, а во кругот ви се и семејството и колеги и другари од детство. Ве бранат тотални анонимуси, а пријателите со кои се дружите по дома ве игнорираат. Поприлично ничкосано, нели!? Или пак, се е како што треба да е!?

Пред години, пред Фејсбукот, на една слична ваква комуна видов постирани слики од мртво бебе. Отпрвин се запрепастив, но потоа сфатив – очигледно, на родителите им биле премалку реалните пријатели за да ја совладаат тагата па со ваквото споделување на несреќата сакале да се утешат. Интернетот може да биде значи и бесплатен психијатар.

Може да е се, што сакаме да е. Меѓутоа, како и во оној таканаречен вистински живот и тука мислам дека важи едно цврсто правило – не ја сфаќајте вистината пресериозно. Особено не, својата…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *