Читателската публика, особено онаа која е заинтересирана за овој жанр е премногу мала, едноставно нема критична маса на читатели кои би влијаеле врз издавачите да издадат дело со НФ содржина, без разлика дали се работи за домашен автор или превод. Видете кои преводи на НФ ги имаме?
Освен Станислав Лем, кој е релативно присутен последниве години? „Одисеите“ на Кларк? “Дина“ од Херберт? Нешто од Бижол? Нешто од Легвин? Ќе ги прашате зошто нема и со право ќе ви одговорат: „А, за кого?“. За 40, 50, 100 читатели? За да ги продаваат под цена на Саем само колку да се отарасат од нив? Со други зборови, колку и да звучи клише, читателите го добиваат она што го бараат.
Сакате лесна литература во форма на незадолжително трилерче или љубовна приказна со корица со набилдан тип без маица? Повелете! Сакате литература која нема да ве оптоварува, но сепак ќе бидете фенси и читачи пред останатите? Повелете! Како во семкарница да се одлучувате помеѓу сончоглед и кикирики…
Зоран Милошевски-Бурекот е еден од ретките македонски автори чиј опус е научната фантастика (НФ). Пред пет години и официјално влезе во светот на овој безвременски жанр со својот роман „Сага за Тројство“.
Оттогаш, неговата инспирација и талент да гледа напред во времето, создаде цел серијал прекрасни приказни кои ја воодушевија читателската публика, а на пат е да го промовира и петтиот роман. Дел од книгите, веќе доживеаја реиздавање, а се чини дека добива и фанови од оние што никогаш не ги привлекувала НФ.
За себе вели дека единствено нема проблеми со инспирацијата. Сè друго е предизвик. Ама, па и што да очекувате од лик кој детството освен со играње криенка, кини-пантолони и фудбал на игралиштето во близина на семејната куќа во Ресен, паралелно го поминал и со хронична жед за научна фантастика.
Растел со делата на Артур Кларк, Карл Саган, Станислав Лем, Урсула Ле Гвин, Реј Бредбери и Френк Херберт. Кога “таа смеса“ ќе ја додадете на неговата до неодамна неоткриена креативност, на масата спроти вас имате креативен соговорник со изграден авторски стил, секогаш подготвен да си упати саркастична шега на своја сметка.
Во тој контекст, не крие дека огромно влијание врз него оставиле Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Ајдл и останатите од „дружината“ Монти Пајтон.
* Се чини дека е логично да го почнам разговорот со прашањето „Кога почнавте да пишувате?“, но веројатно би било клише. Повеќе би сакал да ни кажете кој беше пресуден момент да го почувствувате пркосот во себе и да влезете како релативно млад автор во светот на научната фантастика?
– Пркосот во мене, велите, тоа е всушност три во едно, тоа би биле фантазијата која отсекогаш ме одликувала, напливите на инспирација и желбата да ги запишам. Во светот на научната фантастика официјално влегов во 2018 година со „Сага за Тројство“ и бев далеку од млад автор. Бев нов, но не млад.
Од друга страна, пишувањето како чин на ставање, на материјализирање мисли на хартија ме фасцинирал отсекогаш, од денот кога научив да читам и пишувам. И токму од тој период датираат првите мои записи.
Тоа беа најчесто кратки раскази, пишувани на рака, потоа добив машина за пишување, но ретко ја користев и тоа само за пишување пократки раскази или само кратки сижеа, идеи за нешто поголемо кое допрва треба да се напише.
Пишувањето на рака остана мој единствен начин на запишување на мислите, сè додека не го купив првиот лаптоп во 2007 година, што е прилично доцна за човек со „докторски“ ракопис. Беше ужасен напор сиот тој материјал да го префрлам во дигитална форма подоцна, но од друга страна ми даде многу време за едитирање.
* Во дебитанското дело „Сага за Тројство“ се насетува влијанието на Херберт, а приказната плени со исклучителна нарација која очигледно била само почеток во развојот на вашиот уникатен стил . Дали се согласувате?
– Никогаш не сум го криел влијанието на Херберт, како впрочем ни на другите автори врз моето пишување. Напротив, секогаш јасно го истакнувам и се гордеам што токму од нив сум учел, научил, презел и имплементирал нешто. Влијанието на Херберт е поизразено во другите книги, во серијалот „Последна граница“, додека во „Сага за Тројство“ постои, но само доколку сте познавач на Херберт можете да го почувствувате, како сол во јадење, додека во „Последна граница“ неговото влијание (и, она на Симонс) мириса како кари во пилешко.
Секој автор со текот на времето, се разбира, со многу труд и макотрпна работна, ќе развие особен, карактеристичен стил, но тој стил, сакале да признаеме или не, е само производ, дестилат, на години труд и читање, во него се содржани траги од стиловите од првата приказна која му ја раскажале како дете, до последното дело коешто го читал.
* Какви беа реакциите на публиката по овој роман?
– Бидејќи токму со овој роман официјално влегов во авторските води, одлично се сеќавам на секој миг, на секој детал. „Сага за Тројство“ излезе од печат на почетокот на мај 2018 година, во издание на „ПНВ Публикации“.
Саемот за книга започна само неколку денови подоцна и „ПНВ“ направија супер реклама во меѓувреме, така што читателите знаеја дека од печат излегла македонска научнофантастична книга од нов автор, но дека содржински се работи за нешто сосема ново. На Саемот поминавме супер, имаше навистина голема заинтересираност, а и во периодот кој следуваше интересот беше импресивен, како за првенче на македонски автор.
* Само една година по промоцијата на „Сага за Тројство“ си зададовте, би рекол, огромен проект пред себе, со создавањето на, засега, трилогијата „Последната граница“. Со оглед дека речиси секоја година излегува од печат ново продолжение, како би се развивал овој серијал и дали се насетува епилогот?
– „Последна граница“ е замислена како серијал од пет книги. Издадени се првите три дела „Истапени сечила“, „Бунар оловни солзи“ и „За грст пекол“. Моментално го привршувам четвртиот дел „Калени во крв“ и активно го разработувам петтиот дел „Кобалтна плима“, од кој еден дел е веќе сработен.
Досега надминавме 2000 страници пишан материјал и „Последна граница“ се претвора во нешто огромно, гломазно, моќно, кое тече во пет книги и петстотини години распон од првата до последната книга, со стотици ликови и настани кои паралелно постојат, живеат и умираат.
Тоа е еден сосема нов свет, создаден само од мене и претставува лично моја оставштина.
Планирам да го завршам заклучно со петтиот дел и да направам пауза, доволно ја исцрпив темата. Имам некои нови идеи (и некои постари) и сакам да ги остварам на хартија, но добивам и некои „флешови“ за продолженија на серијалот, внимателно ќе ги регистрирам и доколку добијам критична маса, може да се случи уште некоја книга или нов серијал во истиот Универзум.
* Дел од серијалот веќе доживеа и репринт?
– Да. Првиот дел од серијалот „Последна граница“, „Истапени сечила“ е издадена во 2019 година во издание на „ПНВ Публикации“ и во меѓувреме целосно се распродаде, па доживеа и второ дополнето, малку освежено издание.
* Како се роди идејата за „Последната граница“?
– Сè започна како еден подолг расказ некаде во 1997 или 1998 година, и тој беше само прапочеток и подоцна целосно се оградив од него. Но, структурата остана како недолечена настинка и со текот на времето зрееше и ја добиваше конечната форма. Траеше долго, но на крајот резултатот беше нешто епско.
* Подвиг е да вадите од печат по еден роман, дел, од серијалот, годишно. Тоа е одлично за вашата публика, но како успевате да најдете толку инспирација?
– „Сага за Тројство“ излезе во 2018 година, но, со извесни прекини беше пишувана отприлика од 2008 до 2015 година.
„Последна граница“ е нешто сосема друго, на неа е работено ,со извесни прекини цели дваесет и пет години. Првиот дел „Истапени сечила“ излезе од печат во 2019 година, да, но тој и првата третина од вториот дел беа започнати некаде во 1999 година, тогаш како една целина беа напишани на рака, повторно преработени на рака и трет пат преработени додека ги префрлував во дигитална форма.
„Последна граница“ е нешто на кое работам без прекин и без одмор цел четврт век. Книгите ја здогледуваат светлината на денот, почнувајќи од 2019, 2021, 2022… по една секоја година да, но постои долг период наназад кога врз нив било работено ден и ноќ. Замислете го процесот како еден вид нужна истрајност, како бременост, како носење плод и негово донесување на свет. Се надевам дека нема да ми замерат на споредбата.
* Се забележуваат комплексни ликови во вашите дела. Како ги градите? Дали ги црпите можеби од вашето секојдневие?
– Ликовите се производ на долгогодишно градење и нешто кое јас го нарекувам „брусење“, секој од нив има точно определен карактер, точно определени намери и врши точно определени дејства, а во меѓувреме треба да ја задржи и својата реалност и човечност. А, да! И да не се повторува!
Последиците од еден збор изговорен во првата книга, може да се рефлектираат во третата или четвртата. Ниту еден од ликовите не е пресликан од моето секојдневие, иако, особено во „За грст пекол“, во третиот дел од серијалот верно пресликав неколку разговори од моето детство, бидејќи одлично се вклопуваа во содржината, а и не сакав да бидат бидат заборавени. Вака вечно ќе лебдат во литературниот етер.
* Користите терминологија која не ретко треба или се очекува да биде и научно поткрепена. Дали при подготовката на контурите на дејствието, треба да се помине низ истражувачки процес?
– Секогаш се трудам тоа што го пишувам да биде издржано, барем во основните граници. Особено техничките детали. Сакам да импровизирам, но и тоа е во некои мои внатрешни, дозволени граници. Самиот знам до каде можам да одам. Не од страв дека напишаното би било нелогично, неостварливо, нереално, туку, за мене дури и нешто полошо, дека би можел да навлезам во водите на фантазијата, од која толку силно се трудам да се дистанцирам.
Само една капка, само еден допир во тие води и научното од фантастиката засекогаш ќе исчезне или ќе остане да лебди како Дамоклов меч.
Ако сакате подобро да сфатите на што мислам, прочитајте ги научнофантастичните остварувања на Кристофер Паолони, автор кој првенствено се проби со пишување епска фантастика („Првородениот“, „Ерагон“….)
Неговиот обид да напише научнофантастично дело беше повеќе од успешен, но слободата која претходно му ја давала епската фантастика се провејува низ целата содржина. Човекот едноставно не се заморува со некои работи, додека тоа му дава простор да се посвети на други.
Накратко: Истражување – да! Издржаност – да! Обилност – не! „Тупење“ со научни факти – не! Таа генерација (мислам на Артур Кларк и другарчињата) одамна е замината и ние го имавме луксузот да уживаме во науката која тие ни ја презентираа. Новата генерација нека стави свој печат, па макар тој бил и во делот на поголема забава. Денешната читачка публика сака забава, не тупење со нешто кое би можеле да го изгуглаат за неколку секунди и за исто толку да го заборават.
* Во разговор со повеќе ваши фанови и сега веќе верни читатели, но и според реакциите на социјалните мрежи, оценките се дека вашите дела би било прекрасно да доживеат и екранизација, пример на Нефтликс. И јас го делам истото мислење. Дали сте размислувале да ги понудите вашите дела на потенцијални продуценти?
– Еднаш се заинтересирав да ги понудам, но самата постапка беше потешка и покомплицирана отколку да се напише ново дело. Милам дека и во „Сага за Тројство“ и во серијалот „Последна граница“, особено во него, има материјал за неколку сезони висококвалитетен ТВ серијал, без разлика кој би се заинтересирал да го екранизира.
Убавината во една екранизација е во тоа што, освен што претставува успех за самиот автор, туку претставува и можност плодот на неговиот труд да допре и до оние кои не читаат. Да го оставиме тука на страна скршнувањето од книгите, следењето на „филмот“ на режисерот, прилагодувањата кон публиката, „Ама не беше вака во книгите!“- моментот и слично.
* Ваша оценка, дали Македонија има навика за читање?
– Дефинитивно има. Луѓето сакаат да читаат. Барем добар дел од нив. Е сега кој вид на литература… Тоа е навистина тензично прашање. Тука се најмногу во игра издавачките куќи, особено оние пофлексибилните, потоа тука се во игра и социјалните мрежи кои наголемо знаат да влијаат врз изборот и на крај самиот читател.
Мал дел од нив навистина знаат што сакаат да читаат, останатите само се препуштаат на водотекот и оставаат околината (читај: издавачките куќи и ФБ групите) да го диктираат нивниот вкус.
* Дали нашиот македонски пазар има издавачки куќи кои знаат да препознаат талент и дали има интерес за издавање романи со НФ содржина?
– Ова е тема за која би можел да проповедам надолго и нашироко и на крај повторно да не извлечеме никаков заклучок. Да се обидам да елаборирам вака: во Македонија од периодот по Втората светска војна до денес се издадени помалку од 40 книжевни дела со научнофантастична содржина. Половина од нив спаѓаат во литературата за деца, додека најголемиот дел од онаа НФ литература наменета за повозрасната читачка публика е издадена во последните десет години.
Издавачките куќи се грижат најмногу за својот опстанок и ќе им дадат шанса на сите доколку на било кој начин го помогнат истото. Значи доколку сметаат дека ќе им се исплати тогаш – да.
Читачката публика, особено онаа која е заинтересирана за овој жанр е премногу мала, едноставно нема критична маса на читатели којашто би влијаела врз издавачите да издадат дело со НФ содржина, без разлика дали се работи за домашен автор или превод. Видете кои преводи на НФ ги имаме? Освен Станислав Лем, кој е релативно присутен последниве години? „Одисеите“ на Кларк? “Дина“ од Херберт? Нешто од Бижол? Нешто од Легвин? Ќе ги прашате зошто нема и со право ќе ви одговорат: „А, за кого?“. За 40, 50, 100 читатели? За да ја продаваат под цена на Саем само колку да се отарасат од нив?
Со други зборови, колку и да звучи клише, читателите го добиваат она што го бараат. Сакате лесна литература во форма на незадолжително трилерче или љубовна приказна со корица со набилдан тип без маица? Повелете! Сакате литература која нема да ве оптоварува, но сепак ќе бидете фенси и читачи пред останатите? Повелете! Како во семкарница да се одлучувате помеѓу сончоглед и кикирики…
На крајот, македонската НФ сцена ќе остане во рацете на неколкумина ентузијасти кои ќе се мачат да врзат крај со крај…
* Кога би имале можност да го промените светот, од каде би почнале?
Секогаш велам дека секојдневно го менувам во моите дела, но тоа е лага. Не го менувам, ниту се обидувам, туку само ги предвидувам паралелните реалности кои би произлегле од извесно дејство („сторување, несторување и трпење“ – да се изразам правнички).
Всушност, сакам да стојам како нем набљудувач од страна и да го бележам секој настан, чекор, дејство… и да анализирам, предвидувам каде ќе нѐ одведат истите. Сегашноста е нешто што треба да се издржи, нешто минливо, нормално… Но, да се предвиди, па макар и со извесна грешка, каква иднина ќе произлезе од тоа, е тука е вистинскиот предизвик.
* Можна ли е живејачка во Македонија од пишување?
– Ме прашувале и претходно и секогаш го давам истиот одговор. Само од пишување – не!
Едноставно немаме критична маса, количина на читателска публика за да направи поголема разлика, па макар тоа било и на контото на еден автор.
Во некоја поголема држава, каде читателското лоби се брои во милиони и има поданици на сите литературни жанрови, можеби, Но тука? Каде што и самите издавачи и самите автори едвај врзуваат крај со крај и како за дожд во пустина се молат за средства од Министерството за култура? Не. Во некој паралелен Универзум можеби, но тука не.
Разговараше и фотографираше: Мирче Котевски