Замислете една соба. Во средината една округла маса. На масата седат и муабетат Асимов, Кларк, Филип К. Дик, Ниче, Ен Софи Мутер, Џамироквај, Адамс, Мајлс Дејвис…, како и неколку ортаци, за кои со сигурност не знаеш дали се другарите од твоето минато или вонземјани.
Од музичкиот систем тивко свири Дарк сајд оф д мун, а на ѕидот од собата посебно место завзема Герника. Стопанот каде што се собрало ова друштво е Том Стопард, а времето и просторот во оваа просторија се само илузии затскриени зад превезот на науката, уметноста и религијата, или можеби меѓу печатените букви на Една книга на Валентин Нешовски.
Овој роман е еден мошне храбар обид на Нешовски да ги следи трагите на еден од основните постулати од темелите на СФ-романот – кои сме и од каде доаѓаме? Но, притоа мошне темелно ги опсервира и останатите многу важни придружни состојки на овој жанр – контактот со вонземјани, вештачката интелегенција, (не)постоењето на симулација која управува со нашите животи и можеби најважната – (не)постоењето на Бог.
Искористувајки ја последнава можеби вечна дилема, Нешовски прави премин кон филозофијата, трагајќи по подлабока цел или смисол на нашето постоење. Сето тоа го прави повеќе научно суптилно како директна перцепција на метафизичката стварност од страна на умот, реферирајки на Платоновата анамнеза – помнење или поништување на целокупното знаење.
Притоа и самиот автор е свесен дека и најголемите научници се лимитирани во обидите да објаснат некои работи, а тука веќе се навлегува во реонот на филозофијата, преточена во дијалозите со креатарот на универзумот или на Една книга.
(Авторот е оддамна излезен од новинарството, но новинарството никако не сака да излезе од него.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk